ИНТЕРВЈУ со Алфрида Тозиева: Никогаш не би ја оставила виолата

Македонската музичарка Алфрида Тозиева со својата виола веќе 15-ина години живее во Њујорк, каде што го надградила своето музичко образование и сега, покрај свирењето во различни оркестри, работи и како музички едукатор, според американската методологија.

Љубителите на музиката на „Стринг форсис“ сигурно веднаш ќе се сетат на виолистката Алфрида Тозиева, која беше дел од групата на првите три албуми, а потоа замина од државава и повеќе од 15 години живее и работи во САД. Нејзиниот животен пат и искуствата со музичката педагогија во САД се убава можност да се направат паралели во системите на музичкото образование, но и на животот на музичарите, воопшто.

Долго време не сме се виделе, каде си и што правиш последниве години?

– Искрено, иако се поминати многу години, мене ми се чини како вчера да беше кога настапував со „Стринг форсис“, кога учев да свирам чалгиска музика и кога со пријателите се среќававме на живи свирки на бендови, на Скопскиот џез-фестивал, на изложба, на промоција на албум или книга, или, пак, во кино. Ми недостигаат тие времиња и некои луѓе, кои многу ми значат и кои имаат голема заслуга за начинот на којшто размислувам денес, и за она што сум го постигнала досега.

Верувам дека желба на повеќето музички уметници е да патуваат низ светот, да запознаваат други луѓе, култури, да откриваат нова музика и, секако, да ја споделат музиката од земјата од којашто доаѓаат со други.

Извесно време бев во Бразил, како наставник по жичени инструменти во Центарот за музика во гратчето Олинда, свирев во Симфонискиот оркестар во Рецифе и снимив цеде со групата „Мамбембринканте“ во Бразилија. Следниот чекор беше Њујорк, каде што живеам и работам во последните петнаесет години.

Алфрида Тозиева (Фотографија: Маркус Хирнигел)

Со твојата виола беше дел од првите три албуми на „Стринг форсис“. Дали продолжи и понатаму да соработуваш со групата?

– Покрај трите албуми со „Стринг форсис“ („Стринг форсис“, „Изохронија“ и „Силки уеј“), бев дел и од албумот „Калдрма – Македонска чалгиска музика“, проект што мене лично многу ми значи. На некој начин ја поттикна мојата љубопитност и интерес за македонската традиционална музика и, воопшто, за музиката од балканските простори и Југоисточна Европа од чисто етномузиколошка гледна точка.

Интересен податок е дека во новата концертна сезона 2020/2021 на „Карнеги хол“ познатиот каталонски музичар Жорди Савал, изведувач на музика од Шпанија која датира од 16 и 17 век, ќе настапи со својот ансамбл „Хесперион 21“ сo еден постар проект, насловен „Бал – Кан: Мед и Крв (Музиката во Отоманското царство)“. Тоа е уште еден показател дека музиката од овие простори е податна за поврзување различни култури и има историското значење во модерниот свет, кој се менува со голема брзина.

Го следам тоа што го работат „Стринг форсис“ и „Чалгија саунд систем“ во изминативе години и сме во контакт. Идеи за соработка секогаш имало и ќе има, само треба да се смисли начин за тоа и да се реализира. Во секој случај, би било супер да дојдат и настапат во Њујорк.

Трите албуми со „Стринг форсис“ и албумот „Калдрма – Македонска чалгиска музика“

Дали и во Њујорк виолата ти остана основно средство за работа?

– Мислам дека никогаш не би ја оставила виолата, дури и во случај комплетно да ја сменам професијата. Причината за моето доаѓање во САД беше можноста за професионална надградба и школување. Американскиот образовен систем е еден од најдобрите во светот и квалитетот на наставниот кадар е неспоредлив со некои други земји.

Кога станува збор за студии по музика, Њујорк има многу да понуди. Она што мене ми остави најголем впечаток е тоа дека голем дел од професорите се активни музичари, кои често настапуваат како солисти или во оркестри, како, на пример, Њујоршката филхармонија, операта „Метрополитен“ или во најразлични камерни состави. Тие се постојано ангажирани и снимаат, се занимаваат со истражувачка работа и објавуваат трудови, но дел од својата кариера ја посветуваат на несебично менторство. Тоа е многу битен и мотивирачки фактор за секој студент. Јас сакав да станам дел од сето тоа и покрај изведувачкиот сегмент одлучив да се посветам на студиите за музичка педагогија. Тоа не се случи веднаш, бидејќи првите неколку години работев со неколку професори по виола, одев на концерти, свирев со неколку бендови. Се запишав и ги завршив магистерските студии на Тичерс Колеџ, на Универзитетот Колумбија, на програмата Музика и музичко образование.

Во овој период работам како наставник по музика во Бриерли, училиште за девојчиња кое е основано во далечната 1884 година и нуди академско образование, почнувајќи од градинка сѐ до 12-тото одделение (еквивалент на средно училиште кај нас). Училиштето има феноменална програма за изведувачки уметности, која опфаќа Оддел за музика, за драма, за ликовна уметност и во текот на учебната година учениците имаат неколку концертни настапи. При крајот на јануари двата училишни оркестри настапија во „Карнеги хол“, како дел од Фестивалот на оркестри, кој се одржува секои три години.

Можеш ли да направиш споредба на твоето музичко образование тука и методите на работа во САД?

– Општо земено, музичкото образование низ кое помина нашата генерација беше добро на свој начин. Одлично бевме подготвени кога се работи за теорија и меморизирање на факти и тоа е сосема во ред. Мислам дека најголемата разлика беше во нееднаквиот сооднос помеѓу теоријата и практичната работа (практика), како и тоа што речиси никој не нѐ поттикнувал на соработка и работење во мали групи, на размена на идеи, на гледање на работите од различни перспективи, на креативност, експериментирање и можност за импровизација. Не беше препорачливо да бидеш различен, да отскокнуваш од толпата. Но сето ова е неизоставен дел од американското образование и начин на предавање во училиштата. И конечно, наставникот не е сезнајко и нема одговор на сите прашања. Јас секој ден учам по нешто ново од колегите, но најмногу учам од децата. Тие секојдневно ме изненадуваат со начинот на кој размислуваат и ги гледаат работите околу себе.

Навистина уживам и го сакам тоа што го работам. Она што мене најмногу ми се допаѓа и каде што јас се издвојувам со моето знаење и начин на работа е мојата љубов кон предметот што го предавам и познавањето на музиката од нашето поднебје, која неминовно ја носам во себе. Во повеќето американски училишта наставниот план по музика е инспириран од филозофијата на унгарскиот композитор, педагог и етномузиколог Золтан Кодај, како и онаа на германскиот композитор Карл Орф. Во комбинација двете методи функционираат беспрекорно, се надополнуваат, но и оставаат простор за вметнување нови елементи и музика од различни култури во светот (ворлд мјузик), вклучувајќи ја и нашата.

Имајќи го предвид американското мултикултурно општество и сознанието дека во едно одделение постои голема веројатност половина од дечињата да се од различна социјална и етничка припадност, култура, потекло и дека покрај англискиот јазик дома со возрасните говорат најмалку уште еден или два јазици се соочувам со вистинско богатство. Родителите се секогаш отворени за соработка и често доаѓаат да отсвират нешто на изворен инструмент, да испеат песна што ја научиле од своите баби и дедовци, или да споделат игра од нивното детство. Јас полагам големо внимание на автентичноста на изведбата и поминувам доста време во библиотека, архив или во разговор со претставник од таа култура. Ова значително придонесува за збогатување на репертоарот на песни и танци што децата учат да ги пеат, играат и изведуваат на музички инструменти (ксилофон, металофон, блок флејта, жичени инструменти, ударни инструменти итн.).

Минатата година, на завршниот концерт, оркестарот составен од 3-то и 4-то одделенци, покрај со музика од Америка, Африка, Италија и Португалија, се претстави и со песната „Борјано, Борјанке“ од Македонија. Музиката од Македонија и од повеќето Балкански земји е добредојдена за изучување на специфични неправилни ритми, кои не се карактеристични за западната класична литература, како на пример 5/8, 7/8 или 9/8. Се разбира, децата изучуваат композиции како Штраусовиот валцер „На убавиот син Дунав“ или „Валцер на цвеќињата“ на Чајковски, но и „Билјана платно белеше“ е во истиот тричетвртински ритам. Тие знаат за невообичаениот ритам во џез-стандардот „Тејк фајв“ на Пол Дезмонд, но умеат да препознаат и отсвират седум-осмински ритам во народната песна „На Струга дуќан да имам“, кој е идентичен со оној во „Ансквер денс“ на Дејв Брубек. Секое дете во одделението доаѓа со различно искуство, си носи во себе нешто што другите го немаат и, што е најважно, сака тоа да го сподели со своите врсници. Различноста придонесува кон градењето заедница во која секој е почитуван, прифатен, ислушан и си има свое место.

Има една изрека за уличните раскажувачи на приказни, која датира уште од времето на Римското Царство: Дај ми бакарна паричка и ќе ти раскажам златна приказна. Мислам дека би можела да се преиначи во: Дај ми бакарна паричка и ќе ти испеам златна песна. Има ли нешто поубаво од тоа?

Каде настапуваш во Њујорк? Успеваш ли да најдеш простор да се реализираш како музичарка?

– Како слободен уметник постојано барам нови оркестри или ансамбли на кои можам да се придружам и некои од нашите настапи се одржаа во „Карнеги хол“, „Зенкел хол“, „Меркин хол“, „Линколн центар“, Њујоршкиот универзитет и во дузина прекрасни цркви во Њујорк и концертни сали во Конектикат, Индијана и Охајо.

Свирам истовремено во неколку симфониски и оперски оркестри во Њујорк и Њу Џерси. Некои од нив се отворени само за професионални музичари, но има и такви што се наречени „комјунити оркестрас“, коишто ангажираат професионални музичари кои се одговорни за креирање на програмата, предлагаат гости-солисти, диригенти и слично. Тоа најчесто е волонтерска работа и јас верувам дека музичарите треба да придонесат нешто и за заедницата и да работат со луѓе кои се прекрасни музичари, но кои поради најразлични причини немале можност и да се школуваат како професионални музичари. Некои од нив се лекари, адвокати, некои работат на берза, има секакви профили.

Но, како и за многу други нешта во животот, некојпат нештата самите ќе се наместат. Сѐ се сведува на добар тајминг и контакти. На пример, сосема случајна средба со Мајкл Дорф и се случи мојот прв настап во њујоршкиот „Нитинг фактори“, панел-дискусијата на која виолинистот Дејвид Харингтон од „Кронос квартет“ ја презентираше новата иницијатива „50 за иднината“ (музика на композитори што творат во денешно време) доведе до идејата за обука на наставници, кои ќе работат со своите студенти на поставка и изведба на тие дела. Размена на музика од нашиот регион со неколку музичари доведе до работење на музика за две театарски претстави во експерименталниот театар „Ла Мама“, потоа и учество на летниот камп „Глобал мјузишн воркшоп“, кој е основан од музичарите од ансамблот „Силкроуд“ (Јо Јо Ма, Сандип Дас, Ву Ман, Мајк Блок).

Мастерклас на „Кронос квартет“ (Фотографија: Пет Свеин)

Велат конкуренцијата на музичката сцена во Њујорк е огромна. Како се снаоѓаш?

– Искрено, мислам дека конкуренцијата, посебно во изведувачките уметности, е присутна насекаде, не само во Њујорк. Факт е дека сме опкружени со талентирани, оригинални и инвентивни луѓе на секој чекор. Конкуренцијата може дополнително ќе те инспирира да стремиш повисоко, да се надградуваш и вредно да работиш, да соработуваш со други луѓе, да можеш да прифатиш добронамерна критика, да си подготвен на компромиси и ризици и, се разбира, да веруваш во себеси. Но, конкуренцијата може да го натера човек да се повлече, да изгуби самодоверба во себе и своите способности, па дури и да ја замрази сопствената професија. Размислувањето во таа насока не е продуктивно и нема смисла за мене. Пред сѐ, е работа и вежбање. Не за џабе велат дека талентот е еден процент, останатото е работа.

Посетував и мастер-часови на Мередит Монк, Џојс ди Донато, диригентката Марин Алсоп. Има толку многу да се научи од нив, а посебно дека и покрај тоа што се одлични музички уметници, тие, пред сѐ, се луѓе со голема душа и разбирање и несебично го споделуваат тоа што го знаат. Од друга страна, музичарите секогаш се отворени и подготвени да научат нова песна, музички стил или жанр, посебно со колеги од други земји, и секоја средба е потенцијална можност за заеднички проект. Музичарите мора да се проактивни и да ја искористат секоја шанса за соработка.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 18, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 февруари 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот