Исправање „криви дрини“ со предлози за патни исправи

Патна исправа, пасош/ Фото: ЕПА

Пратениците во Собранието утре ќе го разгледуваат предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за измени на Законот за патни исправи, со кој се предвидува рокот на пасошите со старото уставно име Република Македонија да се продолжи до крајот на оваа година. Пратеникот Антонијо Милошоски вели дека очекуваат пратениците на СДСМ и на ДУИ да ги поддржат предложените измени на Законот и да го продолжат рокот на старите неистечени пасоши, исто како што беше продолжен рокот за важност на возачките дозволи.

– Текстот на овој предлог-закон е краток и се бара наместо до 12 февруари, пасошите да важат до 31 декември 2024 година. Очекуваме пратениците од власта да бидат разумни и да им излезат пресрет на граѓаните за да се расчисти овој хаос што владее сега со личните документи – рече пратеникот Милошоски за „Слободен печат“.

СДСМ нема да го поддржи предлогот

Според изнесените ставови на СДСМ и на ДУИ, овој предлог нема да помине, затоа што петгодишниот рок за замена на документите со новото уставно име – Република Северна Македонија – кој заврши на 12 февруари, е дел од Преспанскиот договор, а меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон.

– Според информациите што ги добивам, тој закон нема да ги реши проблемите и е спротивен на членот 118 од Уставот, во смисла на тоа дека меѓународните договори се дел од внатрешниот правен промет и фактички не можат да се менуваат со друг закон – рече вчера претседателот на Собранието Јован Митрески.

Тој најави дека ќе го надополни дневниот ред за денешната 145 седница со овој предлог-закон.

И пратеникот од СДСМ Мартин Костовски денеска рече дека „нема да го поддржат она што е во спротивност со државата и со меѓународните договори“.

– Тоа е невиден политички памфлет. Тоа е невиден волунтаризам од ВМРО-ДПМНЕ и замајување на јавноста, токму како што се однесуваат сите овие четири години. Со вака предложен закон, ние имаме конфликт со Преспанскиот договор и непочитување на членот 118 од Уставот. Ако сакаме да најдеме решение, ајде да зборуваме како да направиме подобро да работи Панче Тошковски, како подобро да ги унапреди службите и реално да се надминат проблемите – рече Костовски.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ веќе две недели речиси секојдневно повикуваат со измени на Законот за патни исправи да се продолжи рокот на пасошите. Тие овој Предлог-закон го поднесоа на 12 февруари, на денот кога истече важноста на пасошите и на возачките дозволи, а на дневен ред во Собранието тогаш беа ставени само измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, со кои се продолжи важноста на возачките дозволи. Власта тогаш појасни дека возачките дозволи се документ за внатрешна употреба и затоа им ја продолжила важноста, ама пасошите се документ за надворешна употреба и тие, според Преспанскиот договор, престануваат да важат по пет години.

Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски интеграции / Фото: “Слободен печат” / Драган Митрески

Првиот вицепремиер Бојан Маричиќ вели дека важноста на возачките дозволи беше продолжена за да се намали притисокот и сите да имаат време да ги променат, но законот за пасошите не може да се промени.

– Во трка за евтини политички поени и министерот за внатрешни работи и други претставници на опозицијата создаваат непотребна конфузија кај граѓаните. Секој што патува надвор од државата треба да има нов пасош, а оние што живеат во други држави, препорачливо е да користат патни листови за враќање во дома. Тоа е поправилно, бидејќи ако одат со автомобил, не може да се предвиди каде може некој да направи проблем за стариот пасош – рече Маричиќ.

Тој додаде дека треба да се гледа од аспект на граѓаните, а не политички опортуно за да се носи нов закон за продолжување на важноста на пасошите, бидејќи тоа не го решава проблемот.

– Тоа ќе внесе дополнителна и поголема правна несигурност и може да ги внесе граѓаните во поголеми проблеми, дополнителни трошоци и непријатности на граничните премини. Во моментот немаме официјално известување од ниту една членка на ЕУ дека може да се патува со стариот пасош. Црна Гора извести дека нема да дозволи патување со стари документи. Други земји може на лице место да се повикаат на тоа. Зошто да ги оптоваруваме граѓаните да се соочуваат со проблеми? Сè да зависи од смената на граничниот премин – рече вицепремиерот Маричиќ во гостување на „Телма“.

Грција: Имавте доволно време од пет години

Маричиќ рече и дека Македонија никого не известила дека нашите патни исправи не важат по 12 февруари, туку едноставно стапиле на сила роковите од Преспанскиот договор. Претходно, и министерот за надворешни работи Бујар Османи објасни дека земјава нема обврска да ги известува државите во светот дека пасошите не важат по 12 февруари, ама тоа го сторила Грција со нота и секоја држава посебно ќе одлучува за ова прашање.

Досега Министерството за надворешни работи (МНР) нема издадено список за граѓаните точно да знаат кои држави нема да им прават проблеми доколку патуваат со пасоши со старото име, туку информациите доаѓаат една по една. Последна таква информација е дека Австрија и Хрватска имаат разбирање за проблемот со патните исправи, па македонските граѓани непречено можат да го остваруваат правото на слободно движење во овие две земји со старите пасоши со името Република Македонија, а кои се со валиден рок.

Од Македонија, пак, не може да се излезе без нов пасош, но може да се излезе со важечка лична карта со старото уставно име и со овој документ да се патува во Србија, Косово, Албанија и во Босна.

Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис повторно рече дека земјава имала доволно време од пет години за да ги смени личните документи во согласност со Преспанскиот договор.

– Нашите односи со Северна Македонија се наоѓаат на исклучително задоволително ниво, билатералните односи се развиени во последните пет години многу повеќе во споредба со претходните 15 години и се наоѓаат во континуирана динамика, но мора да бидеме јасни дека придржувањето кон Договорот од Преспа ќе треба да биде строго и целосно, за да можеме да разговараме на исто ниво – рече Герапетритис во грчкиот Парламент.

Тој повтори дека Договорот од Преспа е меѓународен договор, што не може да се измени од никоја од страните и посочи дека грчката Влада внимателно го следи спроведувањето.

– Приспособувањето на патните исправи е поврзано со петгодишниот технички преоден период што го имаше соседната земја. Имаше можност во периодот од пет години да ги направи потребните прилагодувања, како во однос на патните исправи, така и во однос на регистарските таблици на приватните возила. Ова до денес не е завршено, не поради одговорност на Грција, туку не е завршено бидејќи имаше бирократски, организациски или други проблеми од страна на Република Северна Македонија – рече Герапетритис.

По истекот на рокот – 12 февруари, околу 650.000 граѓани останаа без нови пасоши поради лоша организација во МВР и поради ненавремено обезбедување доволно обрасци. Вицепремиерот Маричиќ информираше дека досега се издадени околу 1.350.000 пасоши, овој месец пристигнале 300.000 обрасци, а во јуни уште 300.000, па се очекува до септември да бидат издадени вкупно 1.900.000 пасоши со новото уставно име.
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека дневното производство на пасоши ќе се зголеми на 3.300, а месечно ќе се печатат по 75.000 пасоши.

ЛДП: Пасошите да важат до истекот на важноста, но со печат на Северна Македонија

И пратениците на Либерално-демократската партија (ЛДП) предлагаат дополнување на Законот за патните исправи, информираше партијата.

– Предложените дополнувања се насочени кон унапредување на патните исправи и дефинирање на јасни правила за државјаните, при што ќе се овозможи непречено движење на граѓаните надвор од границите и повторно враќање со поседување на валидна патна исправа, односно патна исправа што содржи печат на Република Северна Македонија со која државата го потврдува идентитетот на лицето и важи до истекот на рокот на важноста на патната исправа – појаснија од ЛДП.

Според ЛДП, оваа иницијативата е мотивирана од потребата за доследно почитување на уставно загарантираните права на слобода на движење.

– Сметаме дека патната исправа што важи како потврда со која државата гарантира за идентитетот на нејзиниот сопственик може да биде валидна и со печатот Република Северна Македонија до истекот на рокот на нејзината важност, а потоа да биде соодветно заменета на нов образец. Сметаме дека со ова не се нарушува Преспанскиот договор – велат од ЛДП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот