Интервју со поетот, писател и мислител, Тихомир Јанчовски: Конечно научив да постојам во сегашниот момент

Писателот, поет и поранешен професор по литература Тихомир Јанчовски ја промовираше својата најнова поетска книга „Несреден век“, притоа откривајќи го своето најголемо богатство – широк круг пријатели од различни уметнички области.

Промоцијата на поетската книга „Несреден век“ од Тихомир A. Јанчовски, што се одржа на 17 октомври во Кинотеката во Скопје, имаше мултимедијален карактер. Поезија читаа различни профили на луѓе, во музичкиот дел настапи групата „Летечки пекинезери“, со визуелен перформанс се претстави Страхил М. Петровски, а специјални гости на настанот беа членови на групата „Мизар“.

Карактерот на промоцијата практично го отслика карактерот на авторот на книгата, богат со искуства и знаења од широк круг области, а насочен кон тоа што најдобро знае и може да го направи.

Каков предизвик за тебе како автор беше да се направи мултимедијално претставување на книгата „Несреден век“?

– Немаше некаков посебен предизвик, бидејќи сите промоции ги правам спонтано, како што ќе дојде и како што ќе се наместат работите во тој момент. Не мислев дека ќе успеам толку брзо да ја издадам книгата „Несреден век“, бидејќи така се погоди во исто време да излезат две мои книги, и „Пред некое време“ и „Несреден век“. Во книгите се објавени песни што се пишувани во исто време, некаде од летото 2018 до пролетта 2019 година. Од околу 130 песни направив селекција на околу 95 песни што влегоа на страниците на двете книги. Промоцијата на „Пред некое време“ беше во кафе-книжарницата „Буква“ и сакав да биде помала по обем и со помалку гости. За „Несреден век“ сакав да направам поголема промоција, бидејќи во меѓувреме се пререгистрирав како човек. Напуштив секаква работа како професор или службеник и се регистрирав како слободен уметник. Но, тоа изгледа денес не може да оди како порано, а бидејќи веќе не бев јас, морав да си дадам ново име и затоа книгата „Несреден век“ е потпишана од Тихомир Сивејан.

Значи објави книжевно-поетски диптих со две презимиња?

– На едната книга сум потпишан со презимето Јанчовски, додека на другата употребив комбинација на презимиња од страната на мајка ми и на татко ми, од Сивевски и Јанчовски, и така се доби Сивејан.

Непосредно една по друга Тихомир Јанчовски објави две поетски збирки создадени во еден поетски здив

На промоцијата на „Несреден век“ во Кинотеката имаше многу луѓе што ја промовираа твојата поезија. Која е заедничката енергија што нив ги поврза со тебе?

– Нив не ги поврзува толку мојата поезија, туку ги поврзува мојата личност. Македонија е мала земја и Скопје, иако станува голем град, сепак, луѓето што се занимаваат со уметност меѓусебно се познаваат. Лично ги поканив сите што ја промовираа мојата поезија и никој не ме одби. Лично ги знам Пеце и Иво од „Летечки пекинезери“ и нив ги поканив да читаат поезија, но тие одлучија да дојдат цела група и да имаат музички настап на промоцијата. Со сликарот Страхил М: Петровски се запознавме минатата година, но веднаш прифати на промоцијата да направи ликовен перформанс. Со Зоран Тортевски, новиот пејач на „Мизар“, и со Добрила Грашеска се знаеме многу години. Врската со „Мизар“ е што текстовите на нивните најнови четири песни ги напишав јас заедно со Тортевски. Кога ги пишувавме песните, Горазд Чаповски ги направи аранжманите и музиката. И со него се знаеме веќе триесет години, така што таа соработка меѓу нас е природна и спонтана.

На промоцијата во Кинотеката во Скопје присуствуваа поети, музичари, ликовни уметници и други пријатели на авторот

Ако добро се сеќавам, пред триесетина години, кога се имаме запознаено, се занимаваше со музика, или грешам?

– Бев музичар, но не се занимавав со музиката на креативен начин, како што тоа го правеа во „Мизар“, туку повеќе бев репродуктивен уметник. Можев да свирам или да пеам нешто што друг го направил. Своја музика не создавав, бидејќи со тоа престанав на 14-15 години. Човек не може сите таленти еднакво да ги развива, туку мора да се насочи во еден правец за да постигне мајсторство во одредена област. Не живееме во време на ренесансата, кога луѓето еднакво се развивале во сите области. Многу е тешко во 21 век да се создаде нов Леонардо да Винчи или Микеланџело Буонароти.

Кога се случи трансформацијата и определувањето за книжевноста?

– Покрај музика и стихови, се занимавав и со сликарство. Мислам дека талентот за сликање ми е најсилен, но најмногу ме истоштуваше и исцрпуваше, и затоа се чувствував многу уморен. За зборовите, односно пишувањето, се определив кога се вратив од Лондон. Тоа беше причината на 26 години да се вратам од Лондон. Таму имав можност да останам, да добијам документи и да најдам убава работа, сепак одлучив да се вратам. Тогаш се почувствував многу убаво, бидејќи без мојот јазик се чувствував како без дом. Дури кога се вратив се почувствував среќен и никогаш не сум се покајал. За други луѓе не велам дека не е добро да одат надвор и да си ја побараат среќата, но за мене, како човек кој се остварува себеси во јазикот, не постои друга земја и друга средина освен онаа каде неговиот јазик се зборува. Никаде не се чувствувам толку убаво како во земјата каде се зборува македонскиот јазик, во Македонија.

Човек не може сите таленти еднакво да ги развива, туку мора да се насочи во еден правец за да постигне мајсторство во одредена област

Колкав дел од животот беше професор?

– Долго време бев професор и тоа е битен дел од мојот идентитет како личност. Почнав да предавам на мои 24 години, а престанав оваа 2021 година. Последно место каде што предавав беше „Американ колеџ“. Одлучив да престанам со таа работа, иако веќе триесет години работев како професор. Најдолго бев во „Нова“, 18 години, а претходно предавав и во гимназиите „Јосип Броз Тито“ и „Орце Николов“.

Во твоето книжевно творештво веќе има 11 стихозбирки, четири избори со поезија, два романи, книга со колумни и историска книга, но и 15 преводи на книги. По најновиве две поетски збирки, што е следно на ред?

– Откако се пререгистрирав како ТП „Сивејан“, сакам да го објавам преводот на книгата „Монахот Калист“. Тоа е монах што живеел осаменички живот низ Македонија во 20-тите години на 20 век и тоа е последниот човек што живеел на Змискиот остров во Преспанското Езеро.

Независно во кој жанр си се изразувал, секогаш се чувствувал филозофскиот момент во твоите креации. Како лично се чувствуваш, како поет, како писател, како мислител?

– Нема некоја разлика. Мене прозата ми е многу полесна за пишување, бидејќи е опширна и дозволува одење во широчина. Поезијата е многу постегната и попрецизна, и бара поголем ангажман од оној што ја чита и му дава простор за послободно толкување. Прозата повеќе го ослободува писателот, но повеќе го ограничува тој што чита. Мене лично ми е сеедно како ќе се изразам. Можам да ги земам моите стари песни и од нив да направам раскази. Тоа за мене е техничка работа, сум го правел тоа и сум забележал дека кога ќе се објави на социјалните медиуми прозата е многу попродорна од поезијата. За поезијата треба да има и луѓе што сакаат да мислат, да го употребат умот кога читаат за да го доловат значењето на метафорите во својот ум.

Ги спомна социјалните мрежи. Како го толкуваш феноменот што луѓето сѐ повеќе го читаат само тоа што е објавено на социјалните медиуми?

– Луѓето читаат. Книгите ги има и на социјалните медиуми, но во Македонија, бидејќи е мала земја, не постои организиран систем во ниту една институција да се канализира пристапот до книгите, независно дали се во печатена или електронска форма. Исто така, многу малку се застапени аудиокнигите, кои веќе станаа сериозен бизнис на Западот. Проблемот со социјалните медиуми е што таму се читаат кратки текстови. Дури и колумна од две страници веќе е долг текст за тие медиуми, а особена популарност имаат оние што умеат својата мисла да ја изразат во форма на максима, во една или две реченици. Тоа, сепак, не значи дека традиционалната книжевност и пишувањето новели и романи треба да се заборави, да пропадне или да влезе во историјата. Тие сопостојат паралелно, но сега е времето на кусите форми. Тие имаат најголема популарност.

Роден си во Скопје. Најголемиот дел од животот го минуваш во Скопје. Како го чувствуваш Скопје, за разлика од она што го живеевме пред триесетина години?

– Скопје на крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите на 20 век беше феноменален град, со свои добри и лоши страни. На помладите генерации не можам да им објаснам дека на полноќ се одеше во Старата скопска чаршија, а во диско се одеше во три часот по полноќ. Скопскиот ноќен живот почнуваше кога ќе се стемни, па имаше прва смена до полноќ, втората смена траеше до разденување и обично завршуваше во некоја бурекџилница или на чорба. Тоа траеше неколку години, а потоа дојде влијанието од Запад и воведување на работно време и други такви закони и забрани. Така Скопје го изгуби својот шарм. Но, Скопје за мене е истовремено и најомразениот и најсаканиот град, бидејќи е мој. Луѓето што го сакаат Скопје не треба да дозволат секаква багра да им го крои градот и со градби и со политики, бидејќи така ќе ги избрка кротките и питомите, а дивите ќе прават што сакаат. Тогаш Скопје ќе стане варварски град, како што веќе станува.

На што мислеше кога најновата книга ја наслови „Несреден век“?

– Насловот има буквално и метафорично значење. Несреден век е несреденоста на овој век. Сета таа џунгла од информации, мешање стилови и глобалистички поврзаности кои ги збунуваат луѓето го прават векот несреден. Не е среден и затоа што е различен од средниот век. Но, од друга страна е и сличен со средниот век, бидејќи тој траел долго, а мислам дека и овој несреден век ќе трае долго. Средниот век трае неколку векови, како што средовечната доба на човекот трае долго. Средниот век има и добра и лоша страна, бидејќи има некаква стабилност, но има и надмоќ на црквата над општеството со наметнување на една вистина над сите. Нешто слично гледаме и денес преку користењето на силата и моќта на државата со наметнување на едноумие што не е многу различно од средновековното. Се пласираат некои идеи како прогресивни и секој што не ги прифаќа е надвор од своето време и не треба да постои. Има голема агресивност кон секој што има различно мислење од она што е општоприфатено во денешните западни демократии. На тој начин се наметнува едноумие под превезот на слободниот пазар и демократијата. Бидејќи ние веќе сме живееле во едно едноумие, многу е лесно тоа да го препознаеме.

Во едно такво опкружување, каде се гледаш себеси како ТП „Сивејан“ во некаква догледна иднина?

– Ниту се гледам во иднина, ниту во минато. Конечно научив да постојам во сегашниот момент. Секој ден ми е нов ден и убав ден, така што не мислам многу за утрешниот. Можам да планирам во некакви груби црти, но оставам да ме изненади новиот ден со своите новини. Така што не се обидувам да се замислам некаде за пет години, како што не можам да се сетам што сум правел пред пет години. Битен е само сегашниот момент.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 102, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот