Интервју со писателот Томислав Османли: Нашиот жанр е парадоксот

Прилично активен период за прозното и есеистичкото творештво на Томислав Османли се случува овој месец. Во издание на „Либи“ се појави книгата „Најстари приказни: Митови од мугрите на западната цивилизација“, издавачот „ВиГ Зеница“ ја објави збирката раскази и новели „Парадоксикон“, додека кај издавачот „Бегемот“ треба да се појави и книгата „Медиумот што недостасува“.

Творечкиот корпус на прозаистот, драматург, сценарист и есеист, Томислав Османли во краток период е збогатен со три нови изданија со различни жанровски определби. Ако во „Најстари приказни“ се прераскажани приказни што оставиле и што сè уште оставаат печат врз културата и историјата, во „Парадоксикон“ протагонисти се „гротескни ликови: поделени, испарцелизирани, испартикуларизирани, испартизирани единки, кои ја живеат таа своја егзистенцијална морална трагедија – парадоксално – како поднослива драма“.

Очигледно многу „фантазии, очудувања, каприча, фарси и гротески, парадокси во проза“, како што е поднасловот на книгата „Парадоксикон“, носите во себе. Дојде време сите да се објават?

– Да, отприлика како да се собираат созреани плодови. Оваа пролет и лето се мојата авторска есен и според возраста, па и според плодовите на творечкото стебло. До тука метафората е идилична и поетична, но со оглед дека заживеавме во едно време на испервертирани вредности во кое сѐ е истумбано на глава, во кое не се доволни фантазијата и негативната утопија како жанрови што ќе ја доловуваат неговата бит, туку пожесток, поироничен, подлабок и покритички, фарсичен и гротескен потход… Она што во една ваква современост како писател ме интересираше, беше да се соголи неговата премолчана хипокризија и умножените деформитети, манипулативноста, месијанствата што се шират во сите етнички и политички кампуси повеќе од коронавирусот, меркантилноста како мерка за сѐ, изневерувањето на вредностите на правичноста и на чесното владеење, расипувањето на системите, пред сѐ, на образовниот и системот на јавното здравство, претворањето на демократијата во систем на клиентелизам и корупција… Накусо, крахот на вредностите.

Во суштина и двете мои нови книги – едната главно за млади која се вика „Најстари приказни“ и втората „за прерано остарени граѓани“, луѓе изневерени од ударите на горчливо искусените популизми, демократури, разочарани од залудно покренувани надежи, со еднобојни, портокалови или со шарени ветувања и оставени без основните вредности, дадени во прозата што ја именував „Парадоксикон“ – бараат потпора во човекољубивите и слободољубивите етички вредности, во првиот случај директно и дидактички, со прераскажаните херојски митови појавени на хоризонтот на западната цивилизација во самите неговите мугри; или по пат на сатиричните, напати жестоки соголувања на фарсата во која е потопен современиот свет кој ни стежнува на плеќите на сите, од Сирија до Минеаполис, па сѐ до нас, денес и тука.

Насловот „Парадоксикон“ звучи необично, но книгата содржи приказни со вистински човечки судбини, на луѓе што животот го живеат како парадокс. Како стигнавме до ова ниво на „тажно човекување“?

– Аргументите за парадоксиконот кој ни се случува се целосно тука; во слободен пад, тие фучат, лебдат или ротираат насекаде околу нас, во сите наши орбити, домицилни и светски во кои се манифестира, кај нас на пати и карикатурално се рефлектира современиот свет. Сѐ е во превривање. Нема веќе стабилни вредности, во новата квантна иреалност укинати се сите гравитации; сѐ е бестежинско. Поништени се гравитациите на триполарниот свет во кој со задоволство ги ставам и некогашните неврзани земји, кои ние од Југославија ги креиравме и ги лидиравме, а веќе не постојат, моќните се деградираат одвнатре, сојузите манифестираат сѐ поголема немоќ, бидејќи на лице е свет на партикуларни интереси, Европа како интегративна и солидаристичка идеја се компромитира во партикуларизмот, бирократизмот и бледите лидерства кои допуштаат појави на екстремно антиевропски центри на моќ, социјалдемократијата како алтруистичка идеја постои единствено во остатоците од социјалните држави на северот од континентот, додека овде на југот, каде што имавме комплетно социјална држава – во социјализмот со сите негови маани – таа е стопена во котелот со вражбините на новата домицилна плутократија, која веќе деценија и пол владее веќе бестежински и безгранично, а кога безгранично владее плутократијата, системот – токму според мудрите укажувања на Платон и Аристотел – добрите општества се расипуваат, демократијата не се унапредува туку се расипува и попаѓа во клептократија.

Кога, пак, клептократијата владее таа го јаде општеството, ја голта средната класа, интелектуалците, критичките слободномислечки граѓани, чесните луѓе и вредности и воопшто, го јаде како револуцијата своите деца, овојпат секого што ќе се спротивстави на тоа деформирано владеење. Клептократијата под маска на партиска држава, станува омниворна, таа го голта целото општество, потоа се дигестира, се вари самата себе си, како во еден од расказите на книгата со очудувања, фарси и жестоко доловени парадокси… Накусо, нашиот жанр е парадоксот. Некогашниот популарен „Сатирикон“ на античкиот писател Петрониус, како и на големиот филмскиот автор Фелини, сега се појавува како – Парадосикон, како еден нов жанр, па ете и како наслов на мојата книга.

Забележувате дека станавме еден вид редуцирани луѓе што светот околу себе го примаат само како информација, гледајќи но и доживувајќи го. Каде отиде современото општество?

– Современото општество стана жртва на сопствените доктрини. Тоа одлично го има нагласено писателот, уредник и издавач, Глигор Стојковски во својот сугестивен предговор кон нашата книга „Парадоксикон“. Токму тоа општество непрекинато се повикуваше и се повикува на демократскиот дијалог на разликите, и токму нему му се случи приказна за жестокиот пораз на вториот глобален пол. Падот на партискиот монизам доведе до новиот монизам, колосалната осаменост на супер-капитализмот. Во еден период светот потсетуваше на човек од метрополите кој разговара сам со себе. Сега тој лик почна и да се пресметува со себе. Лошо е и за тебе, според старото демократско начело, кога ќе го изгубиш конкурентот и критичарот. Да се разбереме: не жалам јас за реалниот социјализам кој беше жестока изневера на слободољубивите идеали на автентичниот социјализам, кој треба да има алтруистичен, но и нормален човечки лик; жалам за југословенското искуство кое, со сите недостатоци, успеа да се развие во примерен модел кому, при рекапитализацијата, му требаше премин во партиципативниот модел на организацијата на претпријатијата, а бевме на чекор од него.

Успехот на југословенското општество не се мери со нашите носталгии, туку со резултатите на полето на меѓународното и политичкиот углед кој го уживаше таа земја, на успесите во спортот, слободната комуникација на луѓе и идеи, врвните уметничките достигнувања, на елитната, како и на алтернативната, особено на рок-културата. Југословенското самоуправување како идеја, па и како практика го истражуваа социјалдемократски политички авторитети од нордиските и од други земји на светот и од Германија на канцеларот Брант, него го привилегираа марксистичките мислители кои продуктивно дијалогизираа со нашите академци на познатата меѓународна Корчуланска школа, но и најзначајните либерални филозофи на тоа време, како да речеме Жан-Пол Сартр, кој нашиот систем го нарече реализација на неговите филозофски видувања. За жал, тоа општество колабираше под ударите на огромниот надворешен долг, но пред сѐ, зашто не беше подготвено за промените кои кон крајот на 80-тите години на минатиот век дојдоа и наврапито ја сменија политичката и идеолошка мапа на Европа.

Сепак, идејата за социјална правичност живее, не на истокот од светот, туку и како политичка практика и идеи кои јакнат онаму кај што најмалку се очекуваше, на северноамериканскиот континент. Идејата за демократски социјализам, до вчера незамислива во земјата што го преживеа макартизмот како своевиден американски сталинизам, денес е не само легитимна и широко прифатена понуда на прогресивните политички личности, идеолози и уметници: од истакнатиот лингвист и неуморен политички активист Ноам Чомски, до социјалистите Берни Сандерс, Александра Окасио-Кортрес, режисерите Мајкл Мур и Оливер Стоун и многу други истакнати личности на американскиот интелектуален и креативен свет. И не само во Америка… Социјалната и правната држава на демократскиот социјализам – кои кај нас ретко се слушаат и од партијата што номинално ги претставува – се единствената алтернатива на монолозите на прекумерните профитери во ужасниот панаѓур на парадоксите што денес владее насекаде. Останатите две „понуди“ се популизмот и ориенталната деспотија.

Во „Најстари приказни“ се враќате на изворите на човековата цивилизација, на мудростите што се пренесувале од колено на колено. Имате ли чувство дека некаде тој континуитет, свесно или несвесно, е прекинат?

– Мислам дека е прекинат. Што се однесува до митовите, ние, за жал, живееме во најстрашните. Оние најстарите, ги прераскажав за да ги потсетам најмладите и оние што ќе им ги читаат дека оваа цивилизација почива на други морални вредности кои денес се збришани, како во вториот перипетиски, или третиот кулминативен чин на античките трагедии. За разлика од древните митови, во актуелната приказна, домашна или светска, негативците и чудовиштата победуваат со леснотија. Оние што ме познаваат знаат дека не ги сакам негативните емоции и доживувања. Но ова е време на жестоки манипулации и не е време за бајки.

Порано, сѐ до крајот на Седумдесеттите години на минатиот век, по митолошки борби и перипетии, победуваа правдољубивите. И тој пат беше пример за генерациите и за духот и моралот на времето. Од деведесеттите сме сведоци на популистичкиот, сѐ поконзервативен, консумеристички, воено агресивен, хипокритски капитализам, во кој ксенофобијата, драстичните социјални разлики, сексизмот, супрематизмот од секој вид и расизмот се ослободени од Пандорината кутија стуткани таму во епохата на посткомунизмот. Нема веќе светли ликови за идентификација, како Махатма, Тито, Коча Поповиќ, Че, Хо Ши Мин, Мартин Лутер Кинг, Јасер Арафат, Јицхак Рабин… Ова е време на изразити негативци, а приказните се повторуваат како лоши фарси и парадокси.

Како во напливот на експерт(к)и и инфлуенсер(к)и да ги препознаеме вистинските вредности, кои можеби тие и не ги нудат?

– Тоа се посластиците со адитиви што консумеризмот ги сервира во масовната гозба на безвкусието. Некогаш сите масовни медиуми функционираа во натпревар на понудени вредности, денес во конкуренција на безвредности. Понижувачки ТВ-фарми, примитивни риалитија и откривање музички таленти што вулгарно ги водат сомнителни естрадни фигури. И тие денес доминираат, масовно истурани во заглупувачката потрошувачка на слики и звуци. Жолти стории и снимки за затапување на системот на вредности, на едно масовно општество кое во очите на профитерите постои единствено за да троши.

Кај нас културата е падната на најниски гранки, најмногу од политички кадровски причини, за култура се прокламира естрадата и циркусите на безвкусието во кои прво одумреа програмите за култура и уметност, оти власта и медиумските управи на просечните не ги сметаат за продуктивни, што за важни се прогласуваат политичките скандали или скокотливите приказни за „интимните приклученија“ на првата генерација збогатени скороевци на кои им годи евтината популарност. Денес, потплатениот скандал е пред објективната информација, денес за советници за култура се именуваат било естрадни ликови било роднокрајни алтернативци, а славни се не уметниците со меѓународен успех и реноме, не елитните дејци и творци, туку силиконските инфлуенсерки и „експертите“ со партиски ботокси и надградби, меѓу нив, за жал, и извесен број професионалци со високо, но бившо и истрошено реноме. Не е сѐ за продажба, професионалната етика и личниот образ особено.

Сета таа галерија од сатириконски ликови сега ровари по некогаш суверениот, сериозен терен на медиумите, сега потчинети на сомнителните вкусови на газдите, новокомпонираниот вкус царува, риалити програмите го стимулираат сеирџијата кој никогаш и не исчезна од нашата менталитетна галерија и сега го креваат на пиедестал на медиски воајер на примитивни програми кои на продуцентот му носат пари, на телевизијата гледаност, а на националната култура царување на примитивизмот.

За разлика од древните митови, во актуелната приказна, домашна или светска, негативците и чудовиштата победуваат со леснотија

Во финална фаза се подготовките за печат на книгата „Медиумот што недостасува“. Зошто одлучивте по 30-ина години повторно да ги објавите есеите што некогаш проникливо следеа што се случува со Скопје?

– Токму поради понапред кажаното. Медиумот што недостасува беше објавен на почетокот од Деведесеттите, кога толку нешта и вредности видно недостасуваа. Потоа се покажа дека листата не само што останала актуелна, туку и во некои аспекти значително се проширила. Ми беше драго да го слушнам тој впечаток од уредниците Филип Димевски и Андреј Јованчевски, кои темелно ја препрочитуваа книгата и која наскоро треба да се појави во издание на „Бегемот“ од Скопје.

Долго време работевте како уредник на редакција за култура. Ви недостасува ли новинарската работа? Или, што најмногу ви недостасува во медиумите?

– Во медиумите ми недостасува добриот вкус и одмереноста, културата на изразот, продлабочените знаења и објективната критика. Новинарството не ми недостасува. Во новинарството ми недостасуваат времињата на професионализмот и културата.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 36, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 јуни 2020)

Видео на денот