Изложба на големите јапонски мајстори за дрворези ќе биде претставена во Прилеп

Покана за отворањето на изложбата во Прилеп

Во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп на 29 март, во 13 часот, ќе биде отворена изложбата на големите јапонски мајстори за дрворези „Јапонскиот лебдечки свет – Укијое“, што го отсликува светот од 17 и 18 век.

Изложбата насловена „Јапонскиот лебдечки свет – Укијое“ ќе биде претставена во рамки на проектот за соработка помеѓу ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, Амбасадата на Јапонија во Македонија, Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“ – Скопје, Музеј на град Скопје и неформалната мрежа на музеи „Музеум Линк“ – раководена од Јасминка Намичева, кустос советник.

Изложбата е по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Јапонија и Македонија. Ќе биде организирана и цртачка работилница за ученици, од која по завршувањето на циклусот патувачки изложби, ќе биде организирана изложба од ученичките цртежи.

Преку 30 копии-принтови од цртежи од најпознатите јапонски мајстори на дрворези од 17 и 18 век, до публиката ќе допре шармот на „светот кој лебди“ кој е, всушност, отслик на подемот на трговската класа во градот Едо (денешно Токио) во периодот од раниот 17 век, и нивната хедонистичка филозофија која ги поддржува моментните задоволства на животот, при тоа славејки ја убавината на природата преку претставите на месечината, снегот, црешовиот цвет или јаворовиот лист.

Раскошните квартови во Едо, во кои самураите и граѓаните ја сочинувале новата градска класа, која се натпреварува во елеганцијата и рафинираниот вкус, стануваат неисцрпна тема на дрворезите на Укијое-мајсторите.

На изложбата се претставени најзначајните мајстори на Укијое, Хишикава Кишибеи наречен Моронобу, кој во раниот 17-ти век бил првиот сликар кој започнал со Укијое-дрворези на кои портретирал енергични жени од Едо, полни со живот, наспроти дотогашните портрети на неприродни и кршливи ликови.

Златното доба на оваа графичка практика, од доцниот 17-ти и 18-тиот век, е претставено на изложбата преку делата на Тори Кијонага и Китагава Утамаро, како и преку неколку дела на прочуениот Шараку, кој ги портретирал актерите од кабуки-театарот. Неговите оригинални дела се прогласени за културно наследство на Јапонија од исклучителен интерес.

Вниманието на Европа кон Укијое-уметноста било за првпат свртено со претставувањето на јапонски принтови во 1867 година на Интернационалната изложба во Париз, по што особено големо влијание остава врз раните импресионисти, меѓу кои Мане, Моне, Дега, Тулуз-Лотрек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот