Интервју со поетот Славе Ѓорѓо Димоски: Поезијата е документ и сведок на едно време

Славе Ѓорѓо Димоски со државната награда „23 Октомври“

Откако во изминатите години ги доби сите најзначајни поетски награди, поетот Славе Ѓорѓо Димоски оваа година е добитник на државната награда „23 Октомври“ за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста.

Поетот Славе Ѓорѓо Димоски досега ги има добиено најзначајните домашни награди и признанија, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов“, „Антево перо“, „Григор Прличев“ за најдобра поема, а има добиено и меѓународни награди во Романија, Русија и во други држави.

Славе Ѓорѓо Димоски е член на ДПМ, на македонскиот ПЕН центар и на академијата „Анте Поповски“. Автор е на деветнаесет стихозбирки, на шест книги за деца, на неколку книги есеи и активно препејува. Застапуван е во сите антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година. Државната награда „23 Октомври“ ја доби за остварувања во областа на културата и уметноста.

Какво чувство развива добивањето државна награда што е посветена на македонската револуционерна борба?

– Иако сум во поодмината возраст за да зборувам за некакви чувства при добивање на некоја награда, сепак, награда со предзнак „државна“ разбудува задоволство, бидејќи сработеното во изминатите децении добива признание од највисоко ниво. Наградата носи датум од најсветлите моменти на нашата историја. Тоа го реков и во обраќањето при доделувањето: Државната награда „23 Октомври“ е една од најзначајните во Република Македонија, бидејќи преку основањето на Внатрешната македонска револуционерна организација на овој ден во 1893 година во Солун, па преку Илинденското востание во 1903 година и најважниот документ „Крушевскиот манифест“, кој подоцна се преточи во асномските определби за слободна Македонија и 8 Септември, конечно, Република Македонија да биде слободна самостојна држава е континуитет што на највисоко ниво ги изразува слободарските идеи и идеали на македонскиот народ. Името на наградата „23 Октомври“ не е само потсетување на тој историски датум, туку и гест да се врежи во меморијата на македонскиот народ кој денеска, иако сѐ уште се бори со оние што го негираат идентитетот, јазикот, историјата, ги ужива придобивките на вековната борба за самостојност и независност.

Досега ги имате добиено најзначајните поетски награди кај нас. Каква разлика прави добивањето општествена награда?

– Другите награди што сум ги добивал се тесно врзани со областа во која сум го заложил мојот живот, со литературата, поконкретно со поезијата, и тие доаѓале од различни оценувачи што биле врзани со професијата, со литературата, но оваа доаѓа како заокружување, како круна на сето тоа. Задоволство е кога општеството те препознало како творец и тоа го верификувало со државно признание.

Задоволство е кога општеството те препознало како творец и тоа го верификувало со државно признание / Фотографија: Сашо Димоски

Во својот говор при врачувањето на наградата, истакнавте дека „поетскиот јазик не е конкурентен на денешниот потрошувачки свет“. Во која смисла?

– Денешните организирани системи на овој „нов светски поредок“ нѐ учат да бидеме потрошувачи, а не творци. Се соочуваме со тегобни и апсурдни ситуации присутни во секојдневието и, на некој начин, гласот на творецот, а пред сѐ во земјите со мало говорно подрачје, каков што е целиот Балкан, вклучувајќи нѐ и нас, се губи во некои темни вилаети. Во ваква ситуација можам само да речам дека уметноста, поточно поезијата е еден вид спонтана побуна против контролата и против настојувањето да нѐ притиснат кон општото во кое сѐ се губи, наместо да нѐ направат похумани човечки битија.

Токму затоа уметниците, тука се и поетите, полека се поттурнати на маргините на општествените системи, бидејќи секое слободно и независно размислување за нив претставува субверзивен чин. Значи поетскиот јазик не е конкурентен на денешниот потрошувачки свет, односно тој потрошувачки свет се стреми неосетно, тивко да го замолкне.

Што е јазикот без поезијата?

– Уште во мугрите на човештвото луѓето своите чувства ги пренесувале преку различни звуци, крикови, нејасни мрморења, што е најблиску до поезијата. Потоа преку специфичен облик на изразување – преку стихови пренесувале пораки што ги имаме како цивилизациско наследство запишани во најстарите творби, кои датираат од пред два-три милениуми, а денес постојат различни средства за комуникација, се користат програмски јазици, а со развојот на вештачката интелигенција којзнае до каде ќе се стигне, но извесно е дека јазикот на поезијата ќе биде вистинскиот, исконскиот јазик што ги одбележал цивилизациските милениуми.

Поетскиот јазик и израз се менувале во текот на историјата, но секогаш биле конкретни и прецизни; јазикот, како што имам речено во една песна, е капка мајчино млеко кое капнувало од мајчиниот јазик, а таа капка млеко е есенцијата на еден говорен јазик. Невкусно би било да речам дека јазикот без поезијата би бил само јазик на комуникација, но ако се свртиме, еве, на пример, кон нашето народно творештво собрано од македонските неуморни собирачи во втората половина на XIX век ќе го забележиме изострениот народен дух на нашиот јазик, кој низ векови се стремел да се оттргне од обичниот јазик, јазикот за секојдневна комуникација и пред поколенијата да се претстави секогаш свеж јазик кој ја чува традицијата и дава неисцрпни можности да се следат современите текови во светската литература.

Некогаш поетите беа во врвот на општествениот живот, на раководни или амбасадорски функции. Веќе не е така. Што се смени?

– Па, односот кон интелектуалецот. Најубаво тоа се гледа од популистичко-политичката сцена. Не е тоа само кај нас, тоа е во сите балкански државички кои произлегоа после распадот на социјализмот. Некоја политичка партија да добие што повеќе гласови на значајни места ги редеше оние, во народот познати како „лепачи на плакати“. Сведоци сме што сѐ се случи со Македонија и во каков ќор-сокак е донесена државава од „такви“; кој ли сѐ води „висока“ политика денес.

Сигурно е дека тоталитарните режими имаа подруг однос кон интелектуалците творци и во нив полагаа огромна доверба, бидејќи беа претставителни во секој поглед. Во поранешната заедничка татковина од Македонија амбасадор во Сенегал беше Ацо Шопов. Знаат ли помладите што тој сѐ направи во тие четири години амбасадорување? Доволно е што го доведе и го овенча во Струга Леополд Седар Сенгор, претседател на Сенегал и поет на голем глас од африканскиот континент, или, пак, да го споменеме Коле Чашуле. Очигледно, сменет е аголот на гледање на нештата, испомешани се лончињата. Сменет е односот кон општиот интелект.

Поетот денес, иако е самотник не е осамен, макар што поезијата го губи јавниот статус

Што значи денес да се биде поет?

– Ова прашање често ми е поставувано и во различни ситуации различно сум го одговарал, па ќе се обидам и сега: основен предизвик на денешниот поет е прашањето: кому тој се обраќа? Дали некој постои од другата страна или таму е апсолутна тишина? Тишината е природно својство на поезијата, но поезијата има и природно својство за комуникација. Да, треба дијалог со „другиот“, а без „другиот“ не би постоела ни поезијата. Макар „другиот“ е и само еден.

Поетот денес постојано е напрегнат, не ангажиран, бидејќи денешната (намерно не го употребувам терминот модерна) поезија во однос на класичната треба да го следи духот на ова време, бара смиреност, внимателен пристап кон предметот што го загледува љубопитно и пробивно за „поетски“ да го претстави, таа бара внимателен пристап кон сѐ. Прашањето: што значи да си поет денес, и колку да е предизвикувачко, нема едноставен одговор, а камо ли решение да се одговори.

Поетот денес, иако е самотник не е осамен, макар што поезијата го губи јавниот статус. А го губи бидејќи „таа не е помодарство или забава“; таа ги содржи клучните поетички јазични проблесоци и од читателот бара или соучество или интелектуална напрегнатост. И пак се враќам на почетокот: основен предизвик на денешниот поет е прашањето кому тој се обраќа? Тој се обраќа на тишината и на зашеметувачкото ехо на јазикот, и да се навратам на една реченица од моето обраќање во македонското Собрание: ако поетот замолчи, ќе замолчи и душата на јазикот. А душата на нацијата е и јазикот. Да си поет денес не е никаква привилегија, туку едноставно, да си слеан во безличната маса на секојдневието, а да си горд што заплеткуваш и отплеткуваш светлосни јазични јазли.

Насловна корица на стихозбирката „Грозје од кукавица“

Во својата најнова стихозбирка „Грозје од кукавица“ објавивте „Филипика до очајните“ и „Филипика до поразените“. Зошто?

– Во книгата „Грозје од кукавица“ филипиките ги искористив како литературен жанр во кој со остар некомпромисен вербален напад некој се обраќа некому. Овде контекстот е јасен, и јасно е кои се очајните и кои се поразените. Сакам да поставам прашање што е очајот, а што поразот на човекот денес, на граѓанинот денес. Соговорникот е невидлив, но длабоко поразен, тој во очај ја пее химната на цивилизацискиот пораз. Но, користејќи ја иронијата, сарказмот и пародијата се обидувам или сакам да верувам дека поразот не е целосен.

Во последните 6-7 години Македонија влезе во еден систем кој голташе сѐ пред себе, а посебно сопствената култура. Културата е етичка и затоа често е под мраз, бидејќи етиката во вакви системи што сѐ рециклираат не постои. Но постојано „некои прилики“ нѐ упатуваат во темите на идентитетот, етничката припадност, слободата, контролираниот простор за себеискажувањето, сиромаштијата, прилично корумпираниот систем… Колку и да е горчливо сѐ треба да се евидентира, макар и преку поезија, и поезијата е документ и сведок за/на едно време.

Во оваа книга се обидов да вметнам некои критичко-ирониски рефлексии, кои ќе „прозборат“ за нашите општествено-национални илузии, но не сакам тие да се свртат кон поразот сосила наметнат. Социјалниот веризам и критичката интонација повторно се враќаат на сила.

Во вашите стихови често се употребени зборовите јазик, народ, татковина. Каде припаѓа поетот?

– Јазикот е честа тема во мојата поезија. Јазикот како средство за творење, занимливите јазли во јазикот, поставување релација меѓу јазикот и стварноста, возбудата при конструирање на синтагмите, сѐ се тоа теми на кои, речиси, во сите книги сум се навраќал. Но, кога зборувам за поезијата постојано се навраќам на бројот на зборувачи на македонскиот јазик (кај нас и во светот) и со резигнација констатирам дека склупчени среде Балканот самите сме си свртени кон себе потпрени врз нашата традиција и правиме напор да ѕирнеме што се случува во литературите на големите јазични подрачја, и дали можеме да ги следиме? Можеби нешто знаеме за европските литератури, тука е и американската, но што се случува со кинеската, арапската литература? Можеби нешто навева на Струшките вечери на поезијата, но тие се зрнца просо. И покрај сето тоа македонскиот писател прави напори да се допре до рамото на големите литератури, донекаде и успева и верува во убавината како суштина што ќе го чува нашето место таму некаде. Убавината на јазикот.

Ова што го зборувам можеби звучи занесено, романтичарски, иако сум далеку од романтизмот, но јазиците, иако вавилонски измешани, ставени во строги граници (се сеќавате на изјавата на еден бивш министер дека границите на македонскиот јазик се во строго определените политички граници на Република Македонија?) сепак се еден јазик, јазик на поезијата, разбирлив за сите. Што се однесува до употребата на зборовите „народ“, „татковина“, употребени се во различни конотации во трилогијата „Извештаи на Рисот – Јазик и леб – Грозје од Кукавица“. Кога сето ова ќе се сумира – „поетот“ е во маѓепсаниот круг: јазик – народ – татковина. Сето тоа е ѓаволски врзано во цврсто единство.

Промоција на стихозбирката „Грозје од кукавица“ со разговор помеѓу Јулијана Величковска и Славе Ѓорѓо Димоски

Се сеќавате ли на првичната иницијација, желба, мотив за поетски израз на светот што го гледате и во кој живеете?

– Како мал сум имал чувство кон певливоста на јазикот (ова ми го кажувале моите тетки). Подоцна, во моето рано школување, сум замислувал свои светови кои ги стихував, барајќи созвучје меѓу зборовите, а тие често беа нејасни, неразбирливи и не означуваа ништо, сум ги измислувал; важна беше само некаква си звучност.

Во погорните одделенија веќе нешто беше поконкретно, а од второто полугодие во трета година гимназија и цела четврта настанаа песните од првата книга „Гравири“. Со тие песни го урнав мојот претходен поетски свет, а сѐ се случи кога в раце ми падна мала, со бели корици, книга со наслов „Поезија“ од Рембо, а во препев на Влада Урошевиќ. Тогаш сфатив дека постојат и други поетски светови, освен оние, „школските“. И денес мислам дека мојот поетски профил се формираше од средбата со стиховите на Рембо, но не влегов во негова рамка. Натамошниот мој поетски развој е ова што сум денес.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 254, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот