Инвестициски фондови заинтересирани за маслиновите градини во Португалија и Шпанија

Фото Архива на СП

Маслинарите во Шпанија и Португалија се свртеа кон новите технологии за одгледување за да ги подобрат своите приноси, а скокот на цените од почетокот на годината им донесе значително подобар профит, што го привлече вниманието на инвестициските фондови.

Шпанската Бека Фајненс во партнерство со португалската консултантска компанија Болшер го основа првиот фонд за инвестиции во суперинтензивно одгледување маслинки и бадеми.

Шпанската компанија шпекулира со пораст на цените и очекува новиот фонд да генерира принос до 20 отсто, во споредба со првично објавените 11 отсто во период од 10 години.

Иберискиот агробизнис фонд Бека & Болшер ги базираше своите првични прогнози на историската просечна цена на маслиновото масло во Шпанија од 2,70 евра за килограм. Цената на маслиновото масло во Шпанија од почетокот на годината е двојно зголемена на 8,20 евра за килограм, бидејќи производството е преполовено, најмногу поради сушата.

Во некои супермаркети надмина и 10 евра, покажуваат податоците на регулаторот за потрошувачи ОЦУ. Повисоките цени ја намалија потрошувачката во Шпанија и Италија, но не и во САД, објави оваа недела водечкиот светски производител на маслиново масло Деолео. Во поконзервативната прогноза на Бека Фајнанс се наведува дека килограм маслиново масло до крајот на годината ќе чини нешто повеќе од седум евра, дури и да се подобри состојбата со врнежите. Во наредната година според сите сценарија би требало да биде повисока од пет евра.

Шпанија е најголемиот производител на маслиново масло во светот и ги одредува цените. Производителите на маслинки генерално не ги наводнуваат дрвјата, туку се потпираат на врнежите. Наредната година реколтата треба да остане на годинашното ниво поради сушата, оценуваат група производители на маслиново масло.

„Има се поголем интерес за инвестирање во секторот. Земјоделската економија со добар менаџмент е добар бизнис“, рече финансискиот директор на Бека, Фернандо де ла Вега, кој очекува цените на маслиновото масло во наредниот период да бидат повисоки од првичните.

Инвестициите се фокусирани на модерни, суперинтензивни маслинови насади во Шпанија, каде што малите маслинари сè уште рачно берат маслинки и соработуваат за производство на екстра девствено маслиново масло. Канадскиот земјоделски фонд Fiera Comox склучи договор овој месец со Кибус Капитал за купување на шпанскиот производител на маслиново масло Инолива.

„Инвестициските фондови се заинтересирани за модерни маслинови градини кои користат технологија за одгледување маслинови дрвја со супер висока густина“, рече претседателот и извршен директор на Инолива, Хорхе Пена.

Инолива обработува околу 8.000 хектари во Шпанија и Португалија, користејќи технологии што ѝ дозволуваат да засади 2.000 мали дрвја по хектар, во споредба со помалку од 200 дрвја во традиционалните маслинови насади. Исто така, користи паметни системи за наводнување и механичко собирање маслинки.

Фондот Бека инвестираше и во 1.200 хектари маслинови насади во Португалија, каде што обезбедуваше наводнување од вештачко езеро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот