ИНТЕРВЈУ Илир Сулејмани: Секој избран судија и јавен обвинител, без исклучок, треба да помине низ ветинг!

Илир Сулејмани, претседател на Основен граѓански суд Скопје 2 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Реформи имало, но меѓу нив има несоодветни и неприменливи, или такви кои наидуваа на отпор поради нивната брзина и драстичност.

Илир Сулејмани важи за еден од најавторитетните судии во земјата. Кога беше избран за претседател на Основниот суд Скопје 2, најголемиот граѓански суд (во втор мандат), едногласно и со Бадентерово мнозинство, остана забележана изјавата на членка од Судскиот совет која рече дека програмата за менаџирање на Граѓанскиот суд во наредните 4 години, што ја напиша и образложи Сулејмани, треба да ја прочита секој судија и секој член на Советот.

Како гледате на потребата од реформа во правосудниот/обвинителскиот систем, дали е неопходна?

– Од самото осамостојување, преку разни начини државата се занимава со реформирање на правосудството и тоа сѐ уште трае, што, според мене, од една страна е во ред и значи дека сме свесни за потребата од реформи, од напредок во таа сфера и се стремиме кон подобрување. Зашто квалитетно, стручно, независно и судство во кое веруваат граѓаните е најсилниот аргумент на секоја држава дека ќе им обезбеди правна сигурност на граѓаните, што во крајна линија значи напредок и благосостојба на државата. Реформи во правосудниот систем беа и сѐ уште се неопходни, посебно денес во услови на евидентно и зголемено незадоволство и недоверба на граѓаните во правосудните органи, иако тоа се должи на многу фактори, не само оние што произлегуваат од самите институции, туку и надворешни, кои имаат пошироко општествено и политичко влијание.

Не е првпат да се наметнува потребата од реформи. Дали се спроведуваат несоодветно или воопшто не се спроведуваат?

– Така е. Свесни сме дека се случија многу промени и реформи, кои може да ги карактеризираме како добри или лоши, но меѓу нив има несоодветни, неприменливи или такви што наидуваа на отпор поради нивната брзина и драстичност, предизвикувајќи самите по себе општо незадоволство, недоверба и во другите области од нашето живеење, какви што се образованието, здравството, стопанството итн. Од таа причина сметам дека реформите се одамна почнати, но како сѐ уште да го немаат саканиот и очекуван резултат. Сега, по досегашното искуство, треба многу внимателно и паметно да се пристапи кон преземање конкретни, јасни и темелно осмислени решенија.

Илир Сулејмани, претседател на Основен граѓански суд Скопје 2 / Фото: Драган Митрески – Слободен печат.

Дали самите судии чувствуваат потреба од „прочистување“ во своите редови?

– Генерално гледано мислам дека постои таква потреба меѓу судиите, зашто сѐ повеќе го чувствуваат притисокот на недовербата на граѓаните, кој им создава тешкотии и непријатности во секојдневната работа.

Дали граѓанскиот суд, чиј претседател сте, ќе биде опфатен со ветингот?

– Несомнено. Доколку се спроведува ветинг во судската и во обвинителската фела, не треба Основниот граѓански суд Скопје да биде изземен, како и ниеден суд и јавно обвинителство. Тоа значи дека секој избран судија и јавен обвинител, без исклучок и независно каде ја извршува судската или јавнообвинителската функција, треба да помине низ таа постапка што се најавува.

Вашиот суд важи за еден што има најголем број предмети. Колку има вкупно, или годишно, или во просек по судија?

– Во изминатата 2019 година во Основниот граѓански суд Скопје се примени вкупно 46.730 предмети. Бројот на решени предмети изнесува 48.189, а на крајот на годината останале нерешени 12.090. На 31 август годинава Основниот граѓански суд Скопје имаше 14.353 предмети во работа, односно активни. Во моментов во судот има 65 судии, вклучувајќи го и претседателот, иако утврдениот број судии е поголем и изнесува 77. За просек на предмети по судија не би можел да ви дадам точна информација, од причина што е различна бројката по оддели.

Како да се намали оваа бројка за да се зголеми ефикасноста?

– Да се намали бројот на предмети на суд што важи за најголем во Македонија е малку тешка задача, иако не сакам да кажам невозможна. Во менталитетот на нашето општество е во решавањето на споровите веднаш да пристапи пред судовите, иако гледа со недоверба кон нив. Стопанските спорови може да се намалат доколку странките ја изберат арбитражата како модел на решавање или ако споровите се решаваат со медијација. Голем е бројот на договори во кои договорните страни како надлежен суд го избираат Основниот граѓанскиот суд во Скопје, доколку со закон не е определена исклучителна месна надлежност на некој друг суд. За сите предмети во кои како странки, односно како тужена страна се јавуваат осигурителни компании, банки, органи на државна управа, надлежен за постапување е Основниот граѓански суд Скопје, без оглед на тоа каде е извршено штетното дејство или каде настапиле последиците, бидејќи седиштето на тужениот се наоѓа во Скопје. Има уште многу други примери што реално оневозможуваат Основниот граѓански суд Скопје да ја намали бројката на предмети. За зголемување на ефикасноста во вакви околности е потребно да се зголеми бројот на судии. Тие ќе имаат помалку предмети и побрзо ќе ги решаваат и така странките би биле задоволни од ефикасноста на судот.

Илир Сулејмани, претседател на Основен граѓански суд Скопје 2 / Фото: Драган Митрески – Слободен печат.

Како една од мерките за почеток на реформите, новиот министер најави намалување на судските такси. Дали е тоа добар потег што ќе има позитивен ефект?

– Најавеното намалување на судските такси, според мое мислење, директно се коси со намалувањето на бројот на предметите и со зголемувањето на ефикасноста. Со драстично намалување на таксите, како што е најавено, ќе се зголеми бројот на тужбите поднесени до судот, а судиите доколку останат во истиот број, ќе бидат оптоварени со многу предмети и директно ќе се доведе во прашање ефикасноста во нивното решавање.

Како ја коментирате најавата дека 5 проценти од судските одлуки ќе бидат ставени на преоценка?

– Не можам да прејудицирам дали ваквата контрола на судските одлуки би дала некаков позитивен ефект. Се поставува прашање според кои критериуми ќе се избираат тие пет проценти од судските одлуки што ќе бидат ставени на преоцена, кое ќе биде тоа тело или орган кое ќе врши преоцена кога според законот судиите судат врз основа на слободно уверување и убедување и кога постојат други механизми за преиспитување предвидени со законот – второстепеност во одлучувањето, или во трет степен таму каде што е дозволено, а и Судскиот совет на разни начини врши контрола врз работата на судиите. Сепак, ќе треба да се види што точно ќе опфати таа преоцена и конкретно во кој обем и дел од судската одлука, а важно е и кој ќе биде тој орган кому ќе му се довери таа задача.

Како, според Вас, ќе добиеме независно судство?

– Независно судство, едноставно гледано, ќе имаме тогаш кога тоа што го предвидува Уставот и законот ќе оживее во практика, односно кога извршната власт нема да се меша во судската, ниту пак индиректно ќе врши влијание. Низ годините поминати со сите реформи, се создаваа услови за такво нешто, преку измени во законите што се однесуваат на правосудството, со реформата на Судскиот совет, со изборот на судиите, нивната обука во Академија, со Законот за судски буџет заради стабилно и соодветно финансирање на судската власт, со цел обезбедување нејзина независност и самостојност. Но, од друга страна, политичките случувања, помешани со нашиот менталитет, не дозволуваа докрај да се создаде независно судство во права смисла на зборот. Сепак, јас сум оптимист и мислам дека времето ќе покаже дека сме на добар пат и дека треба да продолжиме со реформите за создавање независно, стручно, професионално и одговорно судство, кое ќе ја врати довербата на граѓаните во институциите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот