Имаме 111 станбени згради и уште 50.000 дивоградби, со закон ќе се легализираат

Згради во Гостивар со и без фасади / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

За дозволи и приклучоци ќе се плаќа по 50 или 100 проценти повеќе од легалната процедура. Но, за граѓанскиот сектор со ова се руши владеењето на правото и хуманизацијата на просторот

Измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти треба да се најдат утре пред пратениците. Законските измени, уште кога се најавуваа предизвикаа бурни реакции, затоа што со нив се овозможува и новите дивоградби да се вклопат во урбанистичките планови, да се достави барање до крајот на идната година, а потоа и да се легализираат.

Како образложение, предлагачот на законот укажува на огромниот број дивоградби.

„Во текот на 2022 година, на територијата на Република Северна Македонија според податоците на Државниот завод за статистика се регистрирани 662 бесправно изградени објекти. Во зависност од видот на објектот, бесправно се изградени 111 објекти за домување, односно станбени згради, станбено-деловни згради и деловно-станбени згради и куќи за одмор, 101 доградба, надградба и адаптација, 58 деловни објекти, 94 гаражи, 125 огради, 5 скалила, 19 тераси, 5 летни тераси, 50 натстрешници, 15 времени објекти и 79 помошни објекти. Најголем број бесправно изградени објекти (96,2 отсто) се во приватна сопственост“, пишува во Предлог-законот.

Но, според процените наведени во Предлог-законот, бројот на дивоградбите е дури 50.000!

„Но, иако во соопштенија на Државниот завод за ревизија од областа градежништво, за бесправно изградените објекти се даваат податоци за секоја година, сепак бројот на бесправно изградените објекти е многу поголем од објавениот, а некои истражувања даваат податок дека бројот на дивоградбите на територијата на цела држава изнесува околу 50.000 објекти“, пишува во Предлогот.

Затоа, според предлагачот од значење на државата е да се реши прашањето со дивоградбите, во кои влегуваат објектите со намена производство, дистрибуција и сервиси (тешка и загадувачка индустрија), лесна и незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта, објекти со намена домување во станбени куќи и електронски комуникациски мрежи и средства, кои се изградени без или спротивно на одобрение за градење, како и делови на објекти со наведената намена што се изградени без или спротивно на одобрение за градење, по март 2011 година.

Од Владата во повеќе наврати истакнаа дека легализирањето на дивоградбите ќе се казни, така што на сопствениците ќе им се наплати повеќе за сите дозволи отколку кога тоа би го правеле по легален пат. Така, надоместоците за бесправно изградена површина до 80 квадратни метри се зголемуваа за 50 проценти, а над 80 квадратни метри за 100 проценти.

Ќе се откупува државно земјиште, ќе се легализира и во заштитени подрачја

 

Но, за невладините организации ова не е казнување, туку амнестирање на тие што не го почитувале законот. Тие бараат Предлог-законот или да се повлече, или пратениците да не гласаат за него. Зад ова барање стојат дури 20 невладини организации, како и доцент д-р Златко Илијовски, директор во Градежниот институт.

Тие потсетуваат дека претседателот Стево Пендаровски веќе еднаш не потпиша вакво законско решение изгласано во Собранието на 11.5.2021 година.

Оттаму тврдат дека со законските измени ќе се легализираат објекти во заштитени подрачја вклучително и во границите заштитени од УНЕСКО во Охридскиот Регион, во заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење, во подрачја на заштитено недвижно културно наследство, во подрачја на кои со урбанистичките планови е предвидена изградба на инфраструктурни објекти и водови како и други објекти од јавен интерес утврдени со закон, во заштитен појас на државни и локални патишта, односно во заштитен појас на железничка инфраструктура.

Оттаму потенцираат и дека државното земјиште на кое се легализираат бесправно изградените објекти е предмет на откупување.

„Ќе се легализираат базени, станбени згради за колективно домување, викенд куќи, хотели, ресторани, трговски центри, рекреативни центри, индустриски, стопански и деловни објекти, хидроцентрали, објекти за производство на енергија од обновливи извори, складишта за нафтени деривати, објекти за сепарација на материјал за производство на бетон, бетонски бази, асфалтни бази, депонии на инертен, неопасен и опасен отпад, објекти за складирање, третман и/или преработка на отпад, рудници, автокампови, времени објекти, доградби, надградби, остави, гаражи, итн.“, велат невладините.

Кривичните дела веќе нема да бидат кривични?!

 

Со предложените законски измени, треба да се запрат сите судски постапки против оние што по 2011 година направиле дивоградба.

„Со овој закон се запираат управните, судските (кривичните) и граѓанските постапки што се поведени или се водат за изградба на бесправните објекти предмет на овој закон. Овој закон не е во согласност со Уставот. Со овој закон се руши секаков правен поредок во државата, се рушат еклатантно две темелни вредности на уставниот поредок на РСМ: владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Со овој закон се поништуваат законските одредби од многубројни закони, како законот за градење, законот за урбанистичко планирање, законот за заштита на природата, законот за земјоделското земјиште, законот за води, законот за шумите, законот за заштита на културно наследство, кривичниот законик, просторните и урбанистичките планови, итн.
Со овој закон се упаѓа во судскиот систем и се запираат веќе поднесени управни, судски (кривични) и граѓански постапки. Со овој закон се праќа силна порака дека не треба да се почитуваат низа закони, правилници и стандарди за добивање дозвола за легална градба, се поддржува криминал. Со овој закон се мотивираат сите оние што со години бесправно узурпираат земјишта, а се демотивираат сите чесни граѓани што ги следат законските чекори и ги почитуваат сите прописи. Особено се мотивираат оние со повисоки приходи, кои градат на места каде никако не би смеело да се гради. Со овој закон се ставаат во нерамноправна положба граѓаните, што е спротивно на начелото на владеење на правото и еднаквост на граѓаните пред законите“, пишува во реакцијата на граѓанскиот сектор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот