Изјавата на Помпео наиде на негативни реакции во Палестина, а позитивни во Израел

Фото: EPA-EFE/SHAWN THEW

Портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас, Набил Абу Рдене синоќа ја осуди изјавата на американскиот државен секретар Мајк Помпео дека САД го омекнуваат ставот за изградба на израелските населби во окупираниот Западен Брег.

– Американската администрација го изгуби кредибилитетот да има каква било иднина во мировниот процес, рече тој, додавајќи дека тоа е нелегално според меѓународното право.

Од кабинетот на Нетанјаху, одлуката беше поздравена со коментар дека промената на политиката претставува „коригирање на историската грешка” во врска со населбите.

– Оваа политика ја отсликува историската вистина дека еврејскиот народ не е странски колонист во Јудеја и Самарија (израелски имиња за Западниот Брег)”, се вели во соопштението.

Ривалот на Нетанјаху, Бени Ганц, исто така, ја поздрави најавата на Помпео, велејќи дека тоа покажува цврст став за Израел и посветеност на безбедноста и иднината на целиот Блискиот исток.

По вчерашната изјава на Помпео за омекнување на американскиот став за израелските населби, тој го отфрли правното мислење на Стејт департментот од 1978 година според кое изградбата на населби на окупираните територии не е во согласност со меѓународното право.

Според него, администрацијата на Трамп смета дека правните прашања за населбите се прашања на израелските судови.

– Тешката вистина е дека никогаш нема да има правно решение за конфликтот и дека аргументите за тоа кој е во право, а кој греши, како прашање од меѓународното право, нема да донесе мир, вели Помпео.

Правното мислење за населбите од 1978 година е познато како Ханселов Меморандум и се заснова делумно на Жeневската конвенција за забрана на населување цивили во окупираната територија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот