Интервју со Дарко Јан Спасов, директор на Театар Комедија: Актерот е темелник на една театарска куќа

Дарко Јан Спасов / Фотографија: Машина продакшн

Драматургот Дарко Јан Спасов веќе две години е на раководната позиција во Театар Комедија и тоа е период кога театарот прави видлив исчекор во подготовката на претставите и во жанровска и во естетска смисла.

Последниве две години Театар Комедија бележи видлив раст во однос на квалитетот на продукцијата и на вниманието што претставите го добиваат од публиката. Покрај полниот салон на претставите од репертоарот, што секогаш е најголема награда за секој театар, деновиве Театар Комедија доби три големи награди за својата работа на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“.

Во изминатиот период, покрај наградената „Ало! Ало!“ во режија на Синиша Евтимов, беа поставени уште неколку претстави од жанрот комедија, но со сосема различни сензибилитети и естетика, како „Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона во режија на Јане Спасиќ, „Демнејќи го Годо“ од Драго Јанчар во режија на Сибел Абдиу и во копродукција со Турски театар, „Веќе не е ни смешно“ од Сашо Кокаланов во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, „Жени во собрание“ според Аристофан во режија на Ќендрим Ријани.

Драматургот Дарко Јан Спасов на директорската функција доаѓа на предлог на колективот. Веројатно затоа го задржал колективниот пристап во повеќе сегменти на работата на театарот. Веројатно затоа и успехот се појавува како неминовност на сплотената колегијална и професионална работа во Театар Комедија.

Со каков концепт пристапувате во реализацијата на програмата на Театар Комедија?

– За да се заврши една успешна театарска продукција, потребен е избор на пиеса што на нашиот репертоар ќе внесе нова лиценца поетика, режисер со јасна цел и алатка за отворање на жанрот комедија, кој воопшто не е лесен орев и пред сѐ, и над сѐ, актери. Актерот е темелник на една театарска куќа, без актерот нема театар. Актерот пали и гаси. Во Театар Комедија има почит, можеби тоа е основата на растот, почит и многу вложен труд, љубов кон работата.

Горд сум што нашиот колектив е составен, без исклучок, од одлични работници и тоа во секое поле на работењето, и во уметничкиот ансамбл и во помошно-техничкиот персонал. Бездруго, секој вложен труд, кога и да е, ќе излезе на виделина, па така и самата продукција го добива нивото што се гради постепено и секој ден.

Веќе можам слободно да кажам дека по тој чуден период на пандемија, кога театрите не работеа, се надминаа сите тешкотии, целиот тим на Комедија се врати во ритам, ги задржавме стандардите поставени од почетоците на основањето на нашата театарска куќа и се позициониравме како висококвалитетен театар што гради препознатлив израз. Тоа публиката го очекува од нас.

Екипата на „Ало! Ало!“ на „Златна бубамара на популарноста“

На манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ годинава Театар Комедија ги доби наградите за Најпопуларна претстава, Актерка на годината и Најпопуларен млад актер. Популарноста е природна состојба за актерите, но како во Театар Комедија го доживеавте јавното признание за популарноста?

– Последниве две години Театар Комедија едноподруго ја добива наградата за Најпопуларна претстава, минатата година ја доби за претставата „Илуминати“, а оваа година за претставата „Ало! Ало!“, обете во режија на Синиша Евтимов (инаку Театар Комедија досега има добиено четири статуетки „Златна бубамара на популарноста“, освен овие се и за претставите „Вардарски пастуви“ и „Стјуардеси“, и тие во режија на Синиша Евтимов). Наградите се показател за оценета вредност и залог за правилно трасирање на репертоарот.

Во театарскиот свет, освен убавите оцени и награди, постои и еден затскриен – негативен однос и некаква притаена завист. Не секогаш е вреднуван растот на актерот. Со наградите, но и под светлото на таа завист, се гради актерот. Наградите покажуваат дека самите актери се на правиот колосек, а и ние со нив дека добро сме ги извршиле задачите – претстави што ќе одбележат повеќе децении живот и ќе ја испишат епохата на Театар Комедија.

Им честитам на наградените актери, Наталија Теодосиева и Сергеј Димовски. Публиката можеше во неколку претстави да се увери во нивното врвно актерско мајсторство. Останатите актери од нашиот ансамбл ги чекаат предизвици и нови статуетки. Симнувам капа.

Актерите во „Ало! Ало!“ и режисерот Синиша Евтимов на сцената во Театар Комедија

Со репертоарот на театарот успеавте да направите лепеза со жанрот комедија, така на програмата имате античка, современа, класична, социјална, апсурдна комедија… Каков пристап имате во реализацијата на различните претстави од овој жанр?

– На самиот почеток, кога го прифатив предлогот на колегите да раководам со театарот, каде што пред десет години се вработив како драматург, направивме тим од најтесни соработници. Направивме Уметнички совет, составен од тројца актери, со кои на неделна основа одржуваме состаноци и го разгледуваме секој аспект од нашето успешно работење. Повеќе очи поубаво гледаат и повеќе ума подобри одлуки донесуваат. Тоа е некоја безбедна средина, односно балансирање меѓу едно-умие, кога директорот е алфа и омега – погрешен пристап, и колективно-умие, кога одговорноста се крие и не излегува на виделина.

Во изминатите две години направивме осум продукции, осум престави, што е сериозна бројка во наши рамки. Дел од нив се сопствена продукција, со средства од продадените билети, дел се направени со финансиска помош и поддршка од нашето ресорно министерство, Министерството за култура, кон кои средства вложивме и соразмерен дел, повторно од средствата од продадени билети, со цел добивање убав, сериозен, високопрофесионален проект, и третиот вид (ко)продукции се претстави потпомогнати од надворешни соработници, како, на пример, Амбасадата на Чешка, Амбасадата на Словенија.

Отворени сме за соработка и секоја претстава е различна по сензибилитетот, по естетиката, бидејќи тоа е добро за еден театар. Не смееме да влеземе во едноличност и стремиме кон понуди за секој вкус, еден сака ваков вид комедија, друг сака поинаков.

„Демнејќи го Годо“ од Драго Јанчар во режија на Сибел Абдиу

Изборот на текстот и на режисерот се меѓу клучните претпоставки за добра претстава. На кој начин се селектираат текстовите и режисерите што ги поставуваат претставите?

– Уметничкиот совет е носител на програмата, заеднички се планира сезоната што следува, најмалку за две години однапред. Се избираат и насловите и режисерите. Сите што одиме во театар сакаме да видиме, односно да препознaеме добра енергија. Режисерот е главната алка во целиот процес што ги поврзува сите сегменти, тој ја создава енергијата, ја претвора во креација.

Предлозите доаѓаат од сите страни, како однатре од ансамблот, така и однадвор, ние сме отворени за соработка. Секој автор може да предложи свој авторски текст, потоа Уметничкиот совет прави избор и низ уметничкото сито се разгледуваат и се одбираат и текстовите и режисерите кои ќе го подигнат нивото на креативност, визија, симбиоза, сплотеност на сите учесници што се вклучени во подготовките.

„Череп во Конемара“ од Мартин Мекдона во режија на Јане Спасиќ / Фотографија: Кире Галевски

Според Годишната програма на Министерството за култура за 2024 година имате одобрено средства за две претстави. Дали толку побаравте или толку е доволно?

– Никогаш не е доволно. Мора да напоменам дека во нашиот театар, освен Театар Комедија, сцената ја делиме и со колегите од Турски театар и речиси е невозможно да се задоволат апетитите, просторно гледано, на обете куќи. На двете сцени кај нас, на големата која брои 333 седишта и на одново обновената мала сцена, која брои до 80 седишта, успеваме да усогласиме до вкупно шест продукции годишно. Повеќе од тоа е, речиси, невозможно.

Според годишнава програма од Министерството, ние добивме два од побараните три проекти, и со помал буџет од очекуваното, но нашиот театар ќе ги заврши и двата проекта со додавање сопствени средства, за во никој случај да не се намали квалитетот на продукциите.

Сметам дека две одобрени претстави не се доволни, но секогаш се трудиме да го амортизираме недостатокот со поставување претстави од сопствени ресурси и логистика. Имаме публика, таа е нашиот најголем партнер. За нив постоиме и ќе продолжиме да работиме со несмалено темпо.

За Светскиот ден на театарот – 27 март ја најавувате премиерата на претставата „Пар распар“ во режија на Нина Николиќ. За каков вид комедија станува збор?

– На Светскиот ден на театарот е формиран и нашиот театар. Годинава со премиерата на „Пар распар“ од Нил Сајмон, а во режија на Нина Николиќ, ќе го прославиме нашиот тринаесетти роденден. „Пар распар“ е еден од најзначајните американски драмски текстови на дваесеттиот век, чиј автор е Нил Сајмон – основоположникот на современата американска комедија (за театар и за филм). Поставувањето на овој текст ќе донесе филигрански ликови и софистициран хумор. Слободно можам да најавам дека на нашиот репертоар ќе имаме нова хит-претстава.

Насловна корица на книгата со есеи од Константин С. Станиславски

Покрај театарските претстави, пред крајот на минатата година објавивте мала, но значајна книшка. Зошто сметате дека есеите „Етика“ и „Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин Сергеевич Станиславски треба да се достапни и на македонски јазик?

– Издаваштвото е мошне битен сегмент од работењето на еден театар. Постојат театри во регионот со повеќе од стотина библиографски единици. Ова е втора книга, по првата „Комедии“ од Венко Андоновски, пред осум години. Театар Комедија ја објави книгата „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин С. Станиславски и нашето издание содржи два есеја, „Етика“ и „Уметноста на глумецот и на режисерот“, како и предговор од театрологот Деспина Ангеловска.

Особено сум горд на тоа што со издавањето на оваа книга ги поттикнуваме и останатите театри и издавачки куќи да се зафатат со преведувањето на значајни театрографски дела кои не биле преведени на македонски јазик. Тоа го направивме со ова дело на Станиславски, за првпат е преведен на нашиот мајчин македонски јазик. На читателите им овозможивме читање на македонски јазик.

Според Станиславски, театарот е уметност од општествено значење. Тој верувал дека театарот има силно влијание врз луѓето и дека глумецот мора да служи како народен просветител. Сметал дека прашањето за етиката и моралот претставува многу важно начело на театарското уметничко творење. Моралниот чин на поединецот во сложениот театарски организам, личноста во ансамблот, нејзината задача и нејзината улога во битието на театарот, претставуваат суштински вредности во есеите.

Оваа книга, која читателите можат бесплатно да ја симнат од нашата веб-страница, е четиво што не го ограничува својот свет само на театарот, таа се обраќа речиси секому и секаде. Препорачувам. За март, Театар Комедија ќе најави и ново издание, книгата „Комичното и хуморот“ од писателот и филозоф Иван Џепароски. Особено сум горд што во нашата и ваша библиотека ќе го имаме ова маркантно име. Со тоа Театар Комедија добива додадена вредност.

Раководната функција е минлива, се трудам да оставам искрен печат за времето што го споделувам со колегите / Фотографија: Машина продакшн

Самиот сте театарски драматург и книжевен преведувач. Колку овие две професии се поткрепа на тоа што го планирате како директор на театарот?

– Јазикот ни е сѐ. Јазикот ни овозможува изразување, препознавање. Македонскиот јазик е штедар и со него преку преведувањето го збогатуваме нашиот свет. Јазикот е лостот со кој можеме да ја кренеме дури и Земјината топка. Мојата работа е плетење фина пајажина, градење волшебни врски со луѓето, колегите, соработниците. Така ја предавам мојата несебична љубов кон театарот и сум среќен што таа љубов, споделена, расте. Со неа расте и нашиот театар, Театар Комедија.

Како лично влеговте во областа на театарската уметност и каков личен предизвик е раководењето со Театар Комедија?

– Сѐ почна кога имав десет години. Моите родители ми купија хармоника и ме упатија да се запишам на часови по хармоника. Само што влегов, во тогашниот пионерски дом „АСНОМ“ во Кочани, ме препознаа и ми рекоа, „…ааа… не, остави ја хармониката, ти ќе бидеш во драмската секција“. Колку чудно, чудесно, волшебно и фантастично ми звучеше тоа. И денеска има ист звук, но со поголема тежина, а тоа е да се сплотат сите 77 вработени од нашиот театар во еден организам. Жив и среќен. Раководната функција е минлива, се трудам да оставам искрен печат за времето што го споделувам со колегите. Им благодарам за поддршката.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 220, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.3.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот