Инспекторите и дивите пазарџии си играат „мачка и глушец“

Диви пазарџии/Фото: Слободен печат

Штом ќе помине обиколката на пазарните инспектори и полицијата, дивите тезгаџии повторно ги освојуваат тротоарите, платоата пред маркетите и влезовите на пазарите

Редовни инспекциски контроли, поднесени решенија за забрана, издадени прекршочни платни налози, се дел од мерките со кои институциите се борат против дивата и нелегална продажба, но евидентно без успех. Штом ќе помине обиколката на пазарните инспектори и полицијата, дивите тезгаџии повторно ги освојуваат тротоарите, платоата пред маркетите и влезовите на пазарите.

Цвеќиња, домашна ракија и јајца, зеленчук од бавча, стока со изминат рок на траење од шампони до чоколади, ореви, костени, рачно плетени чорапи, дрвени лажици и вагани, собни влечки. Нема што нема… Распослани на гајби, а некаде и со отворени гепеци од нивните автомобили, тие спокојно си продолжуваат со бизнисот и во последно време се дури и поскапи од цените на пазарите и во продавниците. Ако ги прашате пазарџиите, тие „фрлаат дрвја и камења“ по оние што според нив заработуваат многу повеќе, а не плаќаат ни тезги или данок. Од другата страна, одговараат дека не се живее со ниски плати и пензии и вака го дополнуваат семејниот буџет.

Од Пазарниот инспекторат за „Слободен печат“ велат дека не можат самостојно да настапуваат и да вршат надзори кога се во прашање физички лица кои нерегистрирано вршат дејност, затоа што нема законски основ за нивно легитимирање.

– За таа цел се вршат координирани акции со МВР, а најчесто, кога се во прашање дивите пазарџии, надзори вршат комуналните инспектори од општините, и на нивна иницијатива се вршат заеднички акции со пазарниот инспекторат – објаснуваат од ДПИ.

Дивите продавачи не се проблем само пред Зелениот пазар во Скопје. Сликата што ја нуди најголемиот скопски пазар Бит-пазар во вторник, петок и сабота, освен големиот број импровизирани тезги-кутии, ја дополнуваат и кафезите со сите видови птици и зајаци. Малку подолу е „тутунско-пиротехничкиот“ сектор, а дивите тезгаџии се неприкосновени владетели и пред останатите пазари во Скопје.

Легалните пазарџии се револтирани.

– Срамота е што ова се дозволува. Не сме виделе инспекција со месеци, а и сопствениците на пазарите не преземаат ништо да нè заштитат. Тезгата ја плаќам по 5.200 денари, а оние што со агли плаќаат по 5.500 денари. Плус даваме годишен даночен паушал од 9.000 денари. Тие ни се смеат в лице, ни велат дека сме будали и заработуваат многу повеќе од нас – вели револтирана продавачка на Зелениот пазар.

– До моите цвеќиња и магданос ли им дошло? Продавам за да преживеам, пензијата ми е мала. Не се плашиме од инспекциите. Ќе дојдат и ќе заминат, а ние пак се враќаме – одговараат дел од дивите пазарџии, кои се особено активни во пазарните денови.

Инспекторите не одземаат стока, била лесно расиплива

Одделението за инспекциски надзор Струга со градот Дебар годинава извршило вкупно 24 инспекциски надзори, поднесени се 24 решенија за забрана од 30 дена и издадени се 24 прекршочни платни налози во вредност од 224.475,00 денари.

Одделението за инспекциски надзор Охрид во соработка со МВР/СВР Охрид има извршено 5 инспекциски надзори, издадени се 5 прекршочни платни налози од по 9.000 денари заради вршење дејност нерегистрирана трговија на мало. Во овие случаи не се одземени стоките бидејќи се лесно расипливи. Нивната продажба мора да се врши од Агенцијата за привремено одземен имот, а со оглед на далечината од Охрид до Скопје и неможноста за транспорт, стоките не се одземени, велат од ДПИ.

Одделение за инспекциски надзор Штип во соработка со МВР во јуни изготвило прекршочни платни налози за 16 нерегистрирани трговци. Платните налози не се наплатени, и за сите има поднесено барање за прекршочна постапка до надлежниот суд. Одделение за инспекциски надзор Скопје при контрола на Кванташкиот пазар во Скопје заплени над 15 тони стока, затекнати се и физички лица кои вршеа нерегестрирана дејност, за што се издадени прекршочни платни налози во вредност од над 30.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот