Интервју со Ирена Поповска, авторка на книгата „Цветната дружина“: Децата со попреченост не се вонземјани, само се поинакви и помалубројни

Ирена Поповска, промоција на „Цветната дружина“, Фото: Небојша Гелевски

Инклузивност значи свесност и одговорност и кон себе и кон другиот. Таа е двострана релација. Инклузија значи и вратена самодоврба и најдена верба во другиот. Емпатија и симпатија треба да се клучните меѓусебни чувства што оваа дејност ги поттикнува, ни вели Ирена

Ирена Поповска е пркосна авторка на првата македонска инклузивна и интерактивна книга „Цветната дружина“. Нејзиното дело е мост помеѓу децата со попреченост и светот кој треба да ги сака и почитува. Низ зборовите создаваме магиски формули кои ја лекуваат душата, а Ирена како вистинска „докторка“ се обидува да го излекува и подучи општеството.

Дали вашето искуство како дете ве поттикна да ја напишете „Цветната дружина“?

– Не. Јас имав безгрижно и спокојно детство. Моето искуство со попреченоста почна кога имав 24 години како последица на тешка нервно-мускулна болест. Така што, поттик да ја напишам книгата, како што објаснувам во воведот, се сите детски очи вперени во мене и мојата количка при секое разминување. Некои долго го задржуваат погледот, други срамежливо го тргаат, трети љубопитно прашуваат „Зошто оваа голема дадичка е во количка?“

Родителите обично грубо ќе ги повлечат и ќе им подвикнат „Гледај пред тебе!“ бидејќи и самите не знаат за себе, а уште помалку знаат да им одговорат на своите деца. Тоа незнаење предизвикува многу непријатности кај двете страни. Природно и разбирливо, сѐ што е непознато и различно предизвикува страв, срам и стрес. И, секако, кога луѓето ќе се сретнат со некој поинаков од нив, обично претпоставуваат нешта кои не се точни.

Затоа, треба да се запознаваме и низ објаснување да учиме едни за други. Сметам дека овие споделувања се вредни и потребни оти децата се формираат под влијание на многу фактори. Секое девојче и момче има право да сака, да знае, да сонува. А ние возрасните сме должни да ги храниме детските желби. Да ги препознаваме раните години како основа на животот и да го негуваме придонесот на децата во човечката еволуција. Да се обврзуваме дека нема да им наштетиме или да ги занемариме овие наши најранливи сограѓани. Како чувари на нивниот просперитет, ние мора да им го објасниме изобилството на разновидности на планетава. Така, ја ветуваме нашата љубов кон генерациите што доаѓаат.

Фото: Небојша Гелевски

Колку време ви беше потребно да ја создадете сликовницата? Како се одвиваше вашиот креативен процес и кој е одговорен за илустрациите и визијата зад нив?

– Временската рамка од почетната скица до конечниот производ беше една година. Процесот на создавање на една ваква комплексна книга има многу фази и, следствено, толку соработници. Знаете, со некои луѓе се разбирате едноставно и ефикасно, додека со други – не. Тоа значи дека се појавија и некои субјективни и објективни застои при работата.

За среќа, со илустраторот Никола Радуловиќ, за кратко време создадовме убава креативна синергија. Јас му дадов одредени насоки и инструкции, притоа почитувајќи го неговиот визуелен израз. Тој брзо ги преточи во сјајни, колоритни слики, внесувајќи ја и својата автентичност во целата приказна.

Со особено задоволство сакам да ја истакнам и одличната, на втора по ред книга, соработка со извонредниот креативец Небојша Гелевски – Бане и графичките дизајнери од неговото студио „Кома“, кое прекрасно ја дизајнираше книгата и ги продуцираше видеата за интерактивниот дел.

Сликовницата има специфична анатомија. Претставува 10 болести, преку 10 деца и 10 цвеќиња. Зошто се одлучивте за ваква структура и како ја направивте селекцијата? Дали е изборот креативен или едукативен?

– Кога му го пратив првиот ракопис на Никола Гелевски, мој пријател, искусен книжевник и уредник, за да побарам мислење, тој ми сугерираше да го „разделам“ креативниот од едукативниот дел. Го послушав, секако. И така, имено, ја структурирав книгата.

Значи, изборот е комбинација, која е сепак во поголем процент едукативен. Сакам читателите да стекнат елементарно знаење за спинална мускулна атрофија, дијабетес, слепило, глувост, Даунов синдром, аутизам, церебрална парализа, пелтечење, астма и алергија. Врз основа на некои мои истражувања и размислувања, направив селекција од ретки и чести, познати и непознати, лесни и тешки болести и состојби.

Но, уште повеќе сакам да се развие емпатија кон ваквите деца. Исто така, многу се радувам што самите тие деца конечно имаат свои модели и можат да се идентификуваат со ликовите од „Цветната дружина“. Да си потвдрдат дека не се некакви вонземјани и дека не се единствени, туку дека само се поинакви и помалубројни. На овој начин, тие полесно ќе се позиционираат во општеството.

Фото: Небојша Гелевски

Која е линијата помеѓу забава и дидактика во книжевноста за деца? Колку е важно литературата што ја консумираат најмладите да биде поучна? Дали сликовницата нуди едукација и за родителите?

– Без лажно морализирање, сметам дека книжевноста секогаш треба да има цел. Особено детската. Дури и забавната литература ако е добро осмислена има цел да нѐ направи среќни, да ни разбуди убави емоции и така да нѐ облагороди. Консеквентно, линијата меѓу лиричното и прагматичното, поетичното и етичното, апстрактното и конкретното мора да е суптилна, нежна и неосетна.

Инаку, да, родителите се меѓу главните целни групи читатели на „Цветната дружина“, бидејќи од нивното незнаење потекнуваат предрасудите кои ги пренесуваат на своите деца.

Фото: Небојша Гелевски

Од каде се појави инспирација за сите ликови? Дали можеби се инспириравте од деца, ситуации кои ви се познати? Дали Огнен, Лејла, Марта на пример се создадени според некој?

– Откако пред четири години ја основав граѓанската организација ПРКОС, која е фокусирана на поддршка на лица со попреченост, и која е и издавач на книгата, јас постојано сум во контакт со вакви луѓе и со нивните блиски. Покрај со своите, јас практично, живеам и со нивните порази и успеси, таги и смеи, желби и стремежи, подеми и падови…

Плус, претходно ја осмислував и уредував збирката од 30 автобиографски стории „Еден мој ден“, во која 30 особи со разни попречености и возрасти го раскажуваат своето секојневие. Тоа искуство беше исто така инспиративно, драгоцено и значајно при креирањето на овие десет ликови.

Секако, консултирав и литература и стручњаци од областа, гледав и филмови со паталци, кои ми укажаа на некои нешта. Да резимирам: Огнен, Илина, Фидан, Марта, Ѓорѓи, Ема, Марко, Лејла, Арбен и Ана не се некакви фиктивни, туку реални деца од соседството кои се најчесто невидливи, отфрлени, неслушнати, неразбрани…

Фото: Небојша Гелевски

Ликот Ана вели: „Ќе засадам пркос оти тоа цвеќе ги има моите особини“. Дали можеби низ неа го отсликувате сопственото искуство?

– Да, добро сте приметиле. Во сите десет деца има парченца од моите радости и жалости, или можеби обратно – јас ги носам сите нивни тежини и ведрини. Ама, сепак, Ана е мојата најсилна рефлексија т.е. на детето во мене.

Како најефективно да се користи интерактивниот дел на „Цветната дружина“? Кој е вашиот совет за родителите и воспитувачите?

– На ова прашање подобро би одговорила Катерина Данилоска Поповска, педагогот што ги подготви десетте активности. Во книгата има и код кој води до јутуб каналот, каде тие се практично презентирани. Базичната идеја е секако повикување на заедништво при нивното изведување. Или кажано популарно, на инклузивност.

Што точно значи инклузивност? Дали со уметноста може да се исправат кривите дрини на опшеството и перцепцијата предизвикана од незнаење?

– Инклузија е ептен „ин“ термин последниве години кај нас. Многу се користи, а малку (и компетенти и обични) луѓе знаат што точно значи. Вклучување на различните во главните општествени текови водени од сличните не значи сожалување, трпење и поднесување затоа што тоа е модерно. Инклузивност значи свесност и одговорност и кон себе и кон другиот. Таа е двострана релација. Инклузија значи и вратена самодоврба и најдена верба во другиот. Емпатија и симпатија треба да се клучните меѓусебни чувства што оваа дејност ги поттикнува.

Од историјата на уметноста знаеме дека најубавите уметнички творби се создадени од уметници кои биле општествени маргиналци и отпадници. Но, сведоци сме и во колку суров свет живееме. Иако глобусот го вртат некои моќници кои немаат врска со уметност, сепак нејзината примарна задача е да се опира, да пркоси, да се бунтува, да опоменува, да освестува…

Каде може да се најде „Цветната Дружина“?

– Книгата може да се купи во книжарниците Или или, во Три (Дебар маало) и во Литература (Skopje City Mall & East Gate Mall).

Фото: Небојша Гелевски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот