Индустриското парно ќе поевтини за 35 отсто, домаќинствата ќе го чекаат јули

Парно радијатори за греење / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Ако се задржат сегашните цени на гасот, на редовното објавување нови ценовници во јули може да се очекува поевтинување и за домаќинствата, изјавија од Регулаторната комисија за енергетика

Регулаторната комисија за енергетика на вонредна седница одлучи да ја намали цената на топлинската енергија за сите деловни објекти, градинки, мали дуќани… Намалувањето на цената за популарно нареченото „индустриско парно“ е 35 проценти, а како што објасни претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, тоа се прави поради намалување на цената на гасот. Пониските сметки деловните субјекти ќе ги добијат во март, а за парното во февруари.

– Пониски сметки за парно ќе добиваат околу 1.200 потрошувачи приклучени на централно градско греење на ЕСМ Снабдување, ЕСМ Енергетика, Скопје Север. Овие корисници трошат 20 отсто од потребните количини на топлинска енергија на ниво на Град Скопје и меѓу нив се образовни институции, деловни корисници: мали дуќанчиња, компании, банки итн. Вонредната одлука доаѓа по сеопфатна длабинска вкрстена анализа на актуелните цени на берза и прогнозираните цени на приодниот гас. Резултатите покажаа дека во изминатиот период цената на природниот гас на берзата е пониска од предвидената со што се исполнуваат условите да се донесе поволна одлука за категоријата останати корисници, кои, пак, во турбулентниот период на енергетската криза го преземаа товарот и добиваа реални сметки. без никаква субвенција од државата – изјави Бислимоски.

Но, ако се задржат сегашните цени на гасот, на редовното објавување нови ценовници во јули може да се очекува поевтинување и за домаќинствата.

– Ја следиме цената на природниот гас. Цените на домаќинствата редовно се субвенционираат. И ако останат овие цени на гасот, ќе се пристапи кон носење нова цена и за домаќинствата. Треба да се земе предвид и дека цената на природниот гас во Македонија е за 15-ина, или 20 отсто повисока од она на најголемата берза за гас во Европа – рече Бислимоски.

На новинарско прашање зошто во вакви услови кога падна цената на гасот, не се намалуваат и цените на домаќинствата, Бислимоски одговори дека сега нема простор.

– Откако е почната кризата, домаќинствата добиваат 20 проценти субвенција на цената. Сега нема таков простор за намалување на цената на домаќинствата. Односно, би требало да влеземе во субвенциите, а тие се обезбедени и префрлени на сметката на ЕСМ. ЕСМ до крајот на грејната сезона сите сметки ќе ги субвенционира. Исто така, знаете во каков период сме. Не би сакале ниту на еден начин да влијаеме на случувањата на политичката сцена и не сакаме да бидеме сфатени погрешно. Ова што сега го правиме е да им помогнеме и на општините, на државните институции и на деловните корисници да им се намалат трошоците на топлинска енергија, затоа што реално тие го понесоа најголемиот товар на енергетската криза и на некој начин тие што има повисока цена од домаќинствата ги субвенционираа стабилните цени на топлинска енергија во Градот Скопје – рече Бислимоски.

Со новиот ценовник за деловните субјекти, цената за домаќинствата е за 75 отсто пониска отколку „индустриската“, а претходно цената за деловните субјекти беше 2,7 пати повисока отколку на домаќинствата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот