Интервју со скулпторот Жарко Башески: Се приближив кон човекот од социолошки и психолошки аспект

Човекот или човечкото тело, во сите облици на дејствување или, поточно, битисување преку реалното, па до имагинарното, е суштината во мојата скулптура

Во краток временски период дела од македонскиот скулптор Жарко Башески беа претставени на две меѓународни изложби, прво во Кралската палата во Милано, а потоа и на самостојната изложба во Националната галерија на Косово во Приштина.

Хиперреалистичните скулптури на проф. Жарко Башески никого не го оставаат рамнодушен. Уште при првата средба на гледачот со неговите скулптури се појавува некаков вид на недефинирана вознемиреност. Можеби тоа е така затоа што се сретнувате со нешто што личи на вистински човек, а знаете дека не е човек. Или, можеби е спротивното, бидејќи тоа што знаете дека не е човек до перфекција ги пренесува психолошките состојби на вистинските луѓе.

Скулпторот и професор Башески веќе толку многу ја има усовршено техниката на креација на своите дела што понекогаш и не ви се верува дека, сепак, станува збор за уметничко дело направено во хиперреалистичен стил. Токму стилот и совршената изведба на делата се причина скулпторот Башески да добива покани за учество на голем број изложби, и кај нас и во странство.

Во изминатиов период негови дела се претставени на две изложби во странство. Прво се случи отворањето на изложбата „Корпус домини: Од глорифицираното тело до урнатините на душата“ во Кралската палата во Милано на 27 октомври, каде тој е претставен со две дела. Потоа следуваше самостојното претставување со шест дела во Националната галерија на Косово во Приштина. Двете изложби беа сосема доволни како повод за средба со Жарко Башески.

Како се случи две Ваши дела да бидат селектирани за изложбата „Корпус домини: Од глорифицираното тело до урнатините на душата“ во Кралската палата во Милано?

– Во последниве шест години се реализира еден проект на тема „Шеесет години хиперреализам“ со многу настапи во музеи и галерии, а е организиран од институт за културна соработка од Тубинген, Германија, што значи едно големо претставување на моето творештво од последнава деценија. Мислам дека од овој проект произлегува и изложбата „Корпус домини“, која го обработува човекот повеќеслојно и повеќедимензионално, во зависност од авторите што се застапени на изложбата.

Кураторката на изложбата Франческа Алфано Миљиети преку темата „Корпус домини“ прави комплексна анализа на присуството на човековото тело во современиот свет и претопувањето на границата помеѓу реалното и имагинарното. Имате идеја од каде кај неа се појавила информацијата за вашите скулптури?

– Мојот интерес и начин на претставување на моите размислувања се јасно прикажани и можат да се видат во повеќе мои дела и на повеќе места, така што мислам дека читливоста на скулптурите е доволно јасна за да се вклопат во ваков проект. Човекот или човечкото тело, во сите облици на дејствување или, поточно, битисување преку реалното, па до имагинарното, е суштината во мојата скулптура. Во исто време, на оваа изложба за прв пат се остварува дијалог помеѓу минимализмот, концептуализмот и фигурата преку хиперреализмот, и дека тие можат да егзистираат во ист простор и исто време. Начинот на изразување воопшто не претставува пречка за да се разбере концептот на проектот.

Човекот или човечкото тело, во сите облици на дејствување или, поточно, битисување преку реалното, па до имагинарното, е суштината во мојата скулптура

На изложбата сте претставен со скулптурите „Вон…“ и „Автопортрет 1“. Надвор од што Вие би сакале да живеете во нашево цивилизациско време?

– И скулптурата „Вон…“ и автопортретот го имаат тој заеднички момент на неизвесност и состојба за којашто мислам дека ја чувствуваат и доживуваат сите, и претставува, на некој начин, општо човечка судбина. Секој се препознава во тие две дела и затоа мислам дека секогаш и во секоја средина се прифаќаат скулптурите што ги работам веќе подолго време. Преголемата оптовареност со информации, динамиката на живеењето, еколошките катастрофи, начинот на живот на цивилизираниот денешен човек, се работи кои мораме да ги коригираме и да внимаваме како се развиваат и влијаат врз нас, а сѐ дотогаш ние ќе се наоѓаме во ваква состојба.

На изложбата „Корпус домини“ во Милано Жарко Башески е претставен со делата „Вон…“ и „Автопортрет 1“

Бидејќи лично присуствувавте на отворањето на изложбата, како се чувствувавте во друштво на дела од светски познати уметници, како Јозеф Бојс, Кристијан Болтански, Чен Жен, Франко Б., Оскар Муњоз, Јосип Кошут и други?

– Па, не ми беше сеедно, а и можеби звучи нескромно што ова го кажувам, но ќе потенцирам дека ми импонираше да бидам во вакво друштво со овие автори во селекција која ја обележала историјата на уметноста со свој специфичен авторски јазик и начин на делување. Затоа и плакатот на изложбата беше со претставени отпечатоци од прстите на секој автор поединечно. Секој присутен автор со својот начин на делување оставил белег врз уметничкиот свет во пошироки размери.

Претходно сте учествувале на многубројни меѓународни изложби на кои фокусот бил ставен на хиперреалистични скулптури. Кога поточно се појави Вашиот интерес кон создавање скулптури на овој начин?

– Интересот за изразување на ваков начин е резултат на мои претходни истражувања во фигуративната скулптура. Работев на портретот во мега размери и, на некој начин, се приближив кон човекот од социолошки и психолошки аспект. А човековото тело дојде како резултат на дотогашните размислувања. Можеби интуитивно, можеби од внатрешната потреба, која доаѓа од незадоволствата, се појави потреба сето тоа да го искажам преку скулптура. А хиперреалистичкиот израз е начинот кој ми овозможи да се искажам во целост за сите мои преокупации и размислувања во дадениот момент.

Како смолата-полиестер, така и силиконот, се материјали што ми овозможија да го направам тоа што не би можел со класични материјали, како мермер, метал или дрво

При изработката на делата главно користите силикон и полиестер. Бидејќи скулптурите изгледаат неверојатно реално, независно дали се направени во нормални, намалени или хипер размери, има ли занаетски техники како да се постигне нивната реалност?

– И занаетот има многу важна улога во реализацијата на овие и воопшто вакви дела. Од самиот почеток на правење на скулптурата, односно од моделирањето во глина или пластелин, кое мора да биде до крај изведено, па сѐ до боењето и поставувањето очи, коса и други делови, претставува специфика во занаетот (занаетите). Како смолата-полиестер, така и силиконот, се материјали што ми овозможија да го направам тоа што не би можел со класични материјали, како мермер, метал или дрво. За да се изведе едно дело, потребни се знаења или вештини на неколку занаети, што претставува дополнителна компликација и одговорност.

„Луѓето“ претставени со скулптурите укажуваат на Ваш критички став кон појави и процеси во современото глобално општество. На кој начин реагира публиката кога ќе го забележи Вашиот ангажиран пристап?

– Ангажираниот пристап се гледа, како во изведбата, така и во идејата и размислувањето за секое конкретно дело. Сметам дека тие треба подеднакво да се третираат и само тогаш може да се постигне тој резултат. Доживувањето не би било такво ако кој било сегмент од овие два би отсуствувал или би бил недоволно обработен. Потребна е еднаква посветеност во сите фази и делови од реализацијата на скулптурите.

Интересни реакции на вашите дела имаше и публиката во Приштина на изложбата „Рефлексија“, што беше отворена на 12 ноември. Изложбата е резултат на соработката помеѓу двете национални галерии. Кој ја направи селекцијата на претставените дела и со каква цел беше направен таквиот избор?

– Изложбата беше реализирана во соработка помеѓу двете национални галерии, а изборот на делата и концептот од ликовен аспект беше мој во соработка и консултации со кураторот Горанчо Ѓорѓиевски. Оваа изложба беше предвидена за 2019 година, но поради ковид-ситуацијата што се случи во текот на минатата година беше одложена за 2021 година. Морам да потенцирам дека сум многу позитивно изненаден од целиот ангажман на директорот на Националната галерија на Косово, како и неговата екипа што помогна во реализацијата на изложбата со сиот свој потенцијал. Се надевам дека на ист начин ќе продолжат со соработки и понатаму, со можност за проширување и кон други простори, како во нашето опкружување, така и пошироко.

Скулптурата „Автопортрет 1“ на Жарко Башески укажува на замисленоста на авторот за светот во кој живееме

Според ликовната критика, Вашите скулптури ги поместуваат границите на разбирањето на скулптурата како уметност. Кои се граничните области кон кои вие се стремите со сопственото творештво?

– Сѐ додека постои желбата за експериментирање со материјали, силата на доживување на одредени појави, како општествени, така и лични, и на крај, желбата сето тоа да го покажам преку скулптура или некој друг ликовен израз, кој во дадениот момент би бил актуелен во моето работење, не би можел да кажам кои се граничните области и кон каде би се движеле моите размислувања. Уметноста е континуитет детерминиран, на некој начин, како од надворешни, така и од внатрешни случувања, што значи зависноста од повеќе фактори ќе го определат и самото дело. Новите медиуми, како и современиот начин на изразување преку виртуелниот приказ, претставуваат предизвик и додадена вредност, а и нова можност за израз. Мислам дека дигиталната технологија, која ни е сега на располагање, а гледаме дека секојдневно и во сите сфери на нашиот живот се инкорпорира и станува неодвоива компонента од нашето функционирање, во голема мера ќе го промени и ликовниот, поточно уметничкиот израз. Секако, нема да се намали ниту потребата од класичниот метод, кој досега се практикуваше, туку ќе продолжи и понатаму. Моето размислување е насочено кон нивно заедничко мешање и усовршување за да се добие нов производ како ликовно дело.

Изложбата „Рефлексија“ на Жарко Башески е поставена во Приштина

Отворањето на изложбата се одржа на 12 ноември во Националната галерија на Косово / Фотографија: Денис Јагџи

Самостојната изложба со наслов „Рефлексија“ на Жарко Башески во Националната галерија на Косово во Приштина беше отворена на 12 ноември. Изложбата е резултат на соработката помеѓу двете национални галерии и е поддржана од двете држави. На отворањето на изложбата се обрати Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија на Република Северна Македонија.

– Во творештвото на Жарко Башески извесни елементи се раритет во македонската скулптура – хиперреалистичкиот третман, техничката изработка и употребата на новиот материјал, димензиите на делото, концептот – кои споени во едно, нудат повеќеслојни исчитувања на уметничкото дело. Препрочитувањето на една димензија на експлицитната реалност или фантазмагоричните комбинации на сонот или потсвеста се случува преку изместените пропорции, кое од своја страна овозможува психолошка дистанца меѓу делото и гледачот. Неговиот творечки интерес е хуманистички во својата основа, односно е свртен кон човекот, преку што го разбираме неговиот интерес за хиперреалистичниот пристап во оформувањето на концептот на неговите дела, кои во теоретската проекција го надминуваат и хиперреализмот, зборувајќи за животот и светот во којшто живееме – меѓу другото, истакна Дита Старова Ќерими.

Со свој говор отворањето на изложбата го облагороди и амбасадорката на Северна Македонија во Косово, Шпреса Јусуфи.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 106, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21 ноември 2021)

Видео на денот