Игор Џамбазов со емотивна објава за татко му: Две години без тебе стари, ко два дена

Игор и Александар Џамбазов
Игор и Александар Џамбазов / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Пред две години, на денешен ден нѐ напушти познатиот македонски композитор и диригент Александар Џамбазов, кој остави неизбришливи траги во македонската музика.

Неговиот син Игор Џамбазов му посвети емотивна објава, во која раскажа за анегдотата која им се случила кога имал само седум-осум години.

„Две години без тебе стари. Ко два дена. Ама и како две столетија истовремено. Ти си мојот тато. Иако многу ретко те викав така. Уште од моите први улоги и снимања се договоривме дека ќе се викаме “колега”. Се сеќаваш? Ти и јас во нашиот тегет Фиат 1300, чекаме на црвено на семафорите кај “Рубин кармин”. На пешачкиот премин поминува една исклучително згодна жена. Ти ја измерка од глава до пети, ме погледна и ми рече: “А? Како теткава? Згодна е?”

Веројатно сакаше да ја провериш мојата машкост, иако имав само седум-осум години. Јас, како од пушка одговорив: “Да”. Ти ми се насмеа и се издиша истовремено. Ја изгледавме теткицата се додека не се изгуби во толпата. Кога конечно тргнавме ми кажа: “Ова на мајка ти нема да и го кажеш, така?” А јас ти одговорив: “Е нема де, нели сме колеги”. И така станавме колеги. До крај. И засекогаш ќе останеш мојот омилен колега. Колега за сите времиња.

П.С. Тања и јас сме добри. Тераме. Тука се’ е по старо. Писмените се срамат дека се писмени. Неписмените се трудат да бидат уште понеписмени. И уживаат во тоа. Се’ на се’ стари, ништо не си пропуштил…“, напиша Игор

Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина.

Завршил музичка академија во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство. Добитник е на над педесетина награди. Се категоризира во четвртата генерација македонски повоени композитори.

Џамбазов беше автор на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др.

Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.

Почина на 25 јануари 2022 година, на 86-годишна возраст.

ФОТО | Александар Џамбазов доби мурал во Дебар Маало: Да го негуваме споменот на оние кои оставиле трага во својата професија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот