Интервју со Игор Анѓелков: Никогаш не сум сакал да пишувам за нешто што го немам почувствувано

Збирката „Двојна експозиција“ на Игор Анѓелков, чија промоција се случи на 6 септември во МКЦ Клуб-ресторан, содржи 12 раскази дуално распоредени во шест целини, а нивната содржина го опфаќа целото човеково постоење.

Книжевните разговори со Игор Анѓелков ги почнавме уште во времето кога ја објави збирката кратки раскази „Кротки приказни“ и некако сосема природно како повод за средба со него се наметна излегувањето на неговата најнова книга „Двојна експозиција“.

Во меѓувреме тој објави три романи, „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020), како и три дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015), „Филмски град“ (2018) и „Филмотопија“ (2022). Заедно со Ненад Стевовиќ веќе дваесет години стојат зад издавачката куќа „Или-Или“, што значи дека и книжевната продукција ја следи однатре, преку објава на низа значајни современи писателски имиња и дела.

Во својот поговор кон новата книга на Анѓелков, рецензентката Ана Мартиноска забележува дека сите приказни во збирката „Двојна експозиција“ веројатно се доживеани во или околу книжарницата на „Или-Или“, која се појавува како конкретен и како имагинарен хронотоп, додека во однос на неговиот израз препознава „непретенциозен стил што едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен, и искрен до коска…“ Во приказните на Анѓелков „личното се испреплетува со колективното, создавајќи ефектен впечаток на реалистични раскази, на приказни што се (како) извадени од стварноста“.

Со новата збирка раскази „Двојна експозиција“ (2022) се чини дека си направил творечка елипса, односно правиш спојување, или продолжување на почетокот на творечкиот израз и првата збирка „Кротки приказни“ (2006). Кои беа причините по три последователни романи да објавиш книга со кратка проза?

– Живеејќи долги триесет години транзиција на оваа почва, приказните се наталожија и долго време ги носев во себе. За некои од нив сметав дека имаат солиден потенцијал за роман, но на крајот решив да се вратам на мојата прва љубов, кратката прозна форма, каде приказните си го најдоа својот дом и функционираат совршено. Многу литерати велат дека да се напише добар расказ е потежок чин, бидејќи на помал простор морате да распостелете сѐ што сте сакале да кажете, и тоа е сосема точно. Бидејќи, белетристиката има иста функција како и игрите. При играњето, децата учат да живеат, затоа што замислуваат ситуации во кои би можеле да се најдат како возрасни. И токму преку белетристиката, ние како возрасни си ја тренираме способноста да го „заробиме“ минатото и сегашното искуство во форма прифатлива за сите.

Морам да споменам дека имав среќа мои први читатели да бидат прекрасните Ана Мартиноска и Владимир Мартиновски, кои со нивните сугестии ми овозможија расказите да ја постигнат својата оптимална форма, употребувајќи го пристапот „помалку е повеќе“. Но, истовремено не треба да се заборават читателите. Човекот седи сам во собата и пишува. Без разлика дали таа книга раскажува за осаменоста или дружењето, таа е производ на самотијата. Но кога самотијата еднаш ќе се наруши, кога ќе ја присвои некој друг, во случајов читателот, тоа е веќе дружење.

Истовремено, славниот Умберто Еко вели дека шумата е градина на патеки што се разгрануваат. Дури и кога нема добро изгазени патеки во шумата, секој може да гази по сопствената патека, да реши дали ќе оди лево или десно од одредено дрво и да направи избор кај секое дрво што ќе го сретне. Затоа во секое мое дело им оставам простор на читателите активно да учествуваат при читањето на ракописот, а не да бидат неми набљудувачи на зададената материја, зашто текстот, вели Еко, е еден вид „мрзлива машина“ што бара соработка од консументот. Коментарите засега се одлични, јас ја завршив мојата работа, книгата им припаѓа ним, на читателите, и искрено се надевам дека на крајот успеав да напишам раскази кои, доколку им се пристапи без предрасуди, ќе допрат секого.

Прозата е многу посилна кога читателот ќе забележи дека писателот пишува од утробата на својот стомак

Расказите во „Двојна експозиција“ се со урбана природа, со различни тематики поделени во шест поглавја, а на моменти се насетува и автобиографска нота во приказните. Очигледно е дека кај некои од нив настаните се случиле многу порано, но што беше поривот да бидат објавени сега?

– Една читателка убаво забележа дека иако не е главна тема во нив, но Скопје како живо битие кое постојано се трансформира и добива нов лик се провлекува во позадината на сите раскази во книгата. И во моите претходни прозни објави се обидував да го опишам родниот град онака како што го доживувам низ децениите наназад, и се надевам дека верно ја пренесувам сликата за неговата променливост, некогаш на подобро, почесто на полошо. Таа дуалност на љубов и омраза совршено одговараше на концептот на книгата, која на крајот, сосема природно, го доби и својот наслов „Двојна експозиција“.

Дванаесетте раскази се поделени во шест целини, или поглавја со по два раскази, кои се обидуваат да го опфатат целото човеково постоење: од растењето, преку созревањето, бизарните животни моменти, кризата на средните години и умирањето. Приказните истовремено се и локални и универзални, и мислам дека многумина ќе се препознаат во нив. Автобиографските елементи се сосема природен тек на настаните при пишувањето на едно дело, затоа што сакале-нејќеле, секогаш тргнувате од себе. Јас ја сакам стварносната проза и тоа може да се забележи во сите мои книги, од првата збирка па сѐ до романите, особено во последниот, „Шрапнел“. Никогаш не сум сакал да пишувам за нешто што го немам почувствувано. Не сакам да пишувам за некаков остров среде Недојдија со сомнителни и извештачени ликови, или за еден куп протагонисти кои се губат среде дејството, а на тоа да се гледа како на нов крик во литературата.

Прозата е многу посилна кога читателот ќе забележи дека писателот пишува од утробата на својот стомак. Кога чувствата потоа се пуштаат низ прочистувачките филтри на литературата, на крајот добивате веродостоен вредносен облик. Како што пишува Миљенко Јерговиќ, книжевноста, меѓу другото, служи и за тоа целиот живот одново да се пробува да се каже по нешто од она што не може да се смести во зборови, а на писателот секогаш му се чини дека му е на врвот на јазикот.

Насловот на збирката директно е извлечен од филмската уметност. Од кога датира твојата пасија и страст кон филмот?

– За љубовта кон книжевноста и читањето уште од детството е виновна мојата мајка. Пол Остер вели дека детето памети неверојатно детално и неговите можности се неограничени, бидејќи ги поврзува сликите врзани за местото. Кај возрасниот, пак, пишаниот јазик го чува сеќавањето во зборовите, ослободувајќи го од потребата да памети, или да заборави. Љубовта кон филмот, пак, се случи како природен тек на настаните во кои постојано фигурираше интересот кон уметноста. Седмата уметност е најсилниот медиум во минатиот и сѐ уште добро се држи и во актуелниов век. Токму во еден од расказите кон крајот на збирката се обидувам да се набљудувам себеси од дистанца, раскажувајќи за опседнатоста кон подвижните слики уште од младешките години, сето тоа поврзувајќи го со уште еден посветен љубител на филмот, кој неодамна замина од овој свет. Тоа е еден од моите омилени раскази во книгата.

Оние што ме познаваат, знаат дека елементот на постојана креација е составен дел од мојот светоглед

Резултат на посветеноста на филмската уметност се три твои книги, а со првата „Филм.мкд“ ја доби значајната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 2015 година. Потоа следуваа „Филмски град“ (2018) и „Филмотопија (2022). Со каков предизвик влегуваш во пишувањето на секоја нова филмска рецензија, па и книга?

– Оние што ме познаваат, знаат дека елементот на постојана креација е составен дел од мојот светоглед. Тоа е единствената валидна причина зошто да се опстојува на овој „проклет“ свет. По дведеценискиот ангажман во електронските медиуми, никогаш не ја запоставив мојата примарна страст, пишувањето, паралелно пишувајќи текстови од културолошка провиниенција во разни весници и списанија. Најпосле конечно увидов дека најмногу се пронаоѓам во добро срочениот текст, и затоа, по сите промени во секојдневието што се случуваат со „ворп“ брзина, честопати знам да кажам дека „литературата е последното засолниште во кое може да се бара вистината“. Процесот е отворен, потрагата продолжува.

Своевремено имаше своја емисија за филм на еден телевизиски медиум. По нејзиното згаснување, остана празен простор во медиумите на таа тематика. Ти недостига ли правењето емисија за филм?

– Тоа беше убава приказна што траеше 11 години. И ден-денес луѓето знаат да ми кажат колку им значел „Филмополис“. Мојот влог во сето тоа беше искрен и професионален, а крајната сатисфакција ја добивам од новите млади филмаџии, кои неретко растеле со тие 500-тини реализирани телевизиски емисии. Во недостиг на такви авторски магазини, секако дека би можел повторно да се вратам на ТВ- екранот, но само под професионални услови каде што ќе размислувам и ќе работам единствено на креативата.

Живеејќи долги триесет години транзиција на оваа почва, приказните објавени во „Двојна експозиција“ се наталожија и долго време ги носев во себе

На личен план се обидуваш таа празнина да ја исполниш со блогот www.herojnaedenden.mk. Дали блогот е збирно место за сите твои интереси – филм, музика, книжевност?

– Во времиња кога медиумите се појавуваат и исчезнуваат за миг, решив да отворам блог-сајт на кој ќе ги пласирам моите интереси за сите работи што сметам дека се вредни за забележување. Тоа на некој начин претставуваше отворен флерт со традиционалните медиуми, кои очигледно не се заинтересирани за третирање на уметностите преку текстови/колумни/есеи кои излегуваат од дневнополитичкото третирање на нештата. На таа страница ја имам сета слобода на овој свет, бидејќи, како што вели и самиот Боуви, „можеме да бидеме херои само на еден ден“.

Заедно со Ненад Стевовиќ веќе 20 години го одржувате издавачкиот книжевен бренд „Или-Или“. Што е пресудно за опстојувањето на „Или-Или“?

– Издавачката куќа „Или-Или“ оваа година прославува убав јубилеј и сметам дека со квалитетот на нашата работа во претходните децении докажавме дека ако нештата се прават со љубов и посветеност, приказната мора да успее. Секако, поминавме многу премрежиња, но на крајот од денот сатисфакцијата е врвна. Многумина ни велеа да издаваме комерцијални изданија (готвачи, популарна психологија и сл.) за да го одржиме она што сакаме да го издаваме, но докажавме дека и на овој начин можеме да опстоиме. Ние сме мала јазична средина, но со квалитетна издавачка програма успеваме да го задржиме критериумот што никогаш не бил доведен во прашање. Најмногу од сѐ сме горди што ја отворивме вратата за новите гласови и создадовме еден вид „нов бран“ во македонската литература, квалитет што го препознаа и читателите, кои во последниве години повеќе читаат македонски автори отколку преводна литература. На таа приказна почнаа да се „возат“ и другите издавачи, но сметам дека квалитетот е на наша страна.

Издавачката куќа „Или-Или“ е доказ дека ако нештата се прават со љубов и посветеност, приказната мора да успее

Како од позиција на издавач, но и од позиција на новинар и филмски критичар, гледаш на застапеноста и третманот на книжевноста, филмот и музиката во македонските медиуми?

– Да не бидам дефетист кукајќи како ништо не чини, ќе кажам дека недостасуваат многу работи за работата да биде макар добра. Но, постојат „острови“ за кои треба да се држиме, „Културен печат“ е еден од нив. Мораме да соработуваме, мораме да се вмрежуваме, бидејќи само така можеме да одиме напред, наоѓајќи нови модели кои ќе произведат нови ликови и нови дела, конкурентни и надвор од овие граници, а чија работа ќе претставува континуитет на сето досега сработено. Едноставно, и покрај сите сопки и ќорсокаци, мораме да гледаме позитивно кон иднината.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 145, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 септември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот