Интервју со Владимир Четкар, џез-музичар: Турбофолкот е непоправлива штета за целиот регион
„Апсолутно не го поднесувам и не го ценам турбофолкот и целиот кич што го опкружува него и со кој се прави непоправлива духовна и културна штета на целиот регион, а особено во Македонија како главното печалбарско место на турбофолкерите.“
Македонскиот џез-музичар Владимир Четкар, кој настапува на сцените низ светот, замина на нова мини-турнеја во САД. Во интервјуто за „Слободен печат“, Четкар зборува за својот живот и кариера, за инспирацијата што ја црпи од родниот Охрид, за врската со публиката, за љубовта, за музичките предизвици и за хуморот што го носи во своите видеа…
Препорачано
Пред заминување на мини-турнеја во САД, одлучи да се искапеш во Охридско Езеро. До кога трае сезоната за тебе? Не ти е студено во овој период од годината?
– Сончевите денови во овој период за мене имаат посебно значење бидејќи како што станува сѐ поладно, тие стануваат сѐ подрагоцени. Пливањето во Охридското Езеро во октомври и ноември е волшебен лек за нервниот систем и по тоа капење те обзема чувство како нешто корисно да си направил за себеси. Има многу убавина во ваков вид капење во свежа и чиста вода, и кој го направил ова, знае за што зборувам.

Кога веќе сме кај Охрид, што претставува за тебе твојот град? Има ли некое посебно место каде што ја полниш душата? Кога, според тебе, Охрид е најубав?
– Каде и да патувам низ светот, Охрид ми е главната станица, а чувството на спокој што го добивам таму е незаменливо. Таму ми поминаа детството и тинејџерските години и таму ми е најблиското семејство. Стариот град со улиците и сокаците, прекрасните византиски цркви и ранохристијански базилики, величествената тврдина со поглед кон езерската шир и околните планини, плажите и кристалното езеро се нешта без кои не можам да си го замислам животот, бидејќи токму таму Господ ми дал душа.
Во април и мај Охрид е прекрасен, бидејќи тогаш може да се види драстична промена на боите во природата. Сѐ расцутува и раззеленува, а пролетните цвеќиња прават вистинско шоу и се благодат за очите. Овој период исто така ми е магичен, бидејќи се чувствува една носталгија во воздухот, која многу ме инспирира. Охрид наесен го доживувам како митот со Персефона таму да се случил. Тогаш ми се чини дека секој момент ќе ја видам Персефона како со калинка во раката се шета низ Лабино и е тажна бидејќи треба да се врати во подземјето кај Хадес и да ги напушти убавините на овој свет.
Ајде малку за музиката. Имаше настап во Скопје пред турнејата во САД. Дали има кај нас публика за џез? Според тебе, доаѓаат ли луѓе што само сакаат да бидат видени или претежно љубители на твојата музика?
– Мислам дека секаде има публика со софистициран вкус бидејќи има луѓе што одбиваат да го следат сосила наметнатиот тренд што масите го прифаќаат без никакво размислување. Јас се стремам да ја допрам и да освојам публиката со подлабоки познавања за уметноста и културата, односно оние што постојано инвестираат во себеси и го збогатуваат својот дух.
Некогаш се случило да влијаам позитивно и врз тие што заталкале на мојот концерт поради каква било причина, но потоа да видат дека имаат голем потенцијал за поинакви начини на забава и да почнат да се интересираат повеќе за уметноста наспроти трендот и кичот што претходно го прифаќале без размислување.

Долго време живееше на релација Македонија – САД, но сега изгледа дека одиш таму само за концертни турнеи. Зошто одлучи, по долги години во Бостон и во Њујорк, да се вратиш дома?
– Од моментот кога заминав на студии во Бостон во колеџот за музика Беркли, јас почнав да живеам номадски живот. Уште оттогаш ми беше сон еден ден да се вратам дома во Македонија од каде што ќе патувам низ светот за концертни турнеи и студиски снимања. Ваквиот мој посакуван начин на живот со еден таков баланс на почетокот беше многу тешко остварлив, но денес, благодарение на многу труд и стремеж, го живеам мојот сон.
Што е она што го имаш тука, а го нема таму?
– Чувството на дом и семејството. Иако сум по природа космополит и ја сакам целата планета со целиот нејзин диверзитет, сепак чувството на припадност ми е најсилно во Охрид и во Македонија.

Често на Инстаграм објавуваш видеа и велиш дека твојот профил не е за луѓе без смисла за хумор. Кога сме кај хуморот, колку лесно можеш да направиш шега на твоја сметка? И од каде ја црпиш инспирацијата за видеата?
– Со објавувањето на овие видеа, почнав сосема спонтано, а инспирацијата ја добивам од моето опкружување. Некои видеа се лесни и блесави, а некои се со критика, имаат подлабока содржина и се тука за да се подзамислиме. Во секој случај хуморот (како и оној на своја сметка) е најубавиот додаток во животот, кој ќе ни помогне поуспешно да се соочиме со проблемите и со предизвиците.
Страст ти се пурите, виното, гитарите… Каде се во оваа комбинација жените?
– Женската убавина за мене е вистинска уметност или, како што реков во едно од моите видеа, таа е „најсовршениот естетски израз на биолошката еволуција или на Божјата промисла“.
Таа низ историјата била инспирација на бескрајна листа на уметници, а секако дека инспирација ми е и мене.

На која песна „кршиш чаши“ во кафеана?
– Искрено не сум скршил чаша во кафеана на ниту една песна освен кога благо поднапиен сум наздравил со чашата малку посилно. Шегата настрана, кафеаната ми е дел од секојдневниот живот кога сум во Македонија и таму сакам да слушам староградски и изворни народни песни како и оние што се компонирани во тој дух. Од друга страна, апсолутно не го поднесувам и не го ценам турбофолкот и целиот кич што го опкружува него и со кој се прави непоправлива духовна и културна штета на целиот регион, а особено во Македонија како главното печалбарско место на турбофолкерите.
Долгата коса ти е заштитен знак. Ќе ја скратиш ли некогаш?
– Не ја негувам нешто посебно, но не би ја скратил. Толку долго време ја имам што веќе како да не можам поинаку да се замислам себеси.


