Ирена Спировска: Ако држите диети ќе изгледате добро облечени, но ако спортувате ќе изгледате одлично и кога сте без облека

Фото: Приватна архива

Позната по својата едноставна префинетост, таа е пример за жена која изгледа одлично како однадвор, така и однатре.

Ирена Спировска, освен што може да се пофали со својата харизма и шарм, и нејзиниот изглед е на завидно ниво. Убавата фигура ја одржува со правилна исхрана и редовна физичка активност, најмногу со планинарење, кое стана неизбежен дел од нејзиниот живот.

Фото: Приватна архива

За ваквиот изглед сигурно играат улога и гените, но и посветеноста на Ирена на здравиот начин на живот – балансирана исхрана и физичка активност. Можеби ќе помислите дека за ваков изглед е потребно многу труд, напор и откажувања, но Ирена ќе ве разувери во тоа, сѐ додека тоа што го правите, го правите со љубов кон својата душа и тело.

Овојпат со убавата водителка разговаравме за исхраната, за тоа дека секој организам е приказна за себе и дека не постои единствена формула во врска со исхраната која треба да се следи. Најважно е да уживате во здравиот дух и тело.

Секојдневен утрински ритуал

На Ирена денот ѝ започнува со ритуал кој е здрав и ѝ обезбедува доволно енергија за обврските во текот на денот.

– Секојдневен ритуал ми е наутро да се напијам чаша вода со Хербалајф алое вера, а потоа подготвувам и пијам смуди од сезонско овошје во кое најчесто додавам ленено семе и чија, понекогаш додавам и растителен протеин. Дури потоа го пијам првото утринско кафе (кафето го пијам без шеќер, но му додавам оризово млеко). Во текот на претпладневните часови за ужина јадам јаткасто овошје, а ако почувствувам желба за благо, јадам црно чоколадо.

Ирена долги години е вегетаријанка, па следствено на тоа и нејзиното мени се состои од здрави намирници коишто не се од животинско потекло.

– Вегетаријанец сум, така што ручекот обично ми се состои од салати и јадења како грав, леќа, спанаќ, ориз, одвреме-навреме риба, морски плодови… За вечера најчесто јадам италијански тестенини/паста во комбинација со чаша бело вино – вели убавата водителка.

Како изгледа исхраната на Ирена, дали се храни здраво или, пак, не може да им одолее на убавите, но калорични јадења и деликатеси?

– Заради вегетаријанскиот начин на исхрана на моето мени доминираат овошјето и зеленчукот, освен тоа, се трудам да пијам многу вода, не пијам газирани сокови, а млечни производи консумирам во ограничени количини. Од слатките деликатеси слабост ми се штрудла со јаболки, сладолед и баклава – додава Ирена.

Противник на диетите

Што се однесува до држењето диети, Ирена е категорична во тој поглед. Таа е противник на диетите, за што има и вистинско објаснување.

– Никогаш не сум држела диета, сметам дека здравата и избалансирана исхрана е многу подобар начин да се одржува линијата отколку наменските диети кои најчесто даваат само привремени резултати – вели Ирена.

Наместо на исцрпувачките диети, Ирена за здрав организам и убаво тело, предност секогаш ѝ дава на физичката активност. Познато е дека нејзина пасија е планинарењето, па затоа секој слободен миг го користи да се искачи на некоја планина, врв, со што си пружа благодат и на душата и на телото.

– Физичката активност е многу важна за благосостојбата на организмот на секој човек без разлика на возраста што ја имаме. Спортот придонесува да бидеме витални, да имаме добра кондиција, а притоа ни помага и да изгледаме добро. Омилен начин на рекреација и трошење калории ми е планинарењето – вели водителката.

Фото: Приватна архива

Дали Ирена има некој трик или совет за мотивација за физичка активност и за правилна исхрана?
Ирена вели дека постојат две девизи коишто ги почитува:

– Не е важно колку јадеш, туку што јадеш.
– Ако држите диети ќе изгледате добро во вашата облека, но ако спортувате ќе изгледате одлично и кога сте без облека.

Што претставува храната за Ирена и како таа ја доживува?

– Храната може да биде лек, но и отров за телото. Од нас зависи дали преку храната ќе му дадеме сила и енергија на нашето тело или ќе го обремениме со непотребни маснотии, калории и штетни состојки – вели Ирена.

Што се однесува до тоа која храна односно јадење ѝ е омилено, на прво место на нејзиното мени се секогаш салатите.

– Ги обожавам салатите и можам да ги јадам во неограничени количини. Сакам необични комбинации во кои може да додадете разни семња, суво овошје, јаткасти плодови (лешници, бадеми, ореви), тестенини или варени житарки – вели водителката и додава која храна избегнува да ја консумира.

„Избегнувам да јадам леб, месо воопшто не јадам и внимавам да не претерувам кога јадам благо.“

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Секој има некој свој мал ритуал при јадењето, особено кога е главниот оброк во прашање. Кај Ирена тој ритуал е една своевидна традиција за нашето поднебје.

– Секогаш ручекот го започнувам со салата и чашка ракија, тој ритуал ми е поважен и од самиот ручек односно од главниот оброк – заклучува убавата водителка.

Салата од авокадо

Ирена со вас сподели еден од нејзините омилени рецепти. Оваа салата, покрај тоа што е брза и лесна за подготовка, содржи намирници богати со хранливи материи кои брзо согоруваат и во исто време даваат чувство на ситост, па нема да имате налети на глад, а ќе со обезбедите супердоза на витамини и минерали.

Потребни состојки:

– зрело авокадо
– млад кромид
– маслинки
– брокула
– семки од тиква/сончоглед
– ореви
– чија
– магдонос (по желба)
– маслиново масло
– сок од лимон
– зачин провансалски микс

Измешајте ги сите намирници и уживајте во единствениот вкус на оваа салата!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот