Хрватска е одговорна за смртта на малата Авганистанка, активистите бараат отпуштања во полицијата

Деца-бегалци
Деца-бегалци / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Активистите за човекови права, ангажирани за заштита на бегалците, на прес-конференција пред хрватската Влада побараа премиерот Андреј Пленковиќ да го отстрани целиот врв на Министерството за внатрешни работи, објави „Слободна Европа“.

Барањето следи по одлуката на Европскиот суд за човекови права да ја прогласи Хрватска за одговорна за смртта на шестгодишната Авганистанка на границата со Србија во 2017 година.

Невладините организации, кои се занимаваат со заштита на бегалците, побараа премиерот, преку политичка и командна одговорност, да ја отстрани целата командна линија во полицијата, од министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ до началникот на Дирекцијата за граници, Давор Ниќен и да ги казни одговорните.

– Ако полицијата ги почитуваше човековите права, ако постапеше според законот, ако обезбедише пристап до азил, Мадина денеска ќе имаше 10 години. Ќе одеше во основно училиште со своите врсници, ќе пишуваше домашни задачи и ја учеше таблицата за множење. Со овој чин полицијата скрати еден живот и прекина едно детство. Затоа тие што стојат зад овие политики и наредби мора да одговараат, рече активистката Сара Кекуш од Центарот за мировни студии.

Министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ изјави дека не размислува да поднесе оставка.

– Сигурно немам намера да поднесам оставка, бидејќи само го читаме текстот на пресудата. Има многу што треба добро да се прочита, вели Божиновиќ.

Во есента 2017 година, шестгодишната Авганистанка Мадина Хусини и нејзиното семејство се обидувале да влезат во Хрватска од Србија. Хрватската полиција ги фатила и ги протерала, не дозволувајќи им пристап до азил. Детето било прегазено од воз на враќање кон територијата на Србија, потсетуваат од Центарот.

– Во пресудата на 17 ноември, судот утврди дека Хрватска ја прекршила Европската конвенција за човекови права во дури пет точки, предупреди Антонија Пиндулиќ, адвокатка во Центарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот