Избори на 5 јули за да се „решат“ и Наќе Чулев и корона-кризата

Поради заштита изборите се решение, а датумот е завршена работа, тие ќе се случат на 5 јули за да добиеме функционална влада. Проблемите што ги прави Наќе Чулев мора да ги оставиме зад нас – рече Заев.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вчера најави дека изборите ќе случат на 5 јули за да се стави крај на проблемите што ги прави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, а партијата повторно го обвини министерот дека врши саботажа на борбата со коронавирусот затоа што по негов налог полицијата не ги казнува несовесните граѓани што го загрозуваат јавното здравје.

– Поради заштита изборите се решение, а датумот е завршена работа, тие ќе се случат на 5 јули за да добиеме функционална влада. Проблемите што ги прави Наќе Чулев мора да ги оставиме зад нас. Нема нови аргументи за нови економски мерки, а со тоа ни оправдување за нова вонредна состојба. Затоа изборите ќе бидат 22 дена по завршување на вонредната состојба – рече Заев.

Тој додаде дека сите нови бројки на заразени се од времето кога имаше полициски час и дека  смета дека оти таа рестрикција не треба повторно да се воведе, затоа што вирусот ќе трае и во 2021 година и затоа сите треба да ги почитуваат мерките за заштита. Заев го обвини Чулев дека дозволил непочитување на мерките и препораките и со тоа го загрозил здравјето на граѓаните.

– Овие денови ги гледаме последиците од оваа неодговорност, имаме нов број новозаразени од вирусот. Но, здравствените институции имаат капацитет и ќе се справат со оваа ситуација – рече Заев.

Функционери на МРВ си пишуваат писма

Серијата меѓусебни обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој е виновен што се шири коронавирусот трае со денови, при што опозицијата ја обвинува Комисијата за заштита од заразни болести дека е испартизирана и бара да биде сменета, а СДСМ го обвинува Чулев дека наместо да ги заштитува граѓаните, го штити „својот шеф Христијан Мицкоски“ и бара негова смена преку победа на избори.

Вчера директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски им одговорил на началниците што застанаа во одбрана на министерот Чулев дека „треба да постапуваат професионално на дело наместо да испраќаат политички пораки“.

– Излезете на терен и заедно со полицајците спроведете ги мерките за заштита што се од интерес на сите нас. Издигнете се над партиските повици и задржете го професионалниот, но пред сѐ личниот интегритет и заштитете ги граѓаните од кои сите ние сме платени. Во изминативе три години довербата во полицијата порасна и сега сме им најпотребни на државата и на граѓаните, да не ги разочаруваме – изјави Тасевски за Нова ТВ, откако во јавноста беа објавени изјавите на началниците на СВР Скопје, Штип, Охрид и Струмица.

Прозивките во јавноста траат неколку денови. Првин Чулев на Фејсбук напиша дека сомнежите  дека полицијата не постапувала соодветно, треба да се упатат до директорот на БЈБ Тасевски и од него треба да се бара одговорност.

„Заштитата на здравјето, не е политика. Тоа е оперативно постапување на полицијата што е во целосна надлежност на директорот за јавна безбедност, факт кој тој во неколку телеграми го потврди и потенцира“, напиша Чулев, по што Тасевски во изјава за Нова ТВ завчера го искритикува Чулев дека врши партиски притисок врз полицијата.

– Само ќе го потсетам на неговите изјави дека полицијата нема да казнува и затоа храбро нека се  соочи со последиците од таквите негови изјави. Началниците назначени од него се срамат од своите постапки и се борат со нивниот професионализам од една страна и партискиот притисок од Чулев од друга страна – одговори меѓу другото Тасевски.

На ова реагираа началниците на СВР Скопје, Штип, Охрид и Струмица, кои побараа извинување од Тасевски. Началникот на СВР Скопје, Ристо Ставревски, напиша дека министерот Чулев дава поддршка за неселективната борба против криминалот, а началникот на СВР Штип, Александар Николов, напиша дека е Чулев пожртвувано се бори за правата на полициските службеници. Началникот на СВР Струмица, Васил Тодоров, напиша дека Чулев секогаш се залагал за целосно почитување и спроведување на законот, а началникот на СВР Охрид, Илија Милески, ги отфрли како неточни наводите на Тасевски.

СДСМ: Чулев врши саботажа на борбата со коронавирусот

СДСМ вчера обвини дека новозаразените дошле во допир со коронавирусот во време кога не беа олабавени мерките.

„Полицијата предводена од Чулев не ги казнува лицата што не почитуваат самоизолација, не ги казни оние од литијата во Струга, навивачите пред црквата Свети Спас, учесниците во орото во Чаир, граѓаните што не носат маски и не почитуваат дистанца. Чулев, наместо да ги заштитува граѓаните, го штити својот шеф Мицкоски, кој и самиот ги прекршуваше мерките и задолженијата. Ништо не може да го заштити здравјето на граѓаните повеќе од целосно функционални институции со полн легитимитет од граѓаните, ослободени од политички кочници и калкулации на ВМРО-ДПМНЕ, која се однесува крајно деструктивно во текот на целата пандемија“, порача вчера СДСМ.

Мицкоски во саботата рече дека Наќе Чулев е професионалец што спроведува одлуки од Владата и им порача на СДСМ „да бидат внимателни во нападите кон припадниците на МВР“,

– Пред сѐ, затоа што тоа е напад на 10 илјади припадници, кои пожртвувано и храбро беа на улиците кога ограничувањето на движењето на граѓаните беше во сила, одржувајќи ред и мир и ризикувајќи ги своите животи. А само ќе потсетам и на редицата други предизвици за овие луѓе кои 66 дена беа во првата линија во борбата против ковид-19 –  рече Мицкоски и го обвини Заев дека за добие албански гласови, сакал да провоцира проблем со полицијата за време на Рамазам Бајран и дека врши политизацијата на литијата во Струга.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот