И домашната и купечката зимница ќе бидaт скапи, се грабаат ајвари по ланска цена

Фото: Драган Митрески

Продажна цена на пиперката ајварка на големо, за квалитет од прва класа е 50 денари, а со полош квалитет има и за 40, но и за 20 денари за килограм. Модриот патлиџан се продава по 15 денари за еден килограм, а корнишоните што сега почнаа да излегуваат од 20 го 70 денари за еден килограм.

Увозните ајвари се над 300 денари за тегла од околу 650 грама, а најскапиот „домашен кавијар“ се продава по речиси 400 денари, додека попристојните цени за овој зимски деликатес се околу 200 денари. Инцидентно, ајварка по „стара цена“ може да се најде и по околу 140 денари за тегла. Обиколката низ скопските маркети покажува дека веќе има големи интерес за поевтините ајвари.

– Веќе сум стара и тешко ми оди правењето зимница, но како што гледам и пиперките се многу скапи, па и не се исплати. Одлучив сега да купам повеќе тегли, затоа што новата зимница којзнае по колкава цена ќе дојде – вели една скопјанка што купуваше ајвар.

Низ пазарите, во просек црвената пиперка ајварка се продава по 70 денари за еден килограм, таква цена имаат и „бабурите“, сливите се 40 денари, бамјата од 200 до 300 денари за килограм, а меки домати како за салца може да се најдат и по 40 денари, додека везените пиперки чинат 100 денари за еден килограм. Продавачите на пазарите велат дека и тие самите го купуваат овошјето и зеленчукот по повисоки цени од порано и се жалат дека нивната заработка е мала, трошоците им се големи, а прометот е намален.

– Не се купува како порано. Очекувам дека оние што прават зимници, пак ќе купат нешто за да направат некоја тегла, но не како порано. Еве помина сезоната на кајсии, кога продававме големи количини за мармалад, сега едвај имаше за јадење, но и секој што сакаше, не можеше да касне. Луѓе доаѓаа и бараат само по половина килограм, што не било порано – велат на скопскиот Зелен пазар.

Блажо Витанов, менаџер за продажба во „Империал фуд“, вели дека преработувачите веќе на големо“ ја купуваат пиперката „куртовска капија“. Моменталната нејзина продажна цена на големо, за квалитет од прва класа е 50 денари, а со полош квалитет има и за 40, но и за 20 денари за килограм. Модриот патлиџан се продава по 15 денари за еден килограм, а корнишоните што сега почнаа да излегуваат од 20 го 70 денари за еден килограм.

– Црвени патлиџани сега има многу малку, се очекува нова тура да излезе за десетина дена, а сегашната продажна цена во просек им е 40 денари – вели Витанов.

Сашо Ристески од Асоцијацијата на преработувачи на овошје и зеленчук вели дека тие купуваат суровина од трговците, затоа што купувањето директно од земјоделците се покажало многу комплицирано и проследено со голема администрација.

– Ние купуваме од трговците, тие имаат свои пунктови, свои ладилници. Порано се случувало еден преработувач да има 300 договори со мали земјоделци, може да замислите колку е тоа комплицирано – објаснува Ристески.

Ристевски вели дека засега нема поплаки од преработувачите за недостиг на суровини и дека пиперката ајварка е поскапа од лани, но со доста висок квалитет.

– Цената на пиперката е повисока од лани и тоа е очекувано со оглед на зголемените трошоци што ги имаат земјоделците. Сега пиперката е од Струмичкиот регион, а се очекува мало „попуштање“ на цените кога ќе се берат пиперките од Кривогаштани, Прилепско, Битолско – вели Ристески.
Струмичките земјоделци велат дека годинава производството на „ајварката“ е намалено за 20 отсто во споредба со лани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот