Идни родители, дали знаете колку е важен Апгар тестот за новороденчето?

Фото: ЕПА

Тест кој овозможува да се добие побрза и попрецизна ориентација за состојбата на детето веднаш по раѓањето и за потребата од дополнителна или итна медицинска нега. Обично се оценува во првата и петтата минута од животот, иако понекогаш може да се процени во десеттата минута, особено ако првите две оценки се ниски.

Апгар тестот е едноставен метод за брза проценка на здравствената состојба на новороденчето веднаш по неговото раѓање. Оценките на Апгар укажуваат на брзината и способноста за прилагодување на новороденчето во надворешни услови на живот.

При секое породување, првата работа што ѝ се соопштува на мајката е каква е медицинската проценка на состојбата на нејзиното новородено дете, односно неговиот успех. Апгар тестот е неизоставен метод за функционална процена на штотуку роденото дете, а се изведува во родилна или во операциона сала. Се работи за начин на срцево-белодробна и невролошка процена на новороденото дете, односно на степенот на неговата виталност и способност за адаптирање кон надворешните услови на живот.

Не добиваат сите бебиња секогаш најдобри оценки – овој тест треба да покаже дали на новороденчето веднаш му е потребна некоја медицинска помош.
Оваа медицинска проверка на здравјето, со којашто се оценува состојбата на новороденчето по породувањето, ја развила во 1953 година Вирџинија Апгар, анестезиолог и педијатар од Њујорк. Оттогаш и Апгар тестот спаѓа во почетната грижа за новороденчето.

Резултатите од тестот покажуваат како поминало породувањето за детето, како тоа го совладува процесот на адаптација надвор од утробата на мајката и дали закрепнува брзо по почетните тешкотии.

Почетните букви од критериумите на англиски јазик, го даваат името АПГАР: (Appearance: изглед или боја на кожата, Pulse: пулс, Grimace: гримаса или рефлексна раздразливост, Activity: активност или мускулен тонус, Respiration: респирација, односно дишење)

Се мерат пет функции

Се проверуваат пет витални функции: бојата на кожата на бебето, отчукувањата на срцето, реакциите при стимулација, тонусот на мускулите и дишењето. За секој од тестовите детето добива меѓу нула и два бода. Бодовите се собираат: осум до десет бодови значи дека детето е во добра или во одлична состојба, оценката под седум бодови покажува дека новороденчето има проблеми во прифаќањето на новите животни услови и дека му е потребна медицинска грижа. Затоа Апгар тестот се повторува прво по пет, а потоа по 10 минути. Евалуацијата се прави во првата минута, а потоа пет минути по раѓањето. Ако детето по првото испитување има помалку од четири бода, веднаш се почнува со лекарски третман.

Денес се прави уште и анализа на крвта на новороденчето. Лекарот зема малку крв од артеријата на папочната врвка и го испитува степенот на киселост (пХ-вредноста). Доколку е потребно, на детето му се дава кислород.

Збирот на бодовите го дава вкупниот резултат. Апгар-резултатот од осум до 10 е нормален, а вредностите од седум и помалку укажуваат на помала виталност на новороденото при раѓањето поради влијанието на некои фактори што ја нарушиле неговата адаптација кон надворешните услови. Станува збор за група фактори кај новороденчето (недоносеност, инфекција, вродени аномалии, повреди) или кај мајката (хронични болести, крвавање во бременоста, инфекции, медикаменти, возраст, зависности, породилна траума, кај продолжени, тешки породувања (изморено новороденче), кои негативно влијаат врз плодот непосредно пред или за време на породувањето и предизвикуваат нарушување во циркулацијата и дотокот на кислород до неговите ткива и органи, односно доведуваат до состојба на асфиксија или задушување кај детето.

Кога веднаш да се интервенира

Ако резултатот е од четири до седум, тогаш станува збор за таканаречена сина асфиксија (детето е модро, има неправилно дишење, слабо реагира на дразби и нема силен плач). Резултат помал од четири укажува на постоење на таканаречена бледа асфиксија (детето е бледо, млитаво, не реагира на дразби, не плаче и не дише).

Таа состојба бара итно да се преземат низа последователни постапки за враќање на виталните функции (дишење, срцева работа и боја на кожата), односно срцево-белодробна реанимација на новороденчето. Обемот на преземените реанимациски постапки зависи од степенот на асфиксијата, односно од Апгар резултатот.

Времето за кое ќе се нормализира или ќе се подобри Апгар резултатот е многу важно поради можното настанување на неповратни оштетувања на органите, пред сè, на мозокот и предизвикување трајни последици кај децата.
Важно е да се напомене дека резултатот од Апгар тестот не е осмислен за да ја предвиди здравствената состојба на детето подоцна во животот (повеќето деца со екстремно низок резултат на Апгар немаат последици подоцна во животот).

Што се оценува?

Резултатот на Апгар тестот е збир на оценки од пет параметри: боја на кожа, отчукувања на срцето, дишење, тонус на мускулите и одговор на стимулација. Секој од овие параметри се оценуца со 0-2, така што најдобрата можна збирна оценка е 10, а најлошата е 0. Оценката ја дава гинеколог или педијатар во породилиштето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот