Хрватите веќе објавуваат огласи во земјава за работници

Опатија, Хрвтска
Опатија, Хрвтска / EPA-EFE/ANTONIO BAT

В четврток се организира и отворен ден на кој може да се аплицира за келнери, готвачи, собари…

Хрватски компании преку нашите платформи веќе почнаа да објавуваат огласи за привлекување работна сила за претстојната сезона. Првите странски гости тие ги очекуваат уште од мај, а со оглед на големиот недостиг на работници во цела Европа, тие сакаат навреме да се обезбедат со работници. Обично се нуди сместување, патни трошоци, административни трошоци, а обезбедено им е и осигурување на работниците што ќе прифатат работа во оваа земја членка на ЕУ.

Не само што почнуваат да се бараат работници за хотели и угостителски објекти, туку почна потрагата и по кадар за продавници, но и за градежниот сектор, кој е поактивен како доаѓа потоплото време.

Групацијата „Луксузни јадрански хотели“ ги повикува сите заинтересирани да дојдат на отворен ден за работа в четврток во хотелот „Холидеј ин“.

– Дојдете во четврток на 26.1.2023 година во 10 часот во хотел „Холидеј ин“ во Скопје, каде што со кафе и разговор можете да ги добиете сите информации – пишува во огласот на сајтот Вработување.

Работодавачот информира дека „сѐ што се бара од кандидатите е волја за работа на Јадранското крајбрежје, а пожелно е на отворениот ден со себе да имаат и своја биографија. Се бараат келнери, бармени, готвачи, помошници во кујна, слаткари, собари, хигиеничари, работници во домаќинства.  Во огласот е потенцирано дека е обезбедено сместување, два бесплатни оброка, работодавачот ги покрива трошоците и посредува при добивање на работната дозвола, надоместок на патните трошоци од работното место до сместувањето, надоместок на патните трошоци од Македонија до Дубровник, како и летни бонуси покрај редовната плата.

„Слободен печат“ разговараше со граѓани што минатата година работеа на хрватското приморје. Искуствата се различни. Едни велат дека може да се заработи и да се однесе нешто дома, но дека станува збор за голема експлоатација на работен труд, работа прекувремено и без ден за одмор. Но, наидовме и на соговорници што веќе се пакуваат за оваа дестинација и кои размислуваат таму да останат за постојано, па и да си ги повлечат семејствата.

– И овде работев по цел ден, но не заработував како во Хрватска. Таму се нуди многу работа и веќе преговарам за работа и за мојата сопруга, па ако може и постојано да се преселиме – вели нашиот соговорник.

Според информациите, минатото лето таму келнерите земаа по 1.000 евра плата, со платен престој и два оброка, а дополнително земаа и бакшиш. Собарици може да земат околу 600-700 евра, готвачите имаа плати и до 3.000 евра месечно. Минатогодишните наши сезонци во Хрватска објаснуваат дека додека престојувале таму, имале и привремена лична карта, односно дека нивниот престој целосно бил регулиран.

Работници од Македонија бара и трговскиот синџир „Томи“ за своите продавници во Тар, Робињ, островот Крк, Раб, во Јасенице, Вир, Нин, Привлака, Ражанац, Стариград Пакленица, Селине, Водице… Според огласот, се нуди квалитетно сместување и надоместок за теренска работа. Платата не е напишана, а се бараат продавачи, магационери и месар.

Оние што се заинтересирани за градежништво, поточно да ги средат патиштата пред сезоната во Хрватска и во Словенија, може да работат на инсталација на заштитни мрежи, бариери за заштита од одрони, панели за заштита од бучава, бетонирање, фугирање и дупчење. Работните дозволи ќе им бидат средени и како што пишува во огласот на фирмата „Монтера“, ќе имаат редовна плата – но колкава, и оваа фирма не наведува.

Истовремено додека хрватските компании бараат работници од Македонија, македонските газди, пак, велат дека не можат да најдат работна сила дома и бараат олеснување на престој и работа на странски државјани во нашата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот