Интервју со Весна Радусиновиќ, писателка: Хомо балканикусот најтешко го вари чувството на инфериорност

Мажите засекогаш ќе бидат како чоколада. Горчливи, понекогаш преслатки, кршливи, но и кремасти… Ќе остават трага на врвот на јазикот како луто пиперче, горчлив вкус на непцата како бадеми… Ќе ви се лепи за прстите и ќе остава трага на облеката… Но од некои вкусови бргу ќе се заситите, а облеката и рацете ќе ги измиете.

Една од најпродаваните српски писателки и новинарка, Весна Радусиновиќ, својата популарност, која далеку ги надминува границите на земјата во која живее, ја стекна со делата за машко-женските односи, но се наметна и како авторка која ангажирано пишува за драмата на ова време. Моментно е актуелна со новиот бестселер „Оган и мраз“, а веќе го привршува уште поновиот роман, за кој вели дека е уште позачинет и повозбудлив. Личната слобода ја гледа како клуч за успех на секоја врска. Во хармоничен, но никако монотон брак, е со српскиот новинар и публицист, Миломир Мариќ, актуелен уредник на телевизијата Хепи. Меѓу бројните деловни предизвици, во биографијата на Весна Радусиновиќ се впишуваат и незаборавните списанија „Дама“ и „Профил“, кои ги уредуваше.

Во Македонија, нејзин последен преведен роман е „Грешница“, кој провоцира размислување за жените со кои секојдневно се среќаваме и дали нивниот изглед е одраз на нивното вистинско јас.

Самата Весна пак, освен по луцидноста, е препознатлива и по стилот и насмевката.

Што треба да поседува една жена уметница за да остане интересна на книжевната сцена повеќе од три децении?

– Зарем не мислите дека зборовите жена и уметница заедно се најмоќни на светот? Целата комплексност на едно женско битие е тешко да се искаже, а камоли тоа волшепство кога едно такво битие ја поседува и таа магична црта на дланката – уметничката линија на животот – е тогаш целиот свет е нејзин.

Жената уметница веќе со самото свое постоење поседува сè – талент, бесконечна емпатија, романтично и прагматично срце, насмевка и солзи… а, кога умее тоа да го пренесе во зборови и да го вткае во приказна, тоа е вештина рамна на вселенска сила.

Верувам дека сум една од тие жени, оние кои се предодредени да поделат со другите дел од своето битие и така да го направат светот поубав, поинаков, попиток… Ја сум приказна сама за себе, а мојот живот е бесконечен вртлог на случувања, луѓе, приказни и емоции, кои постојано се прелеваат во моите романи. Не поседувам ништо повеќе од самата себе, а тоа е она што е доволно за траење.

Со својата работа и со идеите секогаш се разликувате од другите, што значи денес да се биде поинаква и колкава е цената?

– Поинаков е секој кој не се вклопува во каноните, законите, одредбите, анексите, пасусите…, во правилата на тетките и стрините, во зборовите на свекрвата и во тврдите семејни постулати. А јас сум таква, не сум скроена по мера, туку според обликот на душата, па нема калапи и бројки што ми одговараат. Денес, но и вчера, завчера… Секогаш било опасно да се биде поинаков, да стрчиш од толпата, да не кимаш со главата на сè и сешто и беспоговорно да одобруваш. Но да не сум таква, своја, поинаква, не би била тоа што сум. Таквата себе најмногу се сакам и најмногу се мразам, но и со себе најмногу се гордеам. За цената на таквиот живот не се прашува, таа се плаќа со солзи, насмевки, страдања, љубови… Но со задоволство, зашто единствено таков живот вреди да се живее.

Секогаш било опасно да се биде поинаков, да стрчиш од толпата, да не кимаш со главата на сè и сешто и беспоговорно да одобруваш.

Идејата за слобода Ви е блиска, што значи денес да се биде слободна? Може ли да се биде слободна и покрај предрасудите?

– Во суштина никој не може да ви ја скрати слободата. Ваш и само ваш личен избор е дали ќе ја жртвувате слободата поради страв. А стравот знае да биде опасен. Да се биде слободен значи да се умее да се живее, а не да се живурка. Слободен е секој кој ќе научи себеси да се цени, да се почитува и да се сака. Дури тогаш е слободен да живее.

Не ја сметам слободата за пркос по секоја цена, зашто тоа не е слобода, тоа е хир, тоа е инает… тоа се детски игри. Слобода е да се каже не, да се каже да, и да се излезе од сивата зона на комфорот.

Препознатлива сте по својот стил, дали облеката сепак, ја прави жената? Што забележувате кај денешните жени кога е стилот во прашање?

– Да не се лажеме, облеката е еден сегмент што ѝ дава на жената облик. Оној завршниот дел што ја врамува. Зашто ако имате жена која зрачи со интелект, харизматична, убава и неверојатно способна, а спакувана е во безоблична, згужвана и неуредна облека – сè тоа што има во себе паѓа во вода. Како кога најфината чоколада би ја обвиткале во мрсна и валкана хартија. Не е за јадење и одбивна е, зарем не?

А денешните жени не би ги потценувала, особено на нашите простори. Тие умеат да се носат и со немаштијата и со недостигот на пари, а да изгледаат како милион долари. Тоа е таа мудрост и снаодливост, која секоја од нас ја поседува запишана во гените.

Ако имате жена која зрачи со интелект, харизматична, убава и неверојатно способна, а спакувана е во безоблична, згужвана и неуредна облека – сè тоа што го има во себе паѓа во вода. Како кога најфината чоколада би ја обвиткале во мрсна и валкана хартија. Не е за јадење и одбивна е, зарем не?

Еден од вашите бестселери е насловен „Мажите се како чоколада“, дали сè уште важи дека мажите се како чоколада и зошто?

– Мажите засекогаш ќе бидат како чоколада. Горчливи, понекогаш преслатки, кршливи, но и кремасти… Ќе остават трага на врвот на јазикот како луто пиперче, горчлив вкус на непцата како бадеми… Ќе ви се лепи за прстите и ќе остава трага на облеката… Но од некои вкусови бргу ќе се заситите, а облеката и рацете ќе ги измиете. Така е со чоколадата, но и со мажите.

Колку е важно јавните личности да не бегаат од општествено одговорните теми и колку сте Вие активни на оваа тема?

– Не можете да побегнете од нешто што е реалност за сите нас. Посебно ако сте јавна личност. Затоа што ако не се експонирате, ќе ве прашаат зошто, а ако премногу кревате врева, повторно ќе ве прашаат зошто. Да се искаже искрен став и да се каже тоа што навистина го мислите е тоа што ве одредува како личност. А оние кои ве сакаат, ве слушаат и ве читаат или пак ве гледаат преку малите екрани, ќе знаат дали ги лажете и измамувате. Не ми се допаѓа тој вид на јавно појавување поради формата. Зборувам и пишувам само ако имам што да кажам и ако мислам дека мојот збор ќе има значење во метежот од зборови што се пласираат во медиумите. Темите не ги подредувам по важност, туку по чувство. Зашто подеднакво важно е да се зборува за подготвување на некое јадење, како и за моментната општествена ситуација… Дилемата е само кој попрв ќе се осврне на искажаното. Мислам дека рецептите подобро поминуваат.

Колку сме суштински еманципирани?

– Еманципација. Страшен збор со кој многумина мавтаат многумина. Но, што е суштината? Да одам во шума и да исечам дрва, да ја уловам вечерата и да ја донесам дома? Дали сум тогаш еманципирана или сум, простете – обична лудача? Еманципација е кога ќе сфатите дека потполното преземање на машките работи води кон пропаст, а дека вам не ви е подобро. Кога ќе бидат изедначени платите за исти позиции на мажите и жените, е тогаш ќе бидеме еманципирани. До тогаш ќе носиме вода, ќе пегламе, ќе готвиме…, а тие сè почесто ќе посетуваат маникир, фризер…

Ја сум приказна сама за себе, а мојот живот е бесконечен вртлог на случувања, луѓе, приказни и емоции, кои постојано се прелеваат во моите романи.

Како денес можеме да се избориме против сите форми на насилство над жените, колкава е важноста на позитивните женски примери? Кои се Вашите примери?

– Убаво рековте – против сите форми на насилство, зашто не е насилството исклучиво физичко – шамарите, ќотекот… насиството доаѓа во многу форми. А причината е секогаш само една – чувство на инфериорност кое еден „хомо балканикус“ најтешко го вари. Важно е жената и пред шамарот да сфати дека е загрозена, да научи да ги препознава тие ситни знаци и, што е најважно, да престане да се лаже и да се обвинува себеси за неговите грешки. Важно е жените да не ги премолчуваат модринките, да не ги премолчуваат пцовките, психичката тортура… Да кажат „не“ на таков живот, на таков човек и да си заминат. Но најтешко е да се замине, зашто многу жени станаа робинки, без да го забележат тоа.

Пример е секоја од нас која ќе препознае, сфати и прифати дека животот е само еден, дека го имаме само ова едно, кревко тело, тенка женска душа и дека треба да ја чуваме. Мои примери се моите пријателки, случајните минувачки на улицата што се насмевнуваат, прекрасната пекарка, која ќе ме израдува со својот оптимизам, шармантната касиерка во супермаркетот, која на секого во бесконечниот ред му се насмевнува… Тие се примери, а владетелки на сопствените животи сме самите ние.

Што мислите за квотите во политиката како модел за решавање на женското прашање?

– Не верувам во бројки, а уште помалку во квоти. Премногу личи на термин што го користат обложувачите. Би сакала да грешам, па кога квотите ќе се исполнат да има напредок. Но интуицијата и искуството ми кажуваат поинаку.

Постојат ли витези во денешно време? Како да се препознаат?

– Витезите постоеја кога постоеја дамите, принцезите, и кога сите тие беа во неволја. Денес има малку дами, а уште поретко принцези, а во неволја сме само ние, обичните жени. Нас од проблемите не нè спасуваат витезите, ние сами со нив се фаќаме во коштец. Но не е лошо да се верува витештвото и мегданите повторно да влезат во мода. Па само замислете го модерниот витез, кој во една рака го држи најновиот „ајфон“, на грбот носи ранец со моќен компјутер, облечен е по последна мода… Дали би имал време за „спасување“ додека размислува дали ќе ги оштети новите панталони, кошулата „армани“ или, не дај боже, чевлите направени по мерка?

Ако некого препознаам, ви јавувам, зашто таквите се како еднорозите, ретки, недофатливи, а можеби и измислени.

Весна со сопругот Миломир Мариќ.

Што моментно најмногу ве преокупира? Што ново наскоро ќе видиме од Вас, но и тука, во Македонија?

– Ме преокупира прекрасната, нова приказна што ја плетам со своите живописни ликови. Полека се испишуваат последните страници на новиот роман, а другарувањето со нив до последниот дијалог, заплет и неверојатните расплети ми го крадат сонот. Но тоа значи само едно – онолку колку што мене ме мачеле, толку вие ќе ги сакате, а богами некои и ќе ги мразите… Но, тоа што ме радува е идејата дека мојот роман „Оган и мраз“ („Ватра и лед“), ќе биде и на македонски јазик и дека ќе ми се јавите штом го прочитате, зашто новиот роман кој следува е уште позачинет и повозбудлив.

Фотографија: Лука Шарац

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот