ИНТЕРВЈУ СО КИРИЛ ПЕНУШЛИСКИ: Зимскиот салон стана „моја“ изложба, а со тоа и предизвик

Модерниот истражувач и историчар на уметност, Кирил Пенушлиски, е куратор, селектор и жири на 18. Зимски салон на ДЛУМ, кој ќе биде отворен на 3 февруари во објектот Чифте амам при Националната галерија, но тука го откриваме и неговото напластено познавање на ликовната уметност и семејната традиција на копнеж по убавото.

Работна атмосфера затекнавме на бирото на историчарот на уметност Кирил Пенушлиски. Во тек се завршните подготовки на изложбата на која ќе бидат претставени селектираните дела на 18. Зимски салон на ДЛУМ, чие отворање е најавено за 3 февруари во Чифте амам.

По повеќегодишен студиски престој надвор од државата Кирил Пенушлиски се врати во Македонија како доктор од областа на историјата на уметност со намера својот истражувачки и едукативен потенцијал да го вложи во проекти од областа на ликовната уметност. Присутен е на, речиси, сите изложби што се отвораат во македонските музеи и галерии, а Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) му довери сериозна задача – да понуди тема, да направи селекција на делата и да одлучува за наградата на 18. Зимски салон.

Во своето образложение на темата „Првиот грев – првата доблест“ Кирил Пенушлиски посочи дека во однос на „Првиот грев“ уметниците можеа да истражуваат во правец на христијанската конотација на гревот, посебно на првиот грев на Адам и Ева; вродената карактеристика на првиот грев поради која секој човек го наследува гревот од своите родители; гревот во модерното општество; како и со реинтерпретација на историски уметнички дела кои го прикажуваат „Првиот грев“. Во однос на „Првата доблест“ теми кои можеа да се истражуваат се непослушноста и бунтот како доблест; бунтот и револуцијата како агенти на социјални промени; непослушноста гледана низ призма на историски настани; како и непослушноста во современиот, дигитален свет и општество.

Темата „Првиот грев – првата доблест“, што ја зададовте за 18. Зимски салон на ДЛУМ, отвори широко поле за истражување од страна на ликовните уметници. Колку сте задоволни од резултатот, односно изразот на темата во ликовните дела што пристигнаа на конкурсот?

– Од конечниот резултат сум задоволен. Сѐ уште има работи што треба да се „испеглаат“, како поставката на изложбата и каталогот, но гледајќи ги делата што се веќе во Чифте Амам, мислам дека овогодишниот Зимски салон ќе биде добра изложба.

Кирил Пенушлиски (Фотографија: Слободен печат / Арбнора Мемети)

Колку состојбите во модерното општество ви беа инспирација за погоре спомнатата тема на салонот, имајќи предвид дека меѓу насоките за работа беа и „гревот на модерното општество“, но и „непослушноста и бунтот како доблест“?

– Состојбите во модерното општество, не само во Македонија – нашата земја е само мал дел од оваа планета, имаа влијание врз мојата одлука да ја понудам оваа тема. Сакав темата да биде широка, да може да се толкува на повеќе начини, да се гледа од повеќе агли, а сите тие различни толкувања на авторите да бидат издржани. Секако, во рамките и пропозициите што беа зацртани.

Во кој правец тематски повеќе се движи изразот во делата – кон гревот или кон доблеста?

– Повеќето дела се поврзани со гревот. Што не беше неочекувано. Гревот е секси, гревот е „ин“.

Зимскиот салон на ДЛУМ е респектибилна и престижна ликовна манифестација, која биенално се одржува кај нас. Како вие ја почувствувавте тежината на тројната функција (куратор, селектор и жири) што ви е дадена во однос на годинашното издание на салонот?

– Тежина не чувствував. Напротив, тоа што имав одврзани раце, што целата изложба ми беше мене доверена, беше олеснување. Зимскиот салон стана „моја“ изложба, а со тоа и предизвик.

Единствено за што жалам е тоа што немаше повеќе време за соработка со некои од уметниците. Зимскиот салон е биенале, се одржува секои две години, а јас бев избран како куратор минатото лето. Официјално темата беше претставена со мое предавање во септември минатата година, а крајниот рок до кој требаше да се пријават делата беше декември. Мислам дека тоа е краток период.

Ги следите речиси сите ликовни појави и изложби во државата. Во таа смисла, колку салонот е вистински репрезент на состојбата со ликовната уметност кај нас?

– Очекував, а морам да признам дека и се надевав, дека некој ќе го постави ова прашање. Одговорот мислам дека нема да ве задоволи.

На оваа изложба, на пример, нема да видите дела од двајцата македонски уметници кои се членови на Македонската академија на науките и уметностите, ниту пак од великаните на современото македонско сликарство, како Пенушлиски или Корубин.

Зимскиот салон е изложба на дела на членовите на ДЛУМ и мислам дека со години, да не кажам децении наназад, веќе не дава вистинска слика за македонската уметничка сцена, посебно не за квалитетот на современата македонска уметност.

Можеби подобро би било ако прашањето гласи: „Колку салонот е вистински репрезент на состојбата со ликовната уметност во рамките на ДЛУМ?“. На што би одговорил дека овогодишниот салон не е добар репрезент. Јас бев многу строг при селекцијата, а тоа се гледа и по бројот на изложени дела. Многу малку уметници го добија мојот глас и се присутни на Салонот.

А овојпат изложбата е збогатена и со дела на гостин, кој јас специјално го поканив, а кој не е член на тоа здружение – Александар Зафировски.

Во вашите предавања често поентирате дека „модерната уметност почнува од Сезан“. На што се потпира ова теза и која е македонската верзија на истата?

– Модерното сликарство почнува од некои дела од доцниот период на Тицијан и од еден мал портрет на Веласкез во Виена, слики што се „апстрактно“ сликани.

Но, „модерната уметност почнува од Сезан“ звучи како нешто што јас би го рекол. Во современата уметност сите имаат право да творат, да креираат со сопствен ликовен јазик што има сопствена граматика, сопствени изразни средства, сопствени пејзажи. Сега сите можат да обработуваат лични, понекогаш херметички затворени проблеми. Тие проблеми се искажуваат со еден нов – често непристапен – јазик, што обичниот гледач треба, но, не секогаш може да го протолкува. За тоа го обвинувам Сезан! Сезан е сликарот кој ја отвори кутијата на Пандора.

Македонска верзија е Никола Мартиноски. Тој е првиот. Од неговиот шинел излегоа сите.

Според Кирил Пенушлиски, основоположник на македонската модерна ликовна уметност е Никола Мартиноски

Автор сте на монографијата „Никола Мартиноски до 1945“ година, објавена од Националната галерија во 2017 година. Ќе има ли втор дел од монографијата и колку јавноста е доволно упатена во животот и делото на најзначајните македонски ликовни бардови?

– Многу бргу ми стана јасно дека творештвото на тој великан нема да можам да го обработам во еден здив. Затоа решив да го поделам на два дела. Годината 1945 е со огромно значење за македонскиот народ, а исклучително важна и за самиот Мартиноски. Таа година се оженил, го добил првиот син, а по ослободувањето на Македонија во неговото творештво се појавуваат нови теми и мотиви, што ги нема пред Втората светска војна.

Првично се надевав дека тоа ќе бидат пет книги. Две кои ќе ги обработат неговата уметност и неговиот живот, до и после 1945 година. Две каде ќе се објават сите документи што јас ги открив во текот на тие пет години истражување, колку што беа потребни за „Никола Мартиноски до 1945“. Сѐ уште мислам дека објавувањето на тие документи би било од огромна корист за сите кои сакаат да се занимаваат со уметноста на Мартиноски. Додека последната, петтата книга требаше да биде сеопфатен каталог на сите негови дела.

За жал, други книги за Мартиноски нема да има. Периодот после војната е најплодниот период на Мартиноски и не може да се обработи без институционална поддршка. Не можам јас повторно да бидам Мохиканец, каков што бев во истражувањата за првите дваесет и пет години од неговото творештво. Не можам сам тоа да го превземам. Потребен ми е тим кој, ќе ги стави истите борбени бои на лицето како мене и ќе ме следи следните 5, 6 години.

Колку јавноста е упатена во животот и делото на најзначајните македонски ликовни бардови? Не е. За Мартиноски, основоположникот кој почина пред скоро пола век, објавени се само две книги, а за Леонардо, кој почина пред пола милениум, секоја година се печатат по 100 нови книги. Да, точно е дека тие двајца уметници не можат и не треба да се споредуваат, но останува фактот дека модерното македонското ликовното творештво, не само што не е доволно, туку не е обработено.

Колку вашата едукација – доктор по историја на уметност и по теорија на филм, школување во САД, магистратура во Единбург и докторат во Париз, може да се примени во Македонија и на кое поле?

– Не во онаа мера во која што би можело, а и би требало. На кое поле? Од менаџирање на колекции, институции, до курирање на изложби, истражувања во полето на уметноста и, секако, во даскалската професија.

Сликата од Франц Халс (1582-1666) поради која Кирил Пенушлиски станал историчар на уметност

Потекнувате од познато уметничко семејство – дедо Кирил Пенушлиски (основоположник на фолклористиката), татко Илија Пенушлиски (сликар). Колку семејната подлога е значајна во вашето занимавање со историјата на уметноста?

– Од дедо ми научив, гледајќи го како секој ден работи – дури и кога наполни 90 и кусур години – што значи да се биде истражувач и професор. Буквите на клавишите на неговата машина за пишување не се препознаваат од употреба, а бирото на коешто тој работеше е извиткано во средината од тежината на книгите што беа напишани на него.

Во моите формативни години со татко ми повеќе зборував за „Принц Валијант“ и „Крцко и Малецки“, за тоа дека „Трагачи“ и „Водачи на каравани“ на Џон Форд се подобри од кој било филм на Хичкок (што е точно!), отколку за сликарството. Морам да додадам дека сѐ уште не се сложуваме и се надевам дека ова нема да го прочита, затоа што пак ќе почне расправијата.

Сигурно дека тоа што татко ми е сликар, придонесе уметноста да ми е блиска. Но, јас станав историчар на уметност повеќе поради Франц Халс отколку поради сликите на татко ми.

Еден ден, пред многу, многу години, една слика на Халс ми удри шамар. Веќе имав видено негови дела низ светските музеи, редици на портрети кои ништо не ми значеа, и тој ден во Националната галерија на Шкотска, далеку пред да одам таму на постдипломски студии, отидов да ги гледам Тицијан, Веласкез, Рембрант… А таму се најде едно прцулче од слика. Едно мало платно на Халс од нецели триесетина сантиметри, кое беше подобро од сѐ што видов претходно. Како гром ме погоди. Таа слика ми отвори врати кои не знаев дека постојат и низ кои не можев да дочекам да пројдам кога еднаш ги открив.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 15, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25/26 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот