Интервју со спец. д-р Адела Стефанија: Помал е ризикот за плодот ако во поодмината бременост дојде до зараза со ковид-19

Иако родилките кои се заразени може да дојат со почитување на сите мерки за претпазливост, сепак е подобро мајка позитивна на ковид-19, сè до негативизирање на нејзиниот резултат, да се измолзува и да го дава млекото во шише кај ковид-негативна личност, која ќе го храни бебето, вели гинеколог-акушер Адела Стефанија во интервјуто за „Слободен печат“.

Во време на предизвици со пандемијата, имајќи предвид дека Клиниката за гинекологија и акушерство – Скопје е и ковид-центар за бремени жени, кажете ни што сè треба да знаат пациентките, односно трудниците, кои се заразени со коронавирус?

– Во дадениов момент се соочуваме со една енигма, која на сите нам ни предизвикува промена на начинот на живеење, однесување, промена на нашите навики, како и целосна промена на начинот на размислување поради страв од недоволно познатиот непријател т.н. ковид-19.
Ние лекарите имаме многу прашања за размислување и истражување за оваа болест од групата на коронавируси, а главен предизвик ни е да се соочиме со бремените жени што се позитивни на корона и да им пружиме максимален третман како ковид-центар.

Секоја бремена жена во зависност од гестациската недела на бременоста и тежината на клиничката слика со потврден позитивен ковид-тест, може да биде прегледана во амбуланта за ковид-пациентки, која е во изолиран дел на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство –

Скопје и во зависност од неделата и од клиничката слика на болеста, да биде хоспитализирана ако има потреба за прием.

Секако, пациентката прво се јавува кај матичен лекар и гинеколот, а ако нема изразена симптоматологија на болеста и е мала гестациска недела, препорачливо е да се јави за ултразвук и на контрола две недели по оздравувањето.

Доктор Стефанија, каков е третманот на трудниците што се со позититивен тест на ковид-19?

– Пациентките кои се позитивни на ковид-19, а се веќе блиску до терминот за породување, се примаат за породување и во зависност од симптомите, клиничката слика и од состојбата на плодот, се постапува по акушерска индикација.

Овде сакам да појаснам дека апсолутно не е индикација за царски рез позитивен тест на ковид-19 кај пациентката.

Во однос на начинот на породувањето, во зависност од тежината на клиничката слика на пациентката и на акушерската индикација, се избира начин за завршување на бременоста. Тука се примаат и пациентки позитивни на ковид-19 кои имаат проблеми со бременоста, спонтан абортус или предвремено породување.

Пациентката која е позитивна на ковид-19 при приемот и во текот на прегледот задолжително носи маска. За сето ова е изготвена и брошура од Министерството за здравство за препораките за бремените жени.

А, каков е третманот на другите пациентките со гинеколошки проблеми во пандемија на ковид-19?

– Пациентки позитивни на ковид-19 со гинеколошки проблеми, на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство се прегледуваат во амбуланта за ковид-пациентки. Во зависност од актуелната состојба на пациентката и од поставената дијагноза, ако таа е акутно загрозена и е итен гинеколошки случај што не може да се одложи, се хоспитализира на клиниката и се пристапува кон понатамошен третман на пациентката. Тука спаѓаат гинеколошки акутни состојби коишто се животно загрозувачки.

Сите останати гинеколошки пациентки позитививни на ковид, кои имаат можност за одложување на интервенција, се третираат по оздравувањето, односно по негативен ковид-тест.

Според неколкумесечното искуство, откако се работи во услови на коронакриза, може ли веќе да се даде одговор за тоа, дали постои разлика во развојот на плодот кај трудници позитивни на ковид-19 во однос на трудници кои се незаразени од опасниот вирус?

– За жал, сè уште не може да се дадат релевантни податоци од сите можни досегашни иследувања, засега сè е на база на контроверзни ставови и потребни се понатамошни испитувања и дополнителни студии.

Но треба да се има предвид дека бремените жени заради физиолошките промени и промените на имунолошкиот систем може да развијат посериозна слика на болеста.

Бремените жени кои имаат високоризична бременост, особено оние со хронични респираторни болести, висок крвен притисок, дијабетес, кардиоваскуларни болести, пациентки над 35-годишна возраст и пообезни бремени жени, имаат поголем ризик да развијат потешка клиничка слика воопшто од вирусни респираторни инфекции, како и од ковид-19.

Но, сè уште со сигурност не може да се докаже дали бремените жени развиваат потешка клиничка слика од останатата популација. Во зависност од тоа во кој триместар се појавува болеста, можни се различни компликации поврзани со бременоста.

Во првиот триместар самата инфекција може да доведе до спонтан абортус, но со сигурност не е докажано, бидејќи абортус може да се случи во која било бременост.

Во приотв триместар постои ризик и од појава на аномалии или дефекти на плодот, а секој вирус и зголемена температура го зголемуваат ризикот од 3 до 5 отсто да се роди дете со аномалии, посебно на нервниот систем.
Според една релевантна американска студија што е во тек, дури по 18 месеци од породувањето на деца од мајки кои биле позитивни на ковид во првиот триместар од бременоста, може со сигурност да се согледа дали децата ќе имаат проблеми со развојот на нервниот систем, нивниот понатамошен раст, развој и однесување.

Во вториот и третиот триместар од бременоста може да дојде до предвремено породување, помал плод за гестациска недела т.е. да има застој во растот, но сето ова сè уште не е докажано.

Во однос пак на интраутериниот раст на плодот и пребрзото созревање на постелката со намалена оксигенација на плодот, се поврзува со сериозноста на болеста на мајката.

Колку подоцна во текот на бременоста се инфицира трудницата со ковид-19, толку се помали ризиците и компликациите кај плодот.

Дали мајката која е позитивна на коронавирус треба да биде одвоена од своето новородено и дали на ГАК ковид-19 позитивни родилки смеат да дојат?

– Вертикалната трансмисија од мајка позитивна на ковид на бебето е многу ретка. Во земените примероци од амнионска течност и од мајчино млеко не се најдени клетки на вирусот.

Родилките може да дојат, но со сите мерки на претпазливост, почнувајки од носење заштитна маска, темелно миење раце околу 20 секунди, дезинфекција и на доволна оддалеченост од новороденото бебе заради можност за пренос на вирусот.

Но сепак, мислам дека е подобро мајката позитивна на ковид, сè до негативизирање на нејзиниот резултат, да го дава мајчиното млеко измолзено во шише кај личност негативна на ковид, која ќе го храни бебето.

На крај, сакам да замолам да ги почитуваме сите мерките во целост, заради наша и заштита на нашите најблиски!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот