Интервју со Јелена Јованова, актерка: Анксиозноста не ме одмина, но добив други квалитети

Фото: Приватна архива-Мартин Трајановски

Пред неполни три години, нејзиниот живот сосема се смени, откако во јуни во 2020 година, среде најголемата пандемија го роди Јаков. Актерката Јелена Јованова сега е посветена мајка и вели дека на моменти е флексибилна, а на моменти строга со синот, со добра цел. Живее во Загреб, каде што некогаш одамна живееле и нејзините родители, со синот и со сопругот Стјепан Периќ, нејзиниот колега актер. Два месеци пред да се породи, Јелена доживеа голема траума, плашејќи се дека ќе го загуби бебето, од честите земјотреси што ги вознемирија граѓаните на Загреб. Во искреното интервју за „Слободен печат“, таа се потсетува на овие мигови, открива дека работи на нови проекти, раскажува за своите најважни животни размислувања и со радост зборува за новиот филм во кој таа и Сашко Коцев ги играат главните улоги.

Со Сашко Коцев ги играте главните улоги во филмот „Нешто слатко“ (Nekaj Sladkega), кој е романтична комедија. Како одеше снимањето со колега од Македонија на словенечки јазик, каква е твојата улога во овој филм?

– Само со ваква група ентузијасти, посветени и предадени на својата работа секогаш да го дадат својот максимум може да се сними романтична комедија со глумци од регионот, тотално независно продуцирана и во таа секојдневна герила и неизвесност дали ќе го завршиме снимачкиот ден онака како што сме мислеле, може да се извлечат свежината и хуморот потребни за овој жанр. Кога работите се такви, многу ти е битно кого го имаш за главен партнер во филмот. Среќа наша што си се имаме со Сашко.

Фото: Приватна архива

Главната машка улога е и пишувана за него, а главната женска беше замислена за Словенка. Но, потрагата за Каја – главниот женски лик – не завршила во Словенија, за жал или за моја среќа. По препорака на Сашко, наместо за споредна улога да ме побараат на кастинг за главна, Каја дојде до мене. Во филмот играм Хрватка и зборувам на хрватски јазик. Сашко зборува на македонски и на српско-хрватски, словенечките глумци зборуваат на словенечки и на босански, српските на српски. Филмот и приказната се буквално Југославија во мало.

Во Словенија веќе излегоа неколку критики што многу нѐ радуваат и кината се добро посетени. Сега сме во подготовки за премиера во Хрватска, а потоа доаѓаме во кината и кај нас.

Навикнати сме да те гледаме во „Преспав“ на крајот од секоја година, што не беше случајот со претходната. Кога ќе има нова сезона?

– Кој чека, сигурна сум дека ќе дочека. (се смее).

Сега, кога Јаков не е веќе бебе и има две и пол години, и кога (верувам) полека почнуваш да се наспиваш навечер, како изгледа вашиот дневен ритам?

– Не знам дали точно знам кога денот ми почнува и завршува или е сѐ еден бескраен ден. Ми се чини како родителството да е една бескрајна приказна, која има почеток, но не и крај. Дури беше бебе едвај чекав да оди, сега кога оди, едвај чекам да одлучи малку да седне. Јаков е темпераментно, здраво и љубопитно дете, кое веќе има свои илјада зошто, а јас не сум сигурна дека ги имам сите точни илјада затоа. Секој ден е предизвик сам по себе и борба што само привидно завршува со наша родителска победа. За многу нешта сум флексибилна и кога сум свесно соочена со моменти во кои сум предизвикана и во кои вистински гледам до каде сум лично со развојот на некои нешта, се трудам да пораснам и да се променам доколку треба. Но, за некои останувам тврдокорно доследна зашто верувам дека водат кон добра дисциплина. Тоа се прости рутини од типот на: оброк што треба да е во исто или приближно исто време, раскревање играчки, хигиена и во 21 во кревет.

Фото: Приватна архива

Ако се навратиш на периодот во кој се роди синот, земјотреси, ковид-пандемија, како гледаш на сето ова бурно време од денешна дистанца?

– Чувајќи ја бременоста во седмиот месец, едно утро само ни летна кровот над глава и сѐ се тресеше како да никогаш нема да престане. Трчајќи надвор, си мислев дали ќе го испуштам детето, дали ќе се заразиме, дали ќе нѐ задуши прашината од фасадата што се урна пред нас. Во моментот кога сѐ изгледаше апокалиптично до нас, надвор пред родилиштето жени, змаеви, кралици раѓаа деца. Стравот во мене се стиши во тој момент од големината, од силата, од жилавоста на самиот живот да истрае, да победи. Иако се вративме во некоја нормала, јас лично немам чувство дека сѐ е исто како и порано. Но, она што ме радува е што гледам дека конечно грижата за нашето ментално здравје исплива како приоритет. Барем во мојот случај. Ќе лажам ако кажам дека анксиозноста ме одмина, но од друга страна, пак, бенефицирав со многу други квалитети.

Свесна сум дека сѐ е минливо, дека сѐ е непредвидливо, дека немаме време и имаме „само сега“. Низ сито ми поминаа многу односи што се исчистија и останаа оние големите, се надевам вистинските. Ја негувам вербата во мигот, во неговата вистина со работа на себеси и инвестиција, истата ја хранам и понатаму, и почесто се потсетувам и препознавам што го заслужува моето време, а што не.

Дали си плашлива по природа, што најмногу те плаши и ти создава неизвесност и несигурност?

– Човек сум. Нормално е дека се соочувам со стравови и предизвици. Оној што вели дека е непробоен штит, се лаже себеси. Ме плаши природата и како може да ни врати за тортурата што ја трпи од нас. Ме плаши човечката глупост која е непредвидлива и со
разорни капацитети. Понекогаш во тој страв влегува и сопствената, непромислена и
избрзана акција чија реакција останува да ја дочекам, понекогаш не на нозе, но и тоа се вредни лекции. Верувам дека има аспекти во нашиот живот што се надвор од нашата контрола, непредвидливи, необјасниви. Но, исто така, верувам дека нашата реалност во голема мера зависи и од нашите свесни или несвесни емитирани желби, потреби што се манифестираат физички.


Фото: Мартин Трајановски

Дали си во моментов ангажирана со снимање на нова серија или филм?

– Ме чекаат 4 проекти за кои дури не се објават од страна на продукциите, не можам да споделам ништо, а веќе две години работам и на мој долгометражен филм инспириран од вистинска приказна. Тоа е нешто што во последно време најмногу ме држи будна и се надевам ќе успеам да го реализирам.

Како двајца актери што немаат фиксно работно време се организирате со сопругот околу грижата за синот?

– Досега не сме имале проекти во исто време што многу ни ја олеснува целата логистика. Се следиме секогаш каде и да се проектите, па додека едниот работи, другиот презема сѐ што може околу заедничкиот живот.


Фото: Мартин Трајановски

Кога сакате да се одморите и да избегате од градот, кое е вашето место на мирот?

– На остров на јадранскиот брег, со најнеопходни потрепштини, стари мобилни телефони чии броеви ги имаат само најблиските додека паметните се ставени настрана и што поретко се консумирани.

Повеќе интервјуа на Милица Џаровска:

Интервју со Сузана Турунџиева: Уште живеам под кирија, моите ќерки не добиваа ни алиментација ни пензија

Искрено со Викторија Јаначковиќ: Родив ќерка, но не се мажам, таткото не е од овие простори

Интервју со Ребека: Маркијан е хиперактивен и не ми дава око да затворам, не прави речиси ништо сам

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот