И по 80 години нивните гробови зрачат! Не знаеле, а се труеле со радиум (ФОТО)

Марија Кири и нејзиниот сопруг Пјер во 1898 година го откриле постоењето на радиоактивните елементи – радиум и полониум. Веќе во 1902 година примероци на радиум му се дадени на американскиот изумител и научник Вилијам Хамер, кој експериментирал со улогата на радиумот во медицината.

Од ова откритие радиумот се сметал како можен лек за рак, па затоа јавното мислење за него било дека е „здрав елемент“ со, минимални или без негативни последици.

Wikimedia Commons

Тоа резултирало со создавање на бројни производи со радиум, како што е вода збогатена со овој елемент, пасти за заби, кармини, козметика и разни лекови за кои се тврдело дека лекуваат сè – од артритис до рак.

За среќа, сите тие производи содржеле многу мала количина радиум, што ги правело безопасни. Дали навистина ги излекувале наведените болести никогаш не е докажано, но една работа станала очигледна со текот на годините – кога радиумот се распаѓа и доаѓа во контакт со други елементи, реагира со ослободување на сјај.

Во меѓувреме, д-р Сабин Арнолд вон Сочоки открил начин на производство на посебна боја помешана со радиум и со други состојки и ја регистрирал како робна марка „УнДарк“.

Лижеле радиоактивен елемент

Патентот брзо ја пронашол својата намена кај американската војска, која го користела за осветлување на бројките за часовниците за да можат да светат во мрак.

Wikimedia

Кога САД во 1917 година влегол во војна, со заминувањето на повеќето мажи во борба, главната работна сила станале жените. Фабриките вработувале локални жени за да ги бојат часовниците со бојата со радиум. Тие биле плаќани малку повеќе од обичните работнички, но не биле свесни за можните нуспојави на радиумот, поради кои повеќето од нив заболеле од последици на радијација во наредните години.

Додека персоналот во фабриките имал ограничено знаење за опасностите кои таинствениот елемент ги имал, работниците немале никакво знаење. Хемичарите носеле заштитни железни маски и друга заштитна опрема, јасно свесни за потенцијалните последици.

Wikimedia Commons

Во исто време, девојките и жените кои работеле во фабриките биле поттикнувани да го лижат врвот на четките со радиум. Четките ги користеле за насликување на бројките, а со лижење на нивниот врв четката добивала шилест врв, па биле попрецизни.

Сосема несвесни на опасностите на кои се изложуваат, околу 4.000 жени секојдневно се труеле. Сјајната темна боја што ја користеле ја сметале за безопасна, па дури и се шегувале ставајќи ја на усните и на ноктите бидејќи светела во темно. Сè додека не почнале да се појавуваат првите симптоми на труење.

До 1925 година смртта почнала да се вовлекува во објектите на фабриките. Подлегнал и главниот хемичар Едвин Е. Леман, кој заедно со неколку работнички умрел од труење со радиум.

Други вработени покажувале симптоми на анемија, скршеници на коските и некроза на вилицата – состојба која станала позната и како „радиумска вилица“. Рендгенските апарати користени за поставување на дијагноза само ја влошувале состојбата бидејќи изложеноста на зрачењето го поттикнувало развојот на болеста.

Real Clear Life

Се обиделе да заташккаат

Во повеќето фабрики каде што се користел радиумот почнале да се појавуваат слични случаи. Истината излегла на видело, а после било тешко да се скрие. Сопствениците на фабриките лажирале испитувања за да покажат дека немало труење од зрачење, туку дека се работи за вирусни инфекции.

Исто така фабриките упатувале медицински стручњаци кои вршеле прегледи да молчат за нивните откритија. За дополнително да се заташка труењето, симптомите ги припишувале на сифилисот, кој во тоа време бил широко распространета болест.

Image may contain: 2 people

Сепак, следеле тужби од заболените жени, кои добиле голем медиумски публицитет и поддршка од јавноста.

Но покрај тешкотиите за подигнување тужби против големите корпорации, повеќето работнички биле приковани за креветите до моментот кога судењето било закажано во февруари 1928 година.

Иако процесот бил бавен, на крајот правдата сепак победила, иако за многумина веќе било предоцна.

Youtube

И денес зрачат од гробовите

Судот пресудил дека секоја жена ќе добие 10.000 долари и уште 600 долари годишно, плус 12 долари неделно додека се живи. Освен тоа, судот ги обврзал фабриките да ги сносат сите правни трошоци и трошоците за лекување на жените.

Од овој случај изведени се бројни научни истражувања кои предупредиле на токсичноста на радиумот, бидејќи жените несвесно ги тестирачле границите на толеранција на човечкото тело на радиоактивни материи.

Нивото на зрачење кое некои жени го поднесувале, едноставно било неверојатно. И денес, 80 години подоцна, нивните гробови зрачат, а Гајгеровиот бројач го покажува тоа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот