Интервју со историчарот на уметност Владимир Јанчевски: Истражувачкиот процес е тоа што ја дава најубавата енергија

Фотографија: Јулија Манојлоска

Историчарот на уметност Владимир Јанчевски во изминатиов период имаше полни раце работа со активно вклучување во три исклучително значајни проекти од областа на современата уметност.

Поставувањето на изложбата на скулптури од Петар Хаџи Бошков во Стоби, каде што Владимир Јанчевски е автор и куратор на поставката, имаше силен одзив во јавноста и во медиумите. Но, тоа е само еден од трите проекти на кои Јанчевски работеше во изминатиов период.

Некако истовремено во Музејот на современата уметност беше поставена и изложбата „Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа (1921-1945)“, а во континуитет на социјалните медиуми на МСУ се објавуваат приказни со наслов „Читаме заедно“ од библиотеката на музејот. Во разговорот со него ги анализираме сите овие активности.

Поставувањето на изложбата со дела од скулпторот Петар Хаџи Бошков во Стоби имаше фантастичен одзив во јавноста. Каков предизвик за Вас беше курирањето на изложбата?

– Ме радува тоа што јавноста со воодушевување реагираше уште на најавата, а посебно по отворањето на изложбата на дела од Петар Хаџи Бошков во Стоби. И тоа не ме изненадува толку многу, можам да кажам дека беше и очекувано, бидејќи и опусот на Хаџи Бошков е фасцинантен сам по себе, а секако и самиот археолошки локалитет Стоби, како локација со богат и разновиден културен материјал што е напластен во неговата долга историја. Но, тоа е само еден дел од предизвикот во однос на реализацијата на проектот – целта беше нешто повеќе од само прост збир на овие временски одвоени културни вредности. Припаѓам на група истражувачи кои, иако се фокусирани на истражување на модерната и современата уметност, ставаат акцент на живата продукција поврзана со општествената димензија на уметноста, како и на политичкиот ангажман низ уметничка призма. Но, за мене, клучно е познавањето на културата и уметноста низ времето, без конкретно географско ограничување, бидејќи сметам дека широкиот опфат е неопходен за потемелно разбирање на која било епоха. И покрај партикуларните особености, културата ја сметам за нешто што е исклучиво општо и суштинско за човековото живеење и постоење. Во случајот со проектот „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, предизвик беше токму обидот да се направи заемно критичко преиспитување на овие две временски, естетски и контекстуално одвоени и далечни точки, а сепак, да се потенцира нивната длабока поврзаност.

Целта на изложбата на скулптури на Петар Хаџи Бошков во Стоби беше нешто повеќе од само прост збир на овие временски одвоени културни вредности

Од кураторска гледна точка, која се рефлектира преку истражувањето на потенцијалот и специфичноста на локалитетот и специфичниот опус на авторот, кои ја дефинираат рамката за селекцијата и конципирањето на поставката, проектот за мене беше навистина возбудлив. Секако, истражувачкиот процес е тоа што ја дава најубавата енергија. Спојот е несекојдневен и потребно е да се избалансираат повеќе аспекти, како што е широкиот и богат простор на локалитетот и димензиите и материјалот на конкретните дела, нивната семантичка вредност. Средбата со делата, со контекстот во кои се создавани, анализата на општествената ситуација, компаративната анализа со состојбите денес и потенцијалот на пораките беа дел од истражувачкиот процес.

Како историчар на уметност, но и автор и куратор на изложбата во Стоби, што проектите од ваков вид можат да понудат како додадена или повисока културна вредност?

– Интересен е тој однос на двете знаења, теоретското и практичното. Историчарот на уметноста е фокусиран на знаењето околу конкретниот период, авторски опус, во случајов развојниот пат на Хаџи Бошков, додека кураторската работа подразбира конципирање на целина која би овозможила поинаков поглед и отворање на клучни прашања за нашиот однос кон минатите времиња и можност од дистанца да разбереме и научиме повеќе за минатото, но, можеби, уште поважно е преиспитувањето и насочувањето на нашите идеи за иднината. Уште одамна во својата кураторска практика се залагам за еден вид органско развивање на концептот низ заемниот однос на материјалот со контекстот во кој е настанат, во релација со новата ситуација. Да се погледне не само нормално, туку особено од „остар агол“ за да се отвори процеп низ она што е видливо на површината за да се добие увид во состојбата на нештата. Овој проект навистина нуди можност да се потсетиме на творештвото на Хаџи Бошков кој, секако, заслужува поголемо присуство во јавноста, но и да преиспитаме каков е нашиот однос кон модерната култура и уметност како културно наследство.

Според кои претпоставки и постулати работевте на поставувањето на изложбата?

– Во конципирањето на изложбата се водев од неколку принципи: прво, тоа да не биде хронолошка, линеарна диспозиција, во еден дефиниран простор, како класична постхумна ретроспектива, туку да се потенцира идејата дека во оваа привремена поставка Стоби не е само простор во кој Хаџи Бошков е пречекан како гостин. Сакав Стоби да се претвори во просторот на Хаџи Бошков, како и да се реализира една негова посебна тенденција неговите дела органски да се вклопат во амбиентот. Затоа беше важно на влезот да се постави токму скулптурата која е поставена на самиот влезот во неговиот дом, во неговото ателје. Скромна, ненаметлива, а цврста и силна, таа открива многу и за неговата личност, за неговата огромна вредност како автор, наспроти очекувањата на главната сцена и спектаклот.

Централната позиција, пак, на скената на античкиот театар, е отстапена за избор од неговите скулптури од неговиот најзначаен период од 1968 до 1971 година. Интересно е што оваа година заокружуваме 50-годишен јубилеј од таа серија изложби низ Југославија, која кулминираше со изложба во МСУ – Скопје. Тоа се дела што го потврдија Хаџи Бошков на југословенската сцена, но и пошироко. Тоа, дефинитивно, е пикот на македонската модерна уметност. Во текот на истражувањето се појавија многу интересни работи, меѓу кои и една „мистериозна“ скулптура од 1971 година, според мене најзначајната во неговиот целокупен опус, за што ќе откриеме еден дел и во публикацијата што се подготвува, како поттик за понатамошни истражувања на македонската модерна.

Џон Хартфилд е еден од најзначајните автори во првата половина на 20 век, со култен статус како предводник на визуелната пропаганда против нацизмот

Истовремено со поставувањето на изложбата во Стоби, работевте и на истражувачкиот проект „Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа (1921-1945)“. Двете изложби се независни една од друга. Со каква цел го претставивте творештвото на Хартфилд пред македонската јавност?

– Двата проекта се независни, и навистина различни, на повеќе нивоа. Тоа е проект на кој работам подолго време, речиси цела деценија, а поинтензивно во последните четири-пет години. Џон Хартфилд е еден од најзначајните автори во првата половина на 20 век, со култен статус како предводник на визуелната пропаганда против нацизмот.

Целта со овој проект ми беше, пред сѐ, запознавање на пошироката публика со делото на Џон Хартфилд и контекстот во кој се појавува новиот медиум на фотомонтажата, неговата употреба во јасно и прецизно дефиниран политички ангажман. Но, притоа ми беше многу важно да се актуализираат некои од дебатите за моќта и функцијата на сликата и улогата на визуелната култура, за да се укаже на специфичните процеси на контрола на визуелните содржини и нивната интерпретација. Мора да развиваме апаратура за преиспитување на начините преку кои креативните процеси на сликотворење можат критички да се ангажираат во насока на регенерирање на општествената сфера и во насока на заштита на заедничкото јавно добро.

Од каде потекнуваат материјалите претставени на изложбата?

– Тоа се материјали што сум ги собирал долго време, тие се дел од мојата приватна збирка, но идејата е во наредниот период во континуитет, во различна форма и различен фокус да бидат претставувани пред пошироката јавност и да бидат јавно добро. Иако постојат голем број архиви низ светот кои ги имаат дигитализирано своите материјали и се достапни за истражување, сепак, за нивно користење во публикации или посебно како изложбен материјал, постојат одредени ограничувања и рестрикции, потребно е регулирање на авторски права, а тоа знае во голема мера да го отежни процесот на истражувањето, конципирањето, а посебно завршниот презентациски сегмент. Токму затоа, посебно за теми што се мој подолгорочен интерес, решив да градам збирки и архиви кои ќе бидат достапни тука кај нас, со тенденција во иднина да послужат за понатамошни истражувања и градбен елемент за изложби. Имам соработка со голем број колеги и институции, но и со колекционери и антикварници од Европа и светот, а некои материјали се појавуваат и неочекувано. Тоа што беше изложено во рамките на проектот „Пркосни слики“, всушност, е само еден дел од збирката, која во случајов се заокружи со материјалите што се однесуваат на творештвото на Џон Хартфилд и некои негови современици активни во меѓувоениот период.

Во современоста многу е важно да се потсетуваме на антифашистичкото наследство, особено во време кога многу лесно оживуваат духовите на национализмот, расизмот, ксенофобијата, шовинизмот и предмодерните наративи

Какво било значењето на Хартфилд во назначениот период, во кој имал активно антифашистичко дејство, а какво е денес?

– Џон Хартфилд е, без сомнение, еден од најзначајните европски автори во периодот помеѓу двете светски војни. За неговото значење зборуваат и многубројните изложби во последните неколку години во најзначајните музеи и галерии во светот. Денес е јасно дека авторите како Хартфилд се вбројуваат меѓу ретките неколкумина што имале изострено чувство да ја препознаат опасноста која му се заканува на светот уште пред фашистите да дојдат на власт во Италија во 1922 година, а подоцна и во Германија во 1933 година. Тие не се ескаписти, занесеници, туку творци кои сфатиле дека уметноста е составен дел од општествената структура. Во современоста, со новите технолошки промени, развојот на интернетот и платформите за комуникација, многу е важно да се потсетуваме на антифашистичкото наследство, особено во време кога многу лесно оживуваат духовите на национализмот, расизмот, ксенофобијата, шовинизмот и предмодерните наративи.

Каков е Вашиот став околу уметничките проекти и дела во кои е евидентен јасно дефиниран политички став? Поточно, колку политичкото дејствување го дефинира и уметникот?

– Според мене, и најапстрактната уметност е имплицитно политичка. Јас, како и некои други, имам особен респект кон уметниците кои имаат спротивставени ставови околу овие прашања што се поврзани со политичката димензија на уметноста, и околу императивот или потребата од јасна и недвосмислена, дури пропагандна порака низ уметноста, од една страна, или, пак, тенденцијата уметноста да се задржи во полето на индиректното, на метафоричното. Во последната деценија или повеќе, една од главните дебати е токму таа околу односот на политичкото и уметничкото и околу уметноста и активизмот. За мене и мојот развој се многу важни уметниците што имаат дијаметрално спротивни позиции. На пример, Марсел Дишан, е инспиратор на значајна тенденција што се занимава со теоријата на уметноста, нејзината дефиниција, и институционалната критика, а Хартфилд како типичен претставник на најрадикалната левичарска политичка позиција, автор за кого уметноста е надмината категорија, до степен на прогласување на нејзината дефинитивна смрт. Според авторите како Хартфилд или Грос, во време на закана од нова Светска војна, буржоарскиот елитизам и салонското разбирање на уметноста е нешто што треба да се гледа со презир или потсмев. Специфичноста на уметничкото дело е тоа што е производ на конкретна општествена ситуација и индивидуален израз кој, сепак, е обликуван од постоечкиот дискурс. Уметноста може да биде и фактор, сила која ќе го измени дискурсот, но и самата потреба за радикална промена е вградена во духот на времето.

Уште одамна во својата кураторска практика се залагам за еден вид органско развивање на концептот низ заемниот однос на материјалот со контекстот во кој е настанат

Веќе половина година сте дел од тимот на Музејот на современата уметност во Скопје, со работно место во библиотеката. На социјалните медиуми на МСУ веќе претставивте некои содржини што се дел од библиотеката. Успеавте ли во овој период да увидите какво богатство се наоѓа таму?

– Во февруари 2021 година бев повикан да се приклучам на тимот на МСУ – Скопје, во одделот за Документација со фокус на финализација на процесот на постепено отворање на Библиотеката и поттикнување на активно користење на библиотечниот фонд. Се разбира, моето присуство во МСУ подразбира и активна улога во дефинирањето на проектната програма и курирањето на некои од претстојните изложби, како Постојаната поставка и самостојната изложба на полскиот уметник Артур Жмијевски. Веднаш започнавме со преглед на целокупниот библиотечен материјал, негово расчистување и систематизирање. Така, започнавме со неделните објави под насловот „Читаме заедно“, во кој до сега објавивме 26 многу внимателно одбрани наслови, кои ја откриваат и илустрираат и визијата на МСУ – Скопје. Во споредба со некои други, јавни па и приватни библиотеки, можеби таа не е толку голема по бројот на наслови, колку што е значајна, поради фактот што е многу специфична и строго специјализирана – најголемиот број наслови се однесуваат на модерната и современата уметност од Македонија, регионот и светот. Еден добар дел од неа се публикации и друг печатен материјал што претставува и сведоштво за соработките на Музејот со други институции и индивидуални автори и истражувачи, за активната комуникација и за континуираната размена на материјали.

Владимир Јанчевски во библиотеката на МСУ

Колку од тие материјали се предизвик за нови кураторски проекти и дали е можно набрзо да има изложба со библиотечните материјали на МСУ?

– Кога сте постојано со тие материјали, со сите тие публикации, сфаќате дека со секое ново прелистување, пред вас се отвора нова можност. Ние со колегите веќе разговаравме околу поинтензивна промоција и присуство на сиот визуелен материјал што се создава низ годините, а е поврзан со изложбената активност на МСУ, вклучително и публикациите што се издадени од Музејот во неговата полувековна историја, од неговото основање до денес. Се работи за навистина голема издавачка продукција од околу десетина наслови годишно, што значи повеќе од 500 наслови – каталози, монографии, теориски книги, есеи. Секако, не треба да се заборават и старата и новата обновена серија на списанието „Големото стакло“, единственото стручно списание за современа уметност кај нас. Мислам дека е можно дури и во текот на 2022 година да успееме да создадеме можност да претставиме пред пошироката јавност еден дел од историјата на издавачката дејност на МСУ – Скопје, нивниот специфичен визуелен идентитет, како одраз на визуелната култура на времето. Верувам дека граѓаните и посетителите ќе бидат пријатно изненадени, а целта ни е, секако, преку целокупната координирана активност да се зголеми интересот за културата и уметноста, со цел да ни овозможи како општество посигурно решавање на идните предизвици.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 99, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 октомври 2021)

Видео на денот