Фото: Приватна архива

Интервју со Андријана Јаневска: Зимувањата се наш семеен ритуал, без телефони, без распоред, само ние и природата

Поп-пејачката и професорка по виолина Андријана Јаневска живее во ритам во кој музиката, семејството и личниот мир се испреплетуваат со искуства, патувања и постојана креативна потрага.

Од зимските денови во Маврово и во Швајцарија, преку семејните ритуали и поддршката што ја добива од сопругот, до новите музички проекти и животните лекции што сака да им ги пренесе на младите, Јаневска во интервјуто за „Слободен печат“ зборува за балансот меѓу професијата и приватниот живот…

Неодамна се вративте од Швајцарија. Какви импресии носите од таму и колку патувањата се важен дел од вашиот живот и инспирација?

– По празниците најнапред заминавме во Маврово, каде што задолжително одиме секоја зима и се дружиме со нашите пријатели, а потоа продолживме кон Швајцарија и Франција. Патувањата за мене се вистински здив помеѓу две интензивни работни фази. Швајцарија има посебен шарм, сè е чисто и уредно, а природата е толку моќна што те тера да застанеш и да размислиш. За мене патувањата се голем извор на инспирација, бидејќи кога го менуваш амбиентот, го менуваш и погледот кон сопствениот живот.

Фото: Приватна архива

Дали зимата е едно од омилените времиња од годината? Колку уживате во скијањето со сопругот и синовите?

– Секое годишно време е убаво на свој начин и во секое од нив наоѓам нешто што го сакам. Зимата ми е навистина едно од најдрагите годишни времиња, најмногу поради празниците и слободните денови поминати со семејството. Има нешто смирувачко во снегот, во планинската тишина и во чувството дека времето оди побавно. Зимувањата со сопругот и синовите се наш семеен ритуал, моменти кога сме целосно заедно, без телефони и без распоред, само ние и природата. Тоа се спомени што остануваат засекогаш.

Фото: Приватна архива

По што ќе ја паметиш годината што измина – музички, семејно или нешто сосема друго?

– Минатата година беше многу продуктивна, исполнета со нови идеи, проекти и предизвици, но и емотивно многу интензивна. За жал, трагичниот настан во Кочани остави длабока лузна кај сите нас. Загубивме многу млади луѓе, пријатели и колеги, што силно нè потсети колку животот е кревок.

Често велиш дека поддршката од сопругот ти дава „ветар во грб“. Како тоа влијае врз твојата креативност и инспирација при создавањето музика?

– Кога имаш човек покрај себе кој верува во тебе, те охрабрува и ти дава простор да бидеш тоа што си, тогаш креативноста тече многу полесно. Тој „ветар во грб“ ми овозможува да експериментирам и да бидам искрена во музиката, без страв. Со сопругот сме заедно точно 20 години, од кои 15 во брак.

Фото: Приватна архива

Летово славевте 15 години брак во Барселона. Кое е најдрагоцено сеќавање од тој пат и што научивте за себе како пар?

– Летувањето во Барселона беше повеќе од патување, беше потсетник на сè што сме поминале заедно. Тоа е град со енергија, боја и живот и совршено се вклопи со нашето расположение. Најдрагоцено ми е сознанието дека и по толку години, сè уште умееме да уживаме во заедничките моменти и да се радуваме на едноставните нешта.

Зад себе имаш долга кариера. Како низ годините успеваш да ги балансираш професорскиот ангажман, музичката кариера и времето со семејството?

– Балансирањето меѓу професорскиот ангажман, музичката кариера и семејството е постојан предизвик. Има денови кога доминира работата, но и денови кога семејството е апсолутен приоритет. Научив дека клучот е во добрата организација, но и во прифаќањето дека не мора секогаш сè да биде идеално.

Фото: Приватна архива

Какви музички проекти подготвуваш во 2026 година? Можеме ли да очекуваме нови песни, албум или концерти?

– Во моментов работам на нов авторски материјал, но и на песни што ги пишувам за моите ученици. Би сакала оваа година да ја заокружам со поголеми проекти – албум и концерт.

Кои се највредните лекции што ги научи во музиката и животот досега и што би сакала да им пренесеш на младите музичари?

– Највредната лекција што ја научив е дека човек треба да се стреми да биде среќен. Успехот нема вистинска вредност ако не си верен на себе и на својот талент. Во музиката, како и во животот, трпението, дисциплината и љубовта кон она што го работиш се суштински. На младите музичари би им порачала да учат, да работат и да не се плашат да бидат свои.

Фото: Приватна архива

Дали сè уште имаш време за партија шах?

– За жал, во моментов играм само онлајн. Шахот ми претставува вистински одмор за умот и уште еден начин да ја одржувам концентрацијата и фокусот.

За крај, ја чекаш ли пролетта за да ја отвориш сезоната на мотор и колку тоа стана дел од твоето секојдневие?

– Пролетта секогаш ја чекам со посебна радост. Возењето мотор не ми е само хоби, туку дел од моето секојдневие и начин на кој ги избиструвам мислите. Тие моменти на пат, кога си сам со звукот на моторот и со сопствените мисли, ми носат чудесен спој на мир и адреналин што ме полни со енергија. Тој баланс меѓу концентрација и уживање е нешто што ме држи будна, присутна и жива, и што ми дава дополнителна инспирација и во музиката.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот