Интервју со Александар Ношпал, моден дизајнер и костимограф: Париз беше пресудниот и најзначајниот момент во мојот живот и затоа пак му се враќам

Фото: Дејан Џолев/Стефан Валцл

Александар Ношпал веќе три децении сигурно и успешно чекори во светот на модата, но се’ повеќе и на костимографијата. Минатата недела го прослави својот 50-ти роденден, повод да го замолам да подвлече црта и да ги издвои пресвртните искуства во својот живот, но и плановите за понатаму.

Фото: Приватна архива

Пред сѐ, ти го честитам 50-тиот роденден и со честитката ковертирам прашање: дали на крајот на првото полувреме имаш потреба да подвлечеш црта и да го сумираш постигнатото во животот?

– Благодарам на честитките. Се надевам дека второто полувреме нема да заврши нерешено, па да треба да се чека разрешување на мечот со пенали (се смее).
Човек има потреба одвреме-навреме да направи едно сумирање на својот професионален и приватен живот. Но тоа најчесто кај мене се случува кога имам слободно време. Последните три години беа еден таков период: период на едно ново резимирање на животот, случувањата и работите; на постигнатото, но и на пропуштеното; на минатото сегашноста и иднината. И слободно можам да кажам дека ретко кој може да се пофали со толку исполнета, бурна, динамична и еклектична историја во секој сегмент и на секое поле. Накратко, многу настани, многу патувања, многу промени на географски одредници, промена на многу професии, секако сите во мојата област на делување. Има дури периоди за кои мислам дека му се случувале на друг човек и друга личност, а јас сум бил само тивок набљудувач. Многу подвлечени црти, многу нови почетоци, многу успеси, но и разочарувања… Сето тоа е убавината на животот, на искуството, на годините и на она што денес сум јас како Александар Ношпал.

Првата модна ревија со своја колекција

Твоето CV е долго и богато со успеси, па сепак, кои ти се најважни, кои беа пресвртните точки?

– Ги има многу… Тоа што мене ме карактеризира е токму немирниот дух, желбата за авантура и промена, нови непознати предизвици – посебно во професијата. Едноставно не ја сакам монотонијата, се ужаснувам од егзистенцијалистичкиот принцип на стабилен, едноличен и сигурен живот, што наизглед делува многу интересно и забавно, но секако носи големи осцилации, бранови, ветришта и непознати исходи. Накратко: пред се’ е моето заминување во Париз на студии во далечната 1992 година (и сите работи кои тој град ми ги донесе, посебно во областа на високата мода); потоа враќањето и отворањето на моето ателје; мојата прва костимографија и сценографија за „Убавицата и Sверот“ во Театрот за деца и младинци во 1998 година; четирите евровизиски искуства: 2000, 2002, 2004 и 2019 година; моето заминување во Англија на постдипломски студии како Чивнинг стипендист во 2007 година; смртта на моите родители 2008 и 2011 година; мојот професорски и декански ангажман од 2008 до 2015 година на три универзитети; првото интернационално театарско искуство во 2013 година во Ријека со Роналд Савковиќ; работата на костимите за „Оревокршачка“ и „Лебедово езеро“ во Лајпциг во 2016 и 2018 година; работата на претставата „Силентиум“ во 2020 година во Бољшој театарот во Москва со Мартин Шекс; и најновото во моментов што мислам ќе остави (а веќе и остава) голем белег е мојата работа на костимите во Операта Гарние во Париз, повторно со Мартин Шекс не балетот „Мајката Гуска“, што ќе се одржи годинава во месец април. Би било неблагодарно да завршам тука бидејќи големи пресвртни точки се секако сите нови искуства со сите режисери и кореографи што сум работел, а ги има многу меѓу кои би ги споменал мојот драг Синиша Евтимов, Жан Филип Дури, Игор Киров, Саша Евтимова и други; секое од нив на свој автентичен начин извршило големо влијание на мојата работа и на мојот интегритет како автор.

Калигула Сент Гален Швајцарија

Париз. Како се вгнезди во твоето срце? Што ти значеа тогаш, а што денес студентските и првите работни години таму?

– Мислам дека сум роден со Париз, дека е дел од мојата ДНК, исто како што се и генетските предиспозиции од моето семејство. Сепак, „највиновна“ за „вгнездувањето“ на Париз во мојот живот е мајка ми Катарина, која од секое патување таму во текот на 80-те години постојано ми носеше списанија – Вог, Офисиел, Мари Клер, Ел – и со тоа неуморно ја хранеше мојата веќе создадена глад за високата мода. И не се откажав: во времето на транзицијата и на големи политички превирања за време на моето полнолетство, во земја која се распаѓаше, јас ја добив најголемата премија од моите родители, инаку луѓе со скромни можности, но работливи и со желба да се жртвуваат за да го остварат мојот сон. Тука би го споменал и татко ми Веселин кој замина да работи во Украина, за да овозможи мојот сон да стане јаве.
Секако дека тие години мене ме изградија како возрасен човек, и неретко велам дека токму студентските денови во Париз мене ме изградија во онаа личност која сум денес: тие беа пресудни да се искали овој Ношпал што денес го познавате. Мислам дека тоа беше пресудниот и најзначајниот момент во мојот живот: тука се случи она што потсвесно го посакував, а со мојата голема посветеност, љубов и трудољубивост се реализираше – влегувањето во водите на високата мода. Но покрај сето тоа тука се и многу емотивни, лични моменти, кои до ден денес се во моите сеќавања: многу забави, пријатели и љубовни искуства.
Денес, Париз за мене е уште градот што има посебно место во моето срце. Честите патувања постојано ми годат и ми ја исполнуваат душата. Сепак, морам да признам дека со ова искуство и после поминат животен пат како мојот, денес не е градот каде јас би сакал да живеам… Тој денес е како една стара љубов со која што сум останат во одлични пријателски релации, и со која секако постојано со задоволство комуницирам, но секако не би се вратил во нејзините прегратки. (се смее). Секако, тоа не се однесува на професионалната комуникација со овој град.

Наскоро се враќаш во Париз и тоа на голема врата, во Операта Гарние. Претпоставувам дека си возбуден. Какви патишта натаму може да ти отвори оваа соработка?

– Не е случајно што овој ангажман се случува токму по 30 години од моето дипломирање во Париз во областа на модниот дизајн – специјализација Висока мода. Токму и затоа возбудата е голема, посебно што во тој период јас и имам стажирано краток период во овој храм на балетската и оперската уметност. Секако дека не сум рамнодушен: напротив. Возбуден сум и емотивно допрен од целата таа атмосфера. Солзи радосници ми надојдоа од првиот момент кога пред неколку месеци првпат повторно влегов во работилниците: од мирисот на старите дрвени подови, од моментот дека се враќам како човек што го нуди својот дизајн на истото место каде што порано реализирал нечиј друг. Немам зборови да ја опишам атмосферата и емоцијата: таа засекогаш ќе остане само моја. А тоа што може да се случи понатаму, не знам и нема потреба ни да очекувам. Ова е веќе доволно, бидејќи ова и беше еден од моите големи сништа. Оттука натаму сѐ добредојдено.

Фото: Приватна архива

Како се случи поканата и на каков проект ќе работиш таму?

– Поканата дојде од мојот соработник, драг пријател и голем уметник, кореографот Мартин Шекс, кој воедно ми ја довери одговорноста за изработка на костимите во Бољшој театарот во 2020 година. Инаку, Мартин е ученик на Балетската школа на Националната Опера во Париз, и работел неколку години како член на ансамблот на Националниот балет во Париз. Сега, после неговото повлекување од балетската професија, тој активно и мошне успешно се бави со кореографија, а полека но сигурно ги освојува и големите балетски сцени низ светот. Токму поради тоа и е повикан, како поранешен ученик на оваа престижна школа, од г-ѓа Елизбет Плетел, директорката на ова реномирано училиште, да изработи дел од завршната претстава на учениците. Вечерта се состои од три дела, а едниот е токму оваа претстава, „Мајката Гуска“ на Морис Равел, инспирирана од сказните на Шарл Перо. Инаку, морам да напоменам дека околу 10 години не се работела претстава како нова продукција специјално за овој настан, кој традиционално се одржува секоја година во април, што е посебна чест за нас двајцата, заедно со сценографката Камиј Дига, како авторски тим. За концептот и инспирацијата за визуелниот дел на проектот ќе оставам за некој нареден пат после премиерата.

Сепак, пред тоа, овој викенд те чека премиера во Германија. На каков проект и во кој театар?

– Во моментов се наоѓам во Олденбург, каде на 28 јануари ќе излезе премиерата на балетскиот проект „Чекан“ во кореографија на Мартин. Овој проект е дел од балетскиот триптих „Енергетски емоции“, во градскиот театар на Олденбург, кој има своја оперски, драмски и мал, но одличен балетски ансамбл. Се работи за апстрактна неокласична кореографија, која е инспирирана од моменталната комплексна ситуација во светот и опресијата на посилните кон послабите. Претставата е омаж на совршенството и спокојството, балансот кој треба да се пронајде токму за беспрекорно и мудро функционирање на оваа планета во секоја смисла.

Балетот „Чекан“ во Олденбург
Фото: Стефан Валцл

Почна како моден дизајнер, но сега се чини дека повеќе си свртен кон костимографијата. Како балансираш?

– Моментално нема потреба да балансирам бидејќи едноставно целосно сум посветен на костимографијата. Сметам дека светот на модата веќе е станат банален, како што е и самата мода, а и самите потрошувачи. Тоа што мене ме интересираше во модата е уметноста, занаетот и посветеноста кон професијата, наречена висока мода, која денес за жал ја нема. Она што денес го гледаме е хибрид од инстантно задоволување на преголемиот потрошувачки нагон, проследен од агресијата на социјалните мрежи и медиуми, кои никако не се занимаваат ниту па го отсликуваат реалниот квалитет – а ниту го бараат и ниту ги интересира. Костимографијата, посебно во операта и балетот е нешто најблиску до високата мода, она што мене ме интересира. Различни, но и слични по многу елементи.

Имаш особен афинитет кон балетската костимографија, за која и во светот се ретки костимографите. Што е толку магично токму во балетот?

– Секако рамнотежата помеѓу облеката и телото во движење, облеката во функција на движењето и најмногу техничките и естетските форми кои може да се постигнат во изведба на облеката, притоа да не го попречат телото да создаде уметност преку движењето. Да се биде балетски костимограф е тешка, ретка, но исклучиво уникатна професија, а бара големо познавање не само од дизајнерски аспект туку и од технолошки. За жал, денешните дизајнери не се бават и не сакаат да се бават со технолошкиот процес на реализација на облеката и костимот; како да зборавија дека дизајнот на облека сепак потекнува од кројачкиот занает. Затоа денес ретки се добрите дизајнери како што беа големиот Баленсијага, Мек Квин, Диор, Шанел, Карл Лагерфелд итн. Сите овие, покрај тоа што се великани и генијалци во својата професија, воедно биле и големи патрони на балетската и тетарската уметност.

Како се одвива процесот на обмислување и работа на една претстава на која за првпат работиш? Претпоставувам дека прво треба да ги разработиш самото дело, ликовите, актерите…

– Се зависи за каков тип на претстава се работи – опера, драма, балет, и за каков вид на пристап кон делото се работи. Секој автор и носител на проектот (режисер, кореограф, композитор) има своја визија или истата ја гради со текот на годините. Некои од нив веќе и создаваат свој препознатлив печат со својот авторски тим од костимограф, сценограф и дизајнер на светло. Ако се работи за драма, секако постои текст и драматург, кои ја даваат насоката заедно со режисерот при анализата на амбиентот и ликовите. Во балетот идејата ја дава кореографот кој ја презема улогата на режисер, додека во операта повторно се јавува режисер, но тој секако е во тесна корелација или со диригентот или со композиторот, ако се работи за праизведба на дело. По нивна насока се разработуваат идеи и идејни скици, па потоа се пристапува кон реализација. Процесот е долг, макотрпен и некогаш знае да трае околу година дена, од зачнувањето на идејата до финалната реализација. Ние, костимографите, заедно со сценографите секако мора да започнеме многу порано, посебно во големите продукции, кои бараат комплексна логистичка и технолошка подготовка и реализација.

Беше професор и декан на три универзитети. Какво искуство и задоволство најде во образовната работа и дали планираш да ѝ се вратиш?

– Јас никогаш не сум се откажал од оваа професија (се смее). Сметам дека тоа всушност е мојата најголема мисија во животот: да го пренесам знаењето и искуството на идните генерации. За жал, станува се’ потешко, бидејќи новите генерации имаат погрешна претстава за оваа професија, и сметаат дека тоа е многу лесен и брз процес, токму поради социјалните медиуми кои го наметнаа влијанието кон луѓето и општеството. Денес дизајнер се нарекува секој инфлуенсер и секоја една личност што има и некаков малку поинтересен вкус за облекување. Но, оваа професија, е сепак многу комплексна, бара многу жртва и постојано надоградување и експериментирање, многу непроспиени ноќи и многу вештина… и да, многу талент и изградени работни навики.

Никогаш нема да се откажам да им ја претставам на младите луѓе комлексноста и сериозноста на оваа професија, со целото мое искуство. Затоа и моментално предавам во Академијата за моден дизајн при „Џолев и уметностите“, кои им нудат едногодишно неформално образование во неколку сфери на дизајнот на оние на кои им треба дообука или кои од ред причини во животот немале можност да го изучуваат тоа што сакаат, а имале голема желба и потенцијал. Се надевам дека еден ден ќе се вратам и во академските води на формалното образование, но кога ќе дојде вистинската прилика и вистинското време…

Фото: Приватна архива

Париз, Лондон, Москва, Дизелдорф, Лајпциг, Сент Гален, Сплит, Ријека… постојано си на пат. Еден светски оперски пејач на прашањето каде му е всушност домот, одговорил: „таму каде што ми се куферите“. Дали слично важи и за тебе?

– Хахаха. Не, сепак мене домот ми е дома, во Скопје, со моите најблиски пријатели и со семејството, во станот кој го задржав од моите родители, иако купив и свој. Тоа е местото на кое постојано му се враќам нестрпливо, тоа е моето катче каде го имам мојот креативен, емоционален и духовен мир… каде што сум и возрасен и дете, обичен човек и уметник. На прашањето каде ми е домот јас ќе одговорам: домот е таму каде што ми се најблиските пријатели, бидејќи вистинските и искрени пријатели се реткост, а тие се семејството на 21-от век.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот