Иранскиот генерал кој го посвети животот на одбрана на исламските идеали престојувал и на Балканот

Фото: МИА

Делуваше многу скромно, се забележуваше дека е внимателен со секој изговорен збор. Иако не разговаравме долго, кога дозна дека доаѓам од Хрватска, само го дофрли прашањето: „Каква е ситуацијата во БиХ?“, пишува новинарот Хасан Хаидар Диаб.

Хасан Хаидар Диаб (56) е познат хрватски новинар и воен известувач кој од 1998 година пишува за хрватски „Вечерњи лист“. Меѓутоа, неговата поврзаност со Балканот датира уште од осумдесетите години на минатиот век, кога од родниот Бејрут пристигнал на студии во тогашна СФР Југославија, главно поради улогата на поранешната земја во Движењето на неврзаните.

За време на војните на Балканот, првенствено поради познавањето на арапскиот јазик, патувал низ подрачјата кои биле зафатени од војната, каде направил голем број на интервјуа и репортажи со политичари и бегалци. Со појавата на бегалската криза во Европа по започнувањето на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, стана еден од најстручните соговорници во емисиите емитувани на јавните сервиси ширум земјите на Балканот, но и во Европа.

Еден од неговите соговорници бил и иранскиот генерал Касем Сулејмани, со кој зборувал во два наврати, во 2016 и 2017 година, за што пишува во авторскиот текст објавен на „Вечерњи лист“.

Тогаш, Сулејмани му потврдил дека престојувал на Балканот за време на воените судири во деведесетите години на минатиот век.

– Со генералот Сулејмани лично се среќавав двапати во Иран, еднаш во Техеран на конференција во 2016 годинам а вториот пат во градот Машад една година подоцна. Делуваше многу скромно, се забележуваше дека е внимателен со секој изговорен збор. Иако не разговаравме долго, кога дозна дека доаѓам од Хрватска, само го дофрли прашањето: „Каква е ситуацијата во БиХ?“ На моето прашање дали бил во БиХ, Касем ми одговори: „Секако дека бев, но одамна, 1993 и 1994 година. Каде и да им треба помош на муслиманите, јас сум таму“. Кога се разделувавме му реков да се чува, а неговиот одговор беше: „Молете се за мене да загинам како маченик, тоа ми е најголема желба“ – наведува Диаб во текстот.

Диаб потоа се осврнува и на култот на личност на убиениот ирански генерал, односно, на неговите импозантни тактички и борбени стратегии.

– Касем Сулејмани беше најжестокиот борец против калифатот на Исламска држава, а поради тајните мисии кои ги извршуваше го нарекуваа „Џејмс Бонд од Блискиот исток“. Генералот Сулејмани беше присутен во Ирак од американската инвазија во 2003 година, во Либан и на подрачјето на палестинската самоуправа од раните 90-ти години, а во 2011 година доби нова задача: да го запре походот на џихадистите кон Ирак и Сирија. Оттогаш во Дамаск и Багдад беа присутни командантите на силите „Кудс“. Познато е дека често и лично ги водеше воените акции, како онаа кога ја запре офанзивата на исламистите кон Дамаск и онаа кон Багдад. Покрај тоа што ги одбрани овие два града, под негова команда е ослободено целото подрачје на Ал Кусар и големи делови на провинцијата Хомс во Сирија, Алепо и источна Гута – стои во текстот на Диаб.

Тој додава дека благодарение на стратегијата на Касем Сулејмани, сирискиот претседател Башар ал-Асад останал на власт. Откако Исламска држава (ИД) ја преземале контролата во Мосул, Тикрит и низа на други градови, Сулејмани веднаш ја презема командата и најдобрите луѓе на „Кудс“ ги пренесе во Багдад, со што помогна да се одбрани ирачкиот Курдистан и самиот Багдад. Воениот успех против борците на ИД е е постигнат така што Сулејмани и неговите сојузници ја променија стратегијата на војување и во Ирак и во Сирија, на темел на искуството во борбите против советските трупи во Авганистан.

Според разузнавачки податоци, Сулејмани е ликвидиран на враќање од Сирија каде командувал со офанзивата на провинцијата Идлиб, последното упориште на џихадистичките групи. Командантот на иранските сили „Кудс“ целиот живот го посветил на една цел – заштита на Иран и идеалите на Исламската револуција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот