ИНТЕРВЈУ | Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа: Ниски цени на овошје и на зеленчук нема да видиме ни сред лето
Мајскиот мраз ги изеде овошките. Проблемот не е само кај нас, туку и во регионот и кај најголемите извозници. Скапите репроматеријали, недостигот на работната сила и климатските промени доведоа до тоа годинава за некои земјоделски производи цената да биде два, па и три пати повисока отколку лани во истиот период.
На зелените пазари цените на овошјето и на зеленчукот малку се намалија, но ни оддалеку не одговараат за мај. Со колку зеленчук и овошје ќе се наполни домашната трпеза зависи многу и од кој зелен пазар или маркет се пазари. Разликите што ги согледавме се движат и до 50 проценти. Пониските цени што ги пронајдовме се: домат по цена од 100 денари за килограм, пиперки за 150 денари, краставици по 60 денари, млада зелка главно за 50 денари, но во еден маркет пронајдовме и за 25 денари, цреши и јагоди по 120 денари, кајсии 150 денари…
Препорачано
Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, во разговор за „Слободен печат“ вели дека не очекува ни сред лето ниски цени на овошјето и на зеленчукот и дека скапите репроматеријали, недостигот на работната сила и климатските промени доведоа до тоа годинава за некои производи цената да биде два, па и три пати повисока отколку лани во истиот период.
Каква сезона за зеленчук и овошје може да очекуваме годинава? Ќе ги има ли доволно на нашите трпези и ќе бидат ли по пристојни цени?
– По сите параметри 2026 година ќе биде тешка година. Особено тоа ќе биде нагласено за овошките. Мајските мразови и ниските температури донесоа големи штети. Штетите за праските во Росоман се 100 проценти, исто така е и за сливите во Малешевијата. Големи штети претрпеа и насадите во Охридско. Всушност, насекаде има штета на родот од 30 до 100 проценти. Проблем е што штети и масовно мрзнење на овошјето имаше во цела Југоисточна Европа, па ќе биде тешко и да се увезе.
Родот на јаболка е на исто ниво како лани, значи 30 отсто од вкупното можно производство. Но, проблем е што родот е драстично намален и во Полска, како најголем производител на јаболка, па можно е дури и она малку што го имаме кај нас, овоштарите да го насочат кон извоз ако добијат подобра цена.
Климатските проблеми се одразија и на градинарските култури. Таму има и високи трошоци и во крајна линија, сето тоа доведе до високи цени. Ние во мај имавме домати по 150 и по 200 денари. Тоа е многу висока цена. Но, оранжериското производство е многу скапо ако се земе предвид загревањето. Многу земјоделци и се откажаа од таков вид производство. Скапо е и производството на отворено. Ние главно увезуваме градинарски производи од Албанија, но и таму има недостиг на работна сила и таму има висока цена на репроматеријалите, па и нивните цени се високи.
Ние, веќе како увозно зависна земја, ќе се соочиме со голем дефицит на земјоделски производи, а сето тоа ќе се рефлектира во високи цени.
Дали очекувате поголем пад на цените кога масовно ќе стигнуваат земјоделските производи што растат на отворено?
– Не, не очекувам. Многумина сметаат дека ќе дојде јуни, јули, па ќе има евтин домат, пиперки… Такво нешто нема да има. Може во сосема краток период да има хиперпродукција и тоа за некој производ и тогаш да видиме пониска цена. Но, евтин заленчук и овошје нема да имаме.
Каква е сегашната состојба со цената на репроматеријалите и има ли договорен откуп?
– Цените на ѓубривата и на горивото се зголемини за 50 проценти во однос на лани. Тоа многу нè оптоварува. Имаме нерегулиран откуп. Договорно производство има само за тутун, но тој не е храна, а сè друго е остaвено на стихија. Согласно Законот за земјоделство и рурален развој, има дефинирани стратешки култри. Тоа се ориз, пченица и јачмен. За нив има заштитни цени, но само делумно се почитуваат.
Од друга страна, сакам да потенцирам дека ние немаме достапност ниту до пазарите, ниту до маркетите, односно немаме пристап до крајниот купувач. Тоа го користат трговците, па има огромни разлики од цената по која продаваат земјоделците, до онаа по која производите стигнуваат до трпезата. Имаме Закон за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјодeлски и прехранбени производи. Сметам дека инспекторите треба да прават поголеми контроли врз основа на овој Закон.
Во вакви услови, кога велите дека ќе имаме лоша сезона за овошје и зеленчук, што треба да направи Владата?
– Јас постојано аппелирам дека мора да се издефинираат приоритети, да се утврди која храна ни е најважна и да има соодветни политики. Ние немаме вистинска стратегија за финансиска поддршка на земјоделците. Институциите немаат слух и се оградуват од нашите проблеми. За овошјето што замрзна во мај веднаш упативме итно барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за утврдување и обесштетување на штетите од елементарната непогода. Но, нашето искуство покажува дека обесшетувањето е симболично во однос на реалните штети, па така тие нема да имаат пари ни за следната сезона. Но, секој денар вложен во земјоделството се враќа најмалку три пати.


