Интервју со Кокан Димушевски: Делата што ги создавате ве прават големи и вечни

Кокан Димушевски/Фото; Слободен печат/Методиј Здравев

Во време кога колективната свест повеќе се храни од кичот, а уметноста е истуркана на маргините, уметниците стануваат „сламка за давениците“ кои бараат непресушни извори на автентичен уметнички израз, кои го имаат малкумина. За среќа, сѐ уште имаме и музичари како Кокан Димушевски, композитор, клавијатурист, аранжер, тон-мајстор и продуцент, кој со своето 50-годишно музичко творештво и бесценето животно искуство има кристално јасни ставови за уметноста, музиката и за условите во кои живеат и создаваат нашите уметници.

1. Вие сте еден од најпродуктивните и најзаслужни музичари на нашата почва за развојот и афирмација на квалитетниот македонски авторски звук во многу различни музички стилови и жанрови. Дали мислите дека доволно и соодветно се негуваат и се чуваат ваквите раритетни музичари кај нас?

– Бесрамноста на глупоста достигна епидемиолошки размери, особено на овие простори, така што ништо чудно и спектакуларно што вредностите ни се тотално избришани од колективното помнење. Еволуцијата и технологијата би требало да донесе поумни, поинтелигентни, пообразовани генерации од нас, но, за жал, некаде по патот се прекинува низата во создавањето и добиваме затупавени, разулавени, оглупавени маси на луѓе, кои ништо не ги допира освен брзиот профит, многупати и по многу сомнителен пат стекнат и брза и евтина забава за рептилските примарни сензори. Дали човештвото неповратно ја загуби војната со човечноста, мислам да. Станавме свет на лажни пандемии, одземање на идентитет, големи трагедии ни станаа секојдневие пиејќи го кафето во некое фенси кафуле и скролајќи бесконечно на телефонот читајќи ги само насловите, илјадници, десет илјадници мртви, тоа поминува покрај нас како ништо да не се случува, но тоа е веројатно добар и долго осмислуван план да се создадат робови без емоции и чувства. И како сега да одговорам на прашањето што ми го поставивте, а и кого тоа ќе го интересира. Ние (раритетните) си се препознаваме по едно обично искажано „Добар ден“ на улица со непознат, поздрав што ретко може денес да се слушне на улица, во лифт, во животот.

2. Што за Вас значи афирмирање на македонските автори и дела и дали мислите дека државата и надлежните институции помагаат со соодветни платформи и услови за каква било афирмација?

– Државата и институциите отсекогаш знаеле да загребат од уметниците само кога имаат потреба да се пофалат пред странски делегации. Многу често имам чувство како да сме во некој циркус каде што те покажуваат како чудни експонати со шест раце и пет нозе во соба на монструмите и тука завршува државно институциската помош. Според некој таен и непробоен код, големите проекти ги добиваат полуписмените и неталентираните. Веројатно добро се штитат едните со другите. Толку е сè бесмислено што и самото мое говорење станува непотребно и налудничаво. Катастрофалниот невкус е во фокусот на интересот, вистинската уметност е затворена во некоја соба на ‘монструмите’.

3. Со оглед на историското значење на Вашиот авторски опус во музичката култура кај нас, општиот впечаток е дека македонската публика многу ретко Ве консумира на концертните сцени тука. Зошто е тоа така?

– Точно е тоа дека моите концертни настапи се во помал број, особено во Македонија, затоа што навистина сакам да имам секогаш нов материјал што би го презентирал. Кога концертирам сакам да цртам музичка слика што е уникатна само за тој настап. Во исто време, мене ми претставува предизвик и задоволство никогаш ништо да не повторам. Секој концерт да биде како нова музика, уникатна. Тоа е малку потешкиот пат, бидејќи ја напуштам сигурната и комфорна зона на веќе совладаниот и навежбан музички материјал. Сакам да импровизирам на својата музика, да ме поведе моментот, просторот, публиката, расположението, едноставно сакам самиот себеси да си се изненадам, инаку зошто некој би одел на концерт ако го слушне потполно истото што веќе го слушал на носач на звук.

Кокан Димушевски/Фото; Слободен печат/Методиј Здравев

4. Оваа година бевте одликуван со орден за заслуги од претседателот Стево Пендаровски. Колку лично Ви значи ова признание?

– Малку е застрашувачко чувството, но во позитивна конотација кога за животот ќе бидете одликувани со орден за заслуги на Македонија, кога некој ќе се потруди барем површински да чепне и да го опише и да го наброи опусот на создадени дела кој е навистина огромен. Единствената одбрана од срамежливото чувство дека цела вечер зборуваат за вас е да помислите дека станува збор за некој друг, дека јас сум само случаен минувач во тој момент. Секако дека се чувствувам горд на постигнатото и на добиениот орден, но еуфоријата завршува оној момент кога наградата ќе ја одложам во некоја витрина и повторно си го поставувам она мое прашање: „Ќе ме удостои ли Господ и понатаму со уште инспирација и музика?“

5. Дали се сложувате со општото тврдење меѓу нашата популација, дека нашиот квалитет повеќе се препознава и се вреднува надвор од нашата држава?

– Ништо ново и ништо чудно. Во мала средина како нашава секогаш се странците поинтересни, подобри, поквалитетни од домашните што речиси секој ден ги среќавате во некој маркет или на улица. Такви сме како народ, таков ни е сојот, да бидете сервилни кон сè што доаѓа однадвор, притоа со резигнирање отфрлајќи го својот, домашниот квалитет. Сведоци сме каков невкус полни концертни сали. Голема вина за тоа имаат и медиумите, кои со толкава фасцинација рекламираат и зборуваат за нештата што доаѓаат однадвор, отстапувајќи им голем медиумски простор. Можеби еден дел од вината е и во нас самите, бидејќи ова не е време на скромност и достигнувања, туку време на бесрамно туркање, буткање и самобендисани. Но, тоа е тоа, не заслужува премногу жестење околу ова прашање. Но, морам да признаам дека моите концерти тука, дома, се добро посетени и примени од публиката, која сака нешто поинакво да доживее од тоа што се нуди секојдневно, сѐ уште има додуша во сѐ помал број, љубители на уметноста кои купуваат книги, винили, одат по театри и изложби.

6. Имаме универзитети на секој чекор; дали некоја од музичките катедри во земјава за добробит на студентите Ве побарале да им ги откриете Вашите „тајни“ осознаени од речиси 50-годишното создавање музика? Какво е искуството во странските земји во однос на ова прашање кон Вас?

– Квантитет бројки на универзитети од секаков вид кај нас не значи и квалитет на образованието што го нудат. Очигледно е дека се работи за чист бизнис и профит каде што самото запишување на приватен универзитет ви носи на крајот загарантирана диплома од него, нормално за одреден (не мал) финансиски надомест од ваша страна. Мислам дека сме една од ретките држави со толку магистерски и докторски титули, кои воопшто не се мерило за стручноста и наученото. Замислете еден концертен плакат на кој пишува: м-р В. А. Моцарт, д-р Игор Стравински, дипл. инг. Рихард Вагнер, м-р д-р Морис Равел итн., многу смешен плакат ќе биде. На генијалните умови и уметници не им треба титула, посоодветно би било да ги напишеме вонземјанинот тој и тој, бидејќи универзумот зборува низ нив и за нивните дела. Знам дека многу од титуларните ќе ми замерат за оваа моја изјава, но мене многу ми е смешно кога ќе прочитам на плакат за некаков концерт титули пред името на композиторот или на изведувачот. Сè уште не сум сретнал ниту еден плакат или омот од некое издание на Мајлс Девис, Кит Џерет, Френк Запа итн. да пишува некаква титула пред името. Дали титулата значи и генијален пијанист или композитор – апсолутно не, дури мислам дека својата осредност ја прикриваат со титуларноста така што посетителот на концертот или слушателот очекува нешто врвно, а всушност во реалност добива осредност. И сега што правиме, чаре, излез? Делата што ги создавате ве прават големи и вечни, сѐ друго е залудно потрошено време и талент (ако го има) во добивањето на општествено признаени титули, кои барем во уметноста не значат ама баш ништо. Можеби Да Винчи и Пикасо грешеле што ниедна слика не потпишале со м-р или д-р (што чисто се сомневам дека и имале некаква), бидејќи создавањето уметност е најголемата титула што ви е дадена од Бога и од универзумот. Но, да не се разбереме погрешно, академската наобразба не е задолжителна, но е полезна, со една назнака, што подобро ги научите правилата толку подобро ќе ги нарушите и ќе бидете уникатни. Желбата за истражување и учење е индивидуална и не зависи од академизмот. Да се вратам на прашањето, да ама не многу често знаат помладите музичари да ме распрашаат за некоја од тајните на продуценството, снимањето, свирењето. Не сум имал никогаш желба моето знаење да го ставам во улога на некоја образовна институција. Неколкуте меѓународни гран при награди за тон-мајстор ми даваат за право да сугерирам на понеискусните но желни за сознанија околу техниката на тонско снимање на живи настапи, студиски снимања и ме радува што приоѓаат искрено во намерата да осознаат што повеќе, но и тука се провлекуваат оние што СÈ знаат, а всушност ја згрешиле професијата комплет.

Кокан Димушевски/Фото; Слободен печат/Методиј Здравев

7. Како еден од основачите на најкултната македонска група „Леб и сол“ зад себе имате исклучително богато концертно искуство. Дали тоа ги истенчи Вашите критериуми во однос на квалитетниот концертен звук и дали Македонија може да се носи рамо до рамо со регионалните и со европските музички фестивали?

– Многу интересно и забавно е последниве десетина години да се свири во „Леб и сол“. Тежината од големината на името која некогаш знаеше да претставува своевидна музичка блокада кај нас самите, ја пренасочивме во леснотија кога станува збор за концертни активности. Секој концерт го правиме различен од претходниот, се впуштаме во импровизирани форми на веќе и за нас помалку здодеаните композиции што сме ги создале пред повеќе од 40-ина години. Не постои договор како ќе започнеме некоја композиција, што ќе биде во средината и како ќе ја завршиме. Такви експерименти се можни само ако околу себе имате вистински мајстори на инструментите и вљубеници во музиката. Мислам дека така ним им го продолжуваме векот, од друга страна, се ставаме во модус на тотална концентрација додека свириме, ние сме среќни на бината, а гледам и публиката ја препознава енергијата и ужива со нас. По толку многу одржани концерти, спремни сте да си ја направите вечерта убава. Звукот на „Леб и сол“ е уникатен и препознатлив и независен од техничките помагала како озвучување, монитори, бина итн. Во денешно време веќе не постои тешкотија за солидна техничка опрема компатибилна со големината на просторот каде што се одржува концертот. Магијата е во човекот, во музичкиот јазик и во сопствениот и уникатен звук. Истенчениот вкус и строгиот критериум се создаваат во текот на многу работа и искуство, но треба да бидете и родени таков, неприкосновен во исполнување на своите замисли и внатрешната, своја музика со која живеете цел свој живот. До пред триесетина години работев како тон-мајстор и продуцент на десетина фестивали, некои од нив дури и комплетно ги снимав и свирев, но тоа помина. Има толку поинтересни работи што треба да се направат во животот што одамна немам веќе никаков допир со фестивалските ноти.

8. Дали младата публика знае да препознае квалитет во музичкиот избор меѓу нашите авторски поединци и бендови и дали мислите дека имаме доволно добра музичка продукција и во квалитет и во квантитет?

– Декаденцијата што ни се наметнува со децении, а особено последнава, си го зема данокот во крв и тоа таму каде што најмногу боли – кај помладите. Технолошкиот напредок ја избриша онаа разлика во годините помлад – постар, ако може едно тригодишно дете да скрола на телефонот по разни социјални мрежи и музички канали каде што на тацна се нуди сè и сешто, а тоа обично се многу критични и дискутабилни дури и страшни содржини, нормално дека ќе се загуби она природното кај човекот, желбата за убави нешта. Се наметнуваат сензации, премногу светкави и брзи промени на слики и случувања на екранот што доведува до „overload“ на сетилата и станувате нем и затупен соучесник во штетата, притоа тотално несвесно. Борбата за егзистенција кај родителите го наметна скапиот смарт-телефон што го добиваат помладите, воедно обезбедувајќи си мир во куќа. Светот се смени и се менува уште повеќе, но на лошо. Евтина култура, лошо образование, скапи коли и телефони прават зомбирана генерација, која живее во светот на социјални мрежи и дигитални лајкови. Треба да сфатат дека Моцарт не е обложувалница, а Бетовен не е кучето од филмот. Но, за среќа, секогаш ќе има од оние помалку или повеќе продуховени млади луѓе, кои одат на уметнички концерти, изложби, читаат книги, не за да бидат видени од другите туку од искрена и исконска желба да бидат дел од убавото. Но, како и да е, тие го наследуваат светот што го создаваат и ќе мора да живеат во него, а ние постарите пополека ја напуштаме оваа форма на живот и преоѓаме во друга, енергијата не умира само ја менува формата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот