Институциите глуви на лелекот на самохраните родители, да се преиспита категоријата самохраност

Транспаренти од неделниот протест на „Една може“

Само сопружниците што имаат починат партнер или оние кај кои во изводот од детето не е познато татковото име имаат право да добијат статус на самохрани родители и со тоа да ги добиваат поволностите што државата им ги дава на оваа категорија граѓани. Разведените немаат право да се дефинираат како самохрани, што е едно од барањата на здружението „Една може“.

Самохраните мајки преку протестен марш побараа праведни институции, дефинирање на статусот самохраност и финансиска поддршка. Овие барања ќе бидат доставени до Владата и до Министерството за труд и социјална политика.

Основачката на невладината организација „Една може“ Дороти Пачкова вели дека најголем проблем со кој се соочуваат e игнoрирањето од институциите и статусот на самохраност.

– Имаме десет поткатегории самохрани родители, како татковци во затвор, мајки или татковци сместени во институции, втор родител со апсолутен инвалидитет кој не е работоспособен. Замислете, сите овие не исполнуваат услови да добијат финансиска помош или друг бенефит од државата. За да добијат поволности, ранливите, а не само самохраните мајки, треба да имаат буквално статус на бездомник, да нема никакви примања, да нема ништо на свое име, да не добиваат приходи дури и членовите на семејството кај кои престојува лицето – објаснува Пачкова.

Нестручен е кадарот во институциите

Таа тврди дека во Министерството за труд и социјална работа и во Центарот за социјални работи има нестручен кадар, кој ги оневозможува самохраните мајки да ги добијат институционалните права.

– Најголем дел од жените што се самохрани мајки и се дел од нашата организација имаат сериозни проблеми со неможноста да остварат видување со своите деца и со нерегулирање на насилството што го трпат од државата и од институциите. Министерството за труд и социјална политика и Центарот за социјални работи имаат најголема вина за проблемите на самохраните мајки. Според кажувањето на самохраните мајки, во овие институции работат нестручни лица, кои ниту знаат како ниту имаат желба да ги решат институционалните проблеми на жените – вели Пачкова.

Мерката со која секое дете од еднородителско семејство ќе плаќа само половина партиципација на државната квота на факултетите, не можат да ја користат разведените лица, туку само тие на кои им починал партнерот. Децата на самохрани родители од предучилишна возраст не се ослободени од плаќање храна ниту екскурзии во училиштата.

– Сè додека мајки бараат помош за своите гладни деца или за кирија, ќе знаеме дека институциите не функционираат – вели Пачкова.

Што кога самохраниот родител ќе почине?

Макфире е самохрана мајка на 18-годишен син. Иако го чува сама откако е роден, дури сега првпат добила стипендија на конкурс од Министерството за образование и наука.

– Кога конкурирав за детски додаток, ме одбија со образложение дека имам висока плата, а просечна е, јас сум возач на автобус. Се снаоѓав сама, со помош на роднини и пријатели – вели Макфире.

Што кога самохраниот родител ќе почине, а детето уште не е подготвено само да чекори низ животот, прашува Макфире истакнувајќи пример со нејзина колешка.

– Државата треба да се крене на нозе, да покаже дека има интерес за тие што ги нарекува ранливи категории. Ние, самохраните родители, се познаваме, се поддржуваме. Има и примери кога самохран родител прерано ќе го загуби животот, а остава зад себе полнолетно дете. Дали еден 18-годишник може сам да се грижи за сите сметки и истовремено да се изгради во образован човек – прашува Макфире.

Кои се барањата?

Од Центарот за социјални работи како оперативни даватели на услуги, самохраните родители бараат процена на потребите на самохраните мајки, психосоцијална поддршка и правно советување и посредување, згрижување на децата во попладневните часови, пронаоѓање опции за домување.

Од МОН бараат обезбедување стипендии за децата од еднородителски семејства за формално образование, неформално образование, курсеви за странски јазици, спортски активности, обуки, тренинзи, екскурзии и слично. Исто така, бараат и државна финансиска поддршка на иницијативите и програмите за работа на граѓанските организации, насочување и едукација на жените кон високотехнолошките струки и бесплатни државни згрижувачки и образовни институции за самохраните мајки.

ФОТО/ВИДЕО | Самохраните родители маршираа низ Скопје: Не бараме сожалување, туку права!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот