ИНТЕРВЈУ Ристо Велков: Најмладите земјоделци имаат преку 50 години

Фото: Фејсбук

Целта на субвенциите не е да се покријат трошоците туку да се стимулира земјоделското производство. Со оглед на фактот дека сме членка на ЦЕФТА, ние како држава сме обврзани на слободен увоз и извоз на земјоделски производи, но мора да се изнајде решение што и како со нашите производи.

Земјоделството и производството на храна играат значајна улога во македонската економија. Нивното учество придонесува со 16 проценти во бруто-домашниот производ, а вработуваат повеќе од една третина од работната сила. Секторот постојано се соочува со предизвици.

Со влезот во ЕУ, Македонија ќе ја спроведува заедничката земјоделска политика на ЕУ, чијашто цел е обезбедување стабилен приход за земјоделците, зачувување на руралното наследство и обезбедување прифатливи цени и квалитетни производи. Членството во ЕУ ќе им обезбеди на македонските земјоделци и слободен пристап на единствениот пазар на ЕУ од 500 милиони потрошувачи.

Секоја година во септември се случуваат проблеми при откупот. Дали станува збор за непланско производство или откупувачите си играат со маката на земјоделците?

– Секоја година при откупот на земјоделски производи има манипулации, но тоа не е случува само во есенскиот циклус на производство, туку и во пролетниот. Во однос на тоа дали станува збор за непланско производство или, пак, станува збор за манипулација од страна на откупувачите, може да се каже дека се присутни и двете негативности или неправилности за нашиот земјоделец.

Низ годините се зголемија сумите за субвенции. Дали тие се доволни да го покријат домашното производство?

– Точна е констатацијата дека се даваат субвенции и по површина и по предаден производ. Преработувачите, на пример, добиваат субвенции за килограм и за литар млеко, но тие во никаков случај не можат да ги покријат вкупните трошоци по единица површина кај растителното или за единица грло стока кај животинското производство. Меѓутоа, целта на ваквата поддршка, не е да се покријат трошоците, туку да се стимулира земјоделското производство. Тука мислам на зголемување на површините со насади кај растителното производство, а кај животинското, да се зголеми бројот на стока. Така, ќе се зголеми и квалитетот на производите добиени од двата типа производство.

Се зголемуваат субвенции, ама расте и увозот на храна. Има ли Македонија доволно сопствено производство за да се задоволат потребите на граѓаните?

– Се согласувам дека има зголемување на субвенциите од година на година, но од друга страна имаме сѐ поголем увоз на земјоделски производи. Тоа се базира на лошо изградената стратегија (или подобро кажано немањето никаква стратегија) во нашиот аграр. Со оглед на фактот дека сме членка на ЦЕФТА, ние како држава сме обврзани на слободен увоз и извоз на земјоделски производи, но мора да се изнајде решение што и како со нашите производи. Но, за тоа имаме ресорни министри, а тие, пак, имаат свои советници, кои се должни да изнаоѓаат патишта за пласман на нашето производство.

Каква земјоделска стратегија ѝ треба на Македонија?

– За ова и претходно реков, имаме ресорни министри и тие би требало да ја кројат судбината на земјоделието и на земјоделецот. Но, без добра комуникација меѓу претставниците на науката, ресорното министерство, трговците (преработувачи) и претставници на земјоделците, успехот ќе изостане.

Се плашите ли дека со членството во ЕУ ќе се зголеми конкуренцијата? Имаме ли квалитет за да конкурираме на странските пазари?

– Конкуренцијата ќе биде добра за нас. Ќе се издвојат оние што произведуваат квалитетни производи. Не се плашам од конкуренцијата. Напротив, секој што произведува по стандардите што ги бара пазарот, ќе си го најде своето место со подобар профит.

До пред некоја година земјоделците го истураа родот. Таквите слики сега како да ги нема.

– Факт е дека до пред некоја година имаше истурање големи количества зеленчук и овошје, но слабата финансиска моќ го тера нашиот земјоделец да го продава својот производ и по багателни цени. Низ годините се забележува намалување на производството или се садат поевтини култури, за кои може да се постигне повисока продажна цена. На пример, наместо домати, чијашто производна цена се движи од 20 до 25 денари, земјоделците се преориентираат на садење зелка, чијашто производна цена се движи од 6 до 8 денари. Во аграрот веќе нема математика, земјата не се обработува, а најмладите земјоделци кај нас имаат преку 50 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот