Искрено со Викторија Јаначковиќ: Родив ќерка, но не се мажам, таткото не е од овие простори

Фото: Приватна архива

Викторија Јаначковиќ, една нашите најпознати манекенки и некогашна кандидатка за Мис на Македонија, која одамна не е активна во модниот свет, на социјалните мрежи изненади со веста дека станала мајка. Слатката Никита е родена на 26 јануари, а Викторија вели дека само најблиските знаеле за нејзината бременост. Јаначковиќ, која е по професија стоматолог, одлучила самата да се грижи за ќерката, за неа бракот не е никаква гаранција за љубов. Зад себе има еден брак во времето кога живееше во Англија, а за таткото на Никита вели дека не е од овие простори. Викторија искрено, за „Слободен печат“ раскажува за својот нов животен ритам откако ѝ се роди ќерката, но зборува и на многу други теми кои досега не ги кажала во јавноста.

Фото: Приватна архива

На социјалните мрежи изненади со веста дека стана мајка, многумина не знаеа ниту дека си бремена. Кога се роди твојата ќерка, како се вика?

– Многу ми е антипатично кога една јавна личност ќе почне да излегува од „фрижидер“ поради нејзината бременост. Во бременоста не бев воопшто поразлична од другите жени. Прескокнав дегутантен дел со гол стомак и сликање на истиот. Со самото тоа, ретко кој освен моите најблиски и неколку пријатели знаеа што се случува. На 26.01.2023 се роди Никита, девојче.

Колку е тешко или е, пак, полесно за една жена да се реши за мајчиноство во четириесеттите години како во твојот случај?

– Од кога се случи Никита, многу пати за овој краток период кажав, „тууу како не станав пет пати мајка од 25 години па до сега“. За жал, ќе бидам искрена, имав патолошки страв од самото породување,„се простував од него“ што е необјасниво, бидејќи како за мене така и за сите жени, но не можев никако да се справам со стравот. Деветте месеци ги поминав во движење и работа, и не придавав многу значение на тој процес и правев сѐ контра од она што докторите ми го кажуваа. За среќа, тоа немаше никакви реперкусии врз Никита. Жива, здрава и права се роди. Топло препорачувам на сите идни мајки, секако доколку немаат прблематична бременост, да не се лигават и да си го слушаат своето тело што им кажува. Што се однесува до самите години и мајчинство, во истите не гледам никаков проблем, дури и мислам дека имам повеќе трпение и мудрост за сето она што доаѓа, од порано. И така се чувствувам физички и психички како 25-годишна, така што ништо не ми е проблем.

Фото: Приватна архива

Во претходен разговор ми раскажа дека реши самата да се грижиш за Никита, секако со помош на твојата мајка и најблиските. Ќе биде ли таткото на Никита, сепак, вклучен во оваа приказна?

– Многу луѓе ме прашаа „а кога се омажи по вторпат“. Мене ми е тоа смешно, затоа што хартија од тој вид не ми е доказ дека некој би бил одличен татко. Знам многу примери каде што таткото е на хартија и, за жал, само на хартија. Не се омажив, и не планирам и тој вид на припаѓање ми е надминат. Таткото на Никита, за среќа, не е од овие простори и среќна сум поради тоа.

Јавноста за тебе знае дека по професија си стоматолог, а позната стана во времето кога беше активна во модниот свет. Што работиш сега?

– Никогаш не сум се пронаоѓала фиксно само во стоматологија. Јас сум екстровертна личност и мразам да молчам. Стоматологија е баш тоа. Јас зборувам, ти молчиш. Нема реакција. Освен на болка. Здодевно. Работам и тоа, но и една сосема друга работа поврзана со комуникација, каде што сум дел од еден најдобар тим. Таква колегијалност е реткост во денешно време.

Фото: Приватна архива

Ти си активна и динамична личност , колку секојдневието со ќерката те смени, како сега ти поминува еден обичен ден?

– Неверојатно е чуството да си мајка. Не би имала вистински збор како да опишам. Тоа е една посебна љубов неспоредлива со која било друга. Не верував кога ми кажуваа, и најчесто превртував очи кога ќе слушав. Имајќи предвид дека сум „тазе“ мајка, ништо не ми е тешко, освен што ми треба едно 2773738 сати сон. Таа е многу златно бебе, и се буди само кога е гладна или треба да се пресоблече. Имам повеќе енергија од кога било, и ништо не ми е тешко. Апсолутно сѐ правам самата. Ми помага мајка ми, но не сакам никому да давам обврски. Никој не е должен.  Чекам да излеземе со Никита по одреден период, и да дише некој убав воздух. Да, ветувам нема да се прибереме дома.

Имаш еден брак зад себе, во периодот кога живееше во Англија. Веруваш ли за секоја жена постои само една вистинска љубов или сите имаме право на повеќе избори?

Воопшто не мислам, пред сѐ, дека се мажиме и жениме за најголеми љубови. Просто е тоа момент кога пеперутките работат на некоја друга фреквенција и истата нема врска со реалноста. Имаме право да сакаме и правиме избори кога и да посакаме. Без ограничувања. Оно што ми било поим за љубов пред 20 години или 10 сега ми е смешно. Сега љубовта за мене е партнерство и другарување, убави моменти и слични ставови. Никакви пеперутки, отсекување на нозе и слични небулози. Не признавам женска зависнот од спротивен пол.

Фото: Приватна архива

Какви спомени носиш од времето кога беше кандидатка за Мис на Македонија, има ли ангажман кој пак би те натерал да се вратиш во светот на модата?

– Времето кога работев беше еден прекрасен турбо период, каде што бевме на иста бранова должина со креаторите. Многу сум благодарна на сите за сите ангажмани кои ги имав речиси секој ден. Пробував да оставам личен впечаток кој ја поврзува убавината и физикусот со интелектуалното и содржината. Сѐ уште стојам на ставот, дека не можеш да си глупава и убава и обратно. Можеш секако, но си бледа копија на повеќето жени од тој свет.

Фото: Приватна архива

Во една прилика изјави: Викторија или ја сакаш или не, што мислиш зошто мажите и зошто пријателите те бираат токму тебе?

– Не сум личност која е „слатка, мила и фина“. Кај мене оди прво мој став, па потоа моите нозе и лице. Тоа глупавите не го препознаваат, а интелигентните се справуваат. Така е и со пријателите и со мажите во мојот живот. Жена која мисли дека е убава вели дека е и паметна, а жена која мисли дека е паметна кажува: „Умеам да бидам и убава“. Кога непознати ми се приближуваат секако дека сакам да слушнам комплимент за својата убавина. Кога непознати преминуваат во познати сакам да слушнам комплимент за својата интелигенција. Кога ми се додворува глупав маж не сакам да каже дека сум паметна, кога ми се додворува паметен маж не сакам да ми каже дека сум убава, а не сакам ни кога ќе ми кажат – ти си убава.

Повеќе интервјуа на Милица Џаровска:

Искрено со Игор Џамбазов: Со Илина не сме веќе заедно, далечината си го направи своето

Интервју со Сузана Турунџиева: Уште живеам под кирија, моите ќерки не добиваа ни алиментација ни пензија

Интервју со Дарио: Зборови отровни се како страшни шумски пожари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот