ИНТЕРВЈУ | Д-р Андон Чибишев, клинички токсиколог: ,,Продолжениот мамурлак“ се пребродува со сон, лесна храна и витамин Ц

Доктор Андон Чибишев/ Фото: Архива на Слободен печат

Новогодишната ноќ е зад нас,  богатата трпеза привршува или се дојадува, но она коешто следува после славењето понекогаш е негативното влијание врз здравјето на граѓаните, особено кога станува збор за прекумерното консумирање алкохол и маснотии. Клиничкиот токсиколог, професор доктор Андон Чибишев, за ,,Слободен печат“ ги открива најчестите состојби на кои се жалат граѓаните откако ќе поминат деновите на оптоварување на организмот со маснотии и алкохол и дава неколку совети, како полесно да се пребродат состојбите на мамурлак и прејадување кои се карактеристичен ,,несакан ефект“ од празниците. Со него поразговаравме за тоа што е она што најмногу ги загрижува медицинските работници во празничните сезони и за какви медицински состојби најчесто е барана помош на белите мантили овој период.

Доктор Чибишев, какви проблеми со здравјето најчесто имаат граѓаните после празниците?

– После Нова Година, карактеристично здравствените работници повеќе се занимаваат со оние што за време на празниците претерале со алкохол. Затоа што алкохолот во акутната фаза може да направи сериозни проблеми со здравјето, но исто така може да направи и сериозни проблеми во периодот на ,,продолжен мамурлак“. Тоа значи дека еден или два дена после претераното пиење алкохол, таквите индивидуи се чувствуваат истоштено, малаксано, имаат главоболки, вртоглавици, чувствуваат слабост во мускулите, го губат апетитот, се чувствуваат безволно, не им се прави ништо, не им се работи. Има причина за тоа. Тоа е затоа што мозокот еден извесен период бил малтретиран со токсини од алкохолот и сега му треба време на црниот дроб да направи детоксикација и да ги разгради тие токсини на нетоксични компоненти кои не го иритираат централниот нервен систем за да може организмот полека да се врати во нормала.

Колкав временски период трае враќањето во нормала?

– Тој период кај некои трае пократко, а кај некои подолго. Сето тоа зависи од полот, возраста, храната што се консумира вообичаено, дали лицето се занимава со спорт или не. Кај некои луѓе заздравувањето трае неколку часови, а кај други ден, два или повеќе. Во тој период добро е оној кој претерал со алкохол да има максимален одмор, да не работи физичка работа и што повеќе да спие, затоа што мозокот најдобро се одмара во сон. Препорачувам во тој период да се консумира лесна храна, да се избегнуваат животински маснотии и зачини. Да се јаде овошје, зеленчук и да се консумира витамин Ц. На мои пациенти во такви ситуации сум им сугерирал да пијат барем по илјада милиграми витамин Ц, најмалку една недела.

Алкохолот е едниот елемент, но што се случува со ефектите кои традиционалната празнична храна ги има врз организмот?

– Вториот проблем е со дигестивниот систем. Барем два дена од празниците, ако не и подолго, дигестивниот систем е ,,бомбардиран“ со храна којашто содржи многу голем процент животински маснотии, особено месо во различни облици, посебно свинското месо кое е прилично мрсно, сарма, руска салата со многу мајонез. Сето тоа многу неповолно делува на желудникот. На желудникот му треба многу енергија и многу хлороводородна киселина, за таа храна да се подготви за варење. Се излачува многу пепсин во желудникот и ѕидот на желудникот може да се воспали. Поради тоа, после празниците многу луѓе се жалат на болки во желудникот, а некои дури и со такви болки стигнуваат до болница. Тоа го нарекуваме акутен гастритис. Хроничниот гастритис е смирен и прави минимални проблеми. Но кога ќе го стимулираме може да прерасне во акутен гастритис кој може да предизвика температура, силни болки, па дури и да бара неколкудневна терапија. Исто така, овие денови, ние што работиме ургентна интерна медицина, многу се плашиме од акутен панкреатитис, односно акутно воспаление на панкреасот.

Зошто таа состојба е опасна и со што се карактеризира?

– Ако се ,,бомбардира“ организмот со висок процент на маснотии и тоа се залева со алкохол кој исто така многу неповолно делува на панкреасот, тогаш тие ензими кои ги излачува панкреассот, кога се движат кон дванаесетпалачното црево, може да се вратат во обратен правец и да почнат да го разградуваат панкреасот. Практично, тогаш настанува саморазградување на панкреасот кое некогаш може да биде во лесна форма, односно само да се надразни панкреасот и да настане некое лесно воспаление. Меѓутоа, некогаш се случува тоа да биде во потешка форма – панкреасот да почне да се разградува и да настане состојба на тежок, некротичен панкреатитис што е животозагрозувачка компликација со исклучително висока смртност. Од тоа најмногу се плашиме ние докторите во постпразничните периоди и во текот на празниците.

Кога се јавуваат симптомите на панкреатитис?

– Панкреатитот знае да се јави од 2 до 6 часа после обилен, мастен оброк комбиниран со алкохол. Комбинацијата на масти и алкохол е најчеста причина, но некогаш и одвоено, само мастите или само алкохолот, може да доведат до една сериозна ситуација. Има и други последици кои се јавуваат после празниците но не се во мојот домен. На пример, луѓе во алкохолизирана состојба паѓаат, кршат раце, нозе. Има и такви што го загубиле животот, затоа што во алкохолизирана состојба паднале некаде на ниски температури и замрзнале. Такви случаи во праксата има, но за среќа во последно време помалку. Моето прво дежурство во животот заврши со човек кој пијан паднал надвор, замрзнал и додека го донесоа на доктор веќе не беше возможно да биде реанимиран. Кога лицето е во алкохолизирана состојба, се забрзува губењето на топлина од телото многу побрзо отколку во нормални услови.

Какви препораки би им дале на граѓаните?

– Препораката е дека ако консумираат умерено, тогаш ништо не може да им се случи. Ако евентуално се претера со алкохол, клучни се одморот и спиењето и да не се работи физичка работа и да се конзумира витамин Ц. Исто така, пожелно е да спијат во странична положба, а не на грб и да имаат некој до себе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот