Интервју со проф. д-р Горан Димитров: Сплотеноста на лекарите е суштинска за да се избориме со пандемијата

Сега е вистинско време за одржување на 20. Конгрес (онлајн) на Македонското лекарско друштво, каде што ние лекарите со своите знаења, искуства и сугестии ќе се обидеме поподготвени да се справиме со искушенијата кои ги носи ковид-19, вели за „Слободен печат“ проф. д-р Горан Димитров.

Македонското лекарско друштво (МЛД) одбележува јубилејни 75 години од основањето, со 20. Конгрес што ќе се одржи електронски (онлајн) од 10 до 20 ноември. Кажете ни нешто повеќе за тоа?

– Македонското лекарско друштво (МЛД) е основано и регистрирано на 12 август 1945 година во Федеративна Народна Република Југославија и е најстаро професионално здружение во нашата земја. Актуелно членуваат повеќе од 6.000 лекари од сите специјалности и од сите нивоа на здравствената заштита, на кои МЛД им овозможува континуиран професионален развој главно преку нашите активности поврзани со Континуираната медицинска едукација (КМЕ). Секако, и преку нашата издавачка дејност, двете списанија „Лекарски весник“ и „Македонски медицински преглед“, своето место го наоѓа научно-истражувачката работа на нашите членови, се обработуваат горливите прашања во здравствената дејност, како и промоција на медицинската наука.

Горди сме што само во минатата година одржавме 158 настани – работилници, стручни состаноци, симпозиуми и конгреси – со меѓународно учество, и секој одделно имаше максимална посетеност и учество од наши и странски еминентни медицински имиња.

Земајќи ја предвид сета оваа традиција, одбележувањето на 75-от јубилеј од постоењето на МЛД е од особена важност за лекарската фела во земјава, која достоинствено и одговорно се справува со предизвиците од минатото, безрезервно служејќи му на народот, а уште повеќе, што сега стои исправено пред новиот предизвик – ковид-19 пандемијата.

проф. д-р Горан Димитров

Во ова Друштво со многу историја поминале многу еминентни имиња, наши учители, ментори и доајени во поединечни области, кои вложиле огромен труд и оставиле траен белег во заложбите, кои и ден денес и во оваа глобална криза, остануваат приоритет на МЛД.

Водејќи се од основните заложби на МЛД, и покрај вонредната состојба со пандемијата на коронавирусот, МЛД повикува на активно дејствување и токму затоа одлучивме 20. Kонгрес, со кој симболично ќе го одбележиме нашиот 75-годишен јубилен, за првпат во историјата на нашето постоење да го организираме „на далечина“ – електронски (онлајн).

Целта на овој Kонгрес е да се овозможи интензивна размена на сознанија, искуства и вештини на лекарите од различните дејности и нивоа на здравствениот систем, која многу ќе помогне во секојдневната пракса на лекарот на индивидуално ниво, додека општо ќе придонесе за подобро справување со болестите, но и со актуелната глобална криза во домашни услови.

Како се снаоѓате во екот на пандемијата на коронавирусот, кога сите лекари се кренати на нозе, а здравството е исправено пред сериозни искушенија?

– Сведоци сме дека пандемијата не препознава граници. Една здравствена криза, која почна во далечната Кина, за кратко време го зафати светот и стана наш главен општествен проблем. Така, како и секаде во светот, и нашите лекари се кренати на нозе, на висина на задачата, со сите наши можности и во координација со нашите здравствени власти се обидуваме да се справиме со актуелните состојби. Сплотеноста на лекарите во справувањето со искушенијата наметнати од кризата се потребни како никогаш порано. Токму заради тоа мислам дека е вистинско време за одржување на 20. Конгрес (онлајн) на сите лекари, каде што со своите знаења, искуства и сугестии ќе се обидеме поподготвени да се справиме со пандемијата.

Пријавувањето на учесниците и нивни апстракти на Конгресот ќе трае до 9 ноември до 24 часот, а по завршувањето на конгресот сите прифатени трудови ќе бидат објавени во „Апстракт книгата“ на Конгресот. Програмата на Конгресот се финализира, која, како и со сите останати нови информации e објавeна на веб-страницата www.cong2020.mld.mk.

Во ова нималку пријатно време во целиот свет, организирате најголем онлајн-конгрес на лекари, воедно со учество и на професори од Медицинскиот факултет и врвни предавачи, експерти во оваа област. Со какви придизвици се среќавате, имајќи предвид дека ова е прво искуство од ваков тип?

– Организацијата на најголемиот онлајн-конрес на лекари со поканети предавачи надвор од нашата земја, како и домашни експерти, професори од Медицинскиот факултет во Скопје, претставува голем проект, кој носи многу предизвици, за кои макотрпно работевме да ги совладаме и успешно да ја изведеме оваа огромна 10-дневна онлајн-платформа, како од технички аспект, така и во поглед на научната програма и учеството на Конгресот. Воопшто немам сомнеж за успешноста, со оглед на тоа што досегашните искуства овие неколку месеци со онлајн-предавањата и стручните состаноци покажаа дека тие се добредојдени и лекарите веќе имаат доволно искуство во практикувањето на онлајн КМЕ настаните.

Со оглед на досегашниот голем број пријавени учесници, не се сомневам во масовен одзив од страна на лекарската фела.

Кои ќе бидат носечки теми на онлајн-конгресот на МЛД?

– Темите се речиси од сите дејности во медицината: Педијатрија, Гинекологија, Неврологија, Геријатрија, Хематологија, Физијатрија, Ендокринологија, Хирургија, Анестезија… Презентирање на болести и најнови методи во нивното лекување…, Сателитски стручни и комерцијални симпозиуми, видеопрезентации и.т.н.

Дали очекувате одзив на лекарите на овој најголем онлајн-конгрес, кога сè е фокусирано и насочено на борбата против ковид-19?

– Одзивот и досега е голем, и се надевам дека за време на десетте дена на одржување на конгресот (10-20 ноември) ќе има бројни предавачи и учесници од земјава и од странство, особено од причина што предавањата и презентациите ќе можат да се прегледуваат и по завршувањето на 20. Конгрес на официјалната страница на конгресот www.cong2020.mld.mk. Нормално дека во услови на светска пандемија, повеќето од веќе пријавените презентации ќе бидат насочени кон борбата против ковид-19.

Што очекувате како придобивка од одржување на овој голем онлајн-конгрес?

– На прво место, сплотеноста на толку лекари на едно место на конгресот ќе го вознесат како врвна континуирана медицинска едукација, со што продолжува долгата традиција на МЛД со одржувањето на овој Конгрес на секои четири години. Новите сознанија, искуства и пракси, кои ќе бидат презентирани на овој конгрес во услови на борбата против коронавирусот, ќе дадат голем придонес во лекувањето на болните во земјава и следствено, зајакнување на нашиот здравствен систем.

За крај, сметам дека со одржувањето на 20. конгрес на МЛД, прв од ваков вид (електронски), покрај тоа што ќе постави нови стандарди во изведувањето на КМЕ во иднина, достојно ќе се одбележи 75-годишниот јубилеј на МЛД.

WWW.CONG2020.MLD.MK

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот