И по четири години факултет, академците мора да се обучат за да ги пуштиш во погон
Се уште ги трпиме последиците кои ни ги остави бившиот социјалистички систем, кој продуцираше кадри кои ја промашија целта. Практичната настава на домашните универзитети е во зародиш, а по успехот на дуалното образование во средните училишта, домашниот приватен сектор низ пракса, ќе мора да обезбеди побезболен премин од академските клупи во директното производство
„Не“, е најкусиот одговор на прашањето дали тукушто „испилените“ македонски инжинери располагаат со знаење, вештини и работно искуство за по излегувањето од амфитеатрите и лабораториите, веднаш да се втурнат во решавање на реалните проблеми и да придонесат за повисока додадена вредност на компаниите. Практичната настава на домашните универзитети е во зародиш, а по успехот на дуалното образование во средните училишта, домашниот приватен сектор низ пракса, ќе мора да обезбеди побезболен премин од академските клупи во директното производство, порачува Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Неговата поента за да ги нагласи придобивките од воведувањето на практичната настава во високото образование и улогата на бизнис заедницата во процесот, беше дека „се додека министрите за одбрана и за полиција, наместо нивните колеги од ресорите образование и економија, се главни ѕвезди по медиумите, не и се пишува ништо добро на македонската економија“.
-За 31 година сме смениле 25 министри за образование, а во просек секој од нив останал само 1,2 години во секторот. И да е волшебник, еден министер за образование со толкав стаж, не може да смени ништо посебно. Не се срамиме да признаеме дека се уште ги трпиме последиците кои ни ги остави бившиот социјалистички систем, кој продуцираше кадри кои ја промашија целта. Оттука нашата цел е да го доближиме приватниот сектор и факултетите, по теркот на дуалното образование во средните училишта, кое е наш најголема гордост и успех со кој се гордееме – истакна Азески.
Наташа Јаневска, проектен менаџер во Стручната служба на СКСМ, подвлече дека од 64 отсто запишани во средните стручни училишта во 2019-2020 година, денес тој процент е 70, а од 11 компании во кои се одвива практичната настава, сега нивниот број е дури 560.
-Кадрите што излегуваат од факултетите немаат соодветни вештини и компетенции според квалификацјата што ја завршиле, поради ограничената пракса, а компании мора да гудбат и време и пари за да ги обучат да одговорат на нивните потреби – објасни Јаневска. Коментарот на Анита Блажевска, менаџер од „Филип Морис“, која го сподели нејзиното искуство пред и по завршувањето на магистерските студии во Кембриџ е дека „образованието кај нас функционира според системот само за себе и не е прилагодено на потребите на стопанството. Затоа, Блажевска се заложи за сериозни образовни реформи како реален предизвик за воведување на дуалното образование и на факултетите“.
За Вероника Хулман, Амбасадорка на Швајцарија во Македонија, поддршката што нејзината земја ја дава за македомскиот образовен систем е огромна, а особено е важно дуалното образование. Според Хулман, соработката меѓу приватниот сектор и факултетите е клучна за македонската економија.
-Македонските ученици кои минаа низ дуалното образование многу полесно се снаоѓаат на своите работни места не само во Македонија, туку и надвор од земјата. Ова е вин-вин ситуација и затоа висообразовните институции мора да дадат поддршка за воведување на практичната настава – додаде Хулман. На ова се надоврза и Биљана Ангелова, ректор на Унивезитетот „Кирил и Методиј“, најавувајќи дека веќе се стокмени студиските програми и обучени се менторите на три домашни факултети, кои ќе стартуваат од идната учебна година.
-Мора да се има предвид потребата од високостручни кадри кои ќе одговараат на македонскиот пазар на трудот, а наша цел е да продуцираме професоналци со знаења и вешптини за потребите на приватниот сектор – истакна Ангелова.