Христина Иваноска: Во моите перформанси Роса Плавева е и останува мојот пандан

Приказната за Роса Плавева и Накие Бајрам стана дел од градскиот наратив. Требаа да поминат 16 години за барањето на Иваноска од граѓанска иницијатива да прерасне во колективна меморија која поттикна политичка волја за негово исполнување. Мостот Тодор Александров, популарно наречен мост Близнак, е преименуван во Мост Роса Плавева и Накие Бајрам.

1.„Именување на мостот: Роса Плавева и Накие Бајрам“, 2021. Копродукција: Тиииит! Инк. во рамки на проектот „Жени за жени“. Фотографија: Соња Ставрева.

Христина Иваноска преку својата уметничка практика се интересира и ги истражува прашањата поврзани со потиснувањето, контролата и градењето на колективната меморија во однос на стратегиите и политиките на отпор на жените, критички осврнувајќи се кон искуствата на денешните социјални и политички системи и нивната поврзаност со теоријата и историјата. Таа создава објекти, текстови, цртеж, видео, перформанс и инсталација, често интердисциплинарно, давајќи ѝ вредност на рачната работа како што се везот, ткаењето, грнчарството и пачворкот, како медиум од политичка и општествена вредност преку која се изразуваат индивидуалната борба и ограничувањата.

Вашиот проект „Именување на мостот: Роса Плавева и Накие Бајрам“ започна во 2004 година и уште од самиот почеток побуди голем интерес на домашната и меѓународната уметничка сцена. Едно од првите позначајни постановки се случува во Фондацијата за уметности на жените во Лондон. Како настана и еволуира овој проект од тогаш?  

– Мојот долгогодишен истражувачки проект „Именување на мостот: Роса Плавева и Накие Бајрам“ започна во 2004 година. Сценариото се заокружи со создавање на 3-канална видеоинсталација, која за прв пат беше претставена во Фондацијата за уметност на жените во Лондон во 2006 година, курирана од Сузана Милевска. Првичната соработка со Милевска, една од нашите најзначајни теоретичарки на визуелна култура, беше посебно значајна за моето дело. Оттогаш овој мој проект бил претставен на бројни изложби, јавни презентации и публикации, и секогаш предизвикувал забележителен интерес и поддршка меѓу присутната публика. Со текот на времето проектот прерасна во своевиден урбан наратив, кој ги извади од заборав сограѓанките, социјалистките и жените борци за женски права, Роса Плавева и Накие Бајрам, и ги обелодени процесите за еманципација на нашата територија во првата половина на 20 век.

Всушност, причината да го започнам ова патешествие произлезе од моето претходно истражување и согледување дека жените се едвај присутни во јавниот простор. Во 2002 година, на покана на кураторката Соња Абаџиева да учествувам на изложбата „Озарување на просторот“, одлучив да истражам колку од тогаш регистрираните 1078 улици во Скопје се именувани со имиња на жени. Бројката беше поразителна, само 2,5%! Тоа најчесто беа жени активни во Народноослободителната борба, чии имиња беа дадени на мали споредни улици, надвор од централното јадро, меѓу кои и една мала улица која го носи името на Роса Плавева. Ниту еден мост, булевар или друг инфраструктурен објект не беше именуван со име на жена. Се обидов да ги пронајдам и документирам сите овие улици и да ги претставам преку избор на фотографии.

Испровоцирана од оваа согледана нееднаквост набрзо потоа изработив ново дело кое всушност беше стандарна сообраќајна табла за обележување за да именувам непостоечки мост со моето име, презиме и прекар „Булевар Христина Иваноска – Ѕверот“, која беше поставена на различни локации низ градот, за да ги поттикнам граѓаните и локалните власти да размислат: Зошто не знаеме ништо за историјата на женското здружување и делување пред Втората светска војна?, и дали процентот на застапеност на жените во јавниот простор коренспондира со нашата реалност и зошто е тоа така?

„Документот што недостига: Перформанс бр. 1 (Претставување)“, Академија за ликовни уметности Виена, 2015. Фотографија: Сандра Монтеросо.

Уште во 2005 година до „Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти“ го доставивте Вашиот предлог  мостот кај Транспортниот центар во Скопје да го носи името на овие две жени. Што се случи оттогаш?

– Да, на 28 април 2005 година го доставив моето барање на отворениот повик на Град Скопје, кој беше објавен во печатените медиуми. Во 2005 година сѐ уште се чувствуваше поделеноста на градот како последица на конфликтот од 2001 година. Со оваа моја граѓанска иницијатива сакав да го поттикнам повторното зближување и поврзување на градот преку примерот на здружено делување на овие две жени без разлика на нивната етничка припадност, да ги потсетам властите на нееднаквата видливост на жените во јавниот простор, како и да поттикнам интерес за непознатата и маргинализирана, заборавена во архивите, женска историја во Македонија.

Пред да се отвори мостот се обидов да искомуницирам со вработен во Градот Скопје од кој добив информација дека Комисијата е повлечена зашто не постоела законска рамка за нејзината работа, а предлог-законот е доставен во Собранието и се чека да биде разгледан и изгласан. Мојата иницијатива ја објави и списанието „Форум“, каде што за прв пат јавноста можеше да прочита за мојот предлог и да се запознае или потсети на животот и работата на Роса Плавева и Накие Бајрам. Но, властите останаа глуви на моето барање.

Мостот кај Транспортниот центар беше отворен на 8 септември 2005 година од страна на тогашниот градоначалник на градот, Трифун Костовски, а во медиумите се појави информација дека мостот би можел да биде именуван со имињата на Борис Трајковски или Цар Самоил.

Некаде прочитав дека меѓу образложувањата за нереализирање на Вашиот предлог имало и дека „ваков капитален објект не би можел да биде именуван со имиња на жени“? Како вие, како жена, ја доживувате оваа предрасуда?

– Тоа беше одговорот на еден од тогашните советници на градоначалникот со кој остварив неформална средба околу мојот предлог. Оваа информација инаку е дел од сценариото на моето видео „Именување на мостот: Роса Плавева и Накие Бајрам“ и во печатениот материјал за проектот. Тоа беше вознемирувачки одговор, кој всушност точно ја дефинира позицијата на локалната власт која сакаше, или беше принудена да се демократизира и да се отвори кон цивилното општество и граѓанските иницијативи, но во суштина не беше спремна, а граѓаните сѐ уште ги гледаше само како гласачко тело. Се сеќавам дека си заминав од таа средба вознемирена, но не поразена. Знаев дека промени не се случуваат преку ноќ. За тоа е потребно време и политичка волја. А единствениот начин преку кој можев да придонесам нештата да станат видливи, да се зборува за нив и, евентуално да се променат, е токму преку мојата уметничка практика.

„Документот што недостига: Перформанс бр. 8 (Писмото)“, 2018. Фотографија: Жарко Чулиќ.

Како гледате на актуелната одлука за преименување на улиците, плоштадите, мостовите, што според Вас недостига, а што пријатно Ве изненади? Дали сте задоволни од одлуката мостот Близнак да биде именуван со Вашиот предлог?

– Она што пријатно ме изненади е што овој пат предлозите на граѓаните беа навистина земени предвид и нивното вклучувањето е од суштинско значење за демократизирање на нашето општество.

Секако дека се радувам за одлуката мост во Скопје да биде именуван со имињата на Роса Плавева и Накие Бајрам. Приказната за Роса и Накие, или нашите Роза Луксембург и Клара Цеткин, како што сакаа да ги нарекуваат медиумите во изминатите години, стана дел од градскиот наратив и сите ние сме заслужни за нивното именување. Требаше да поминат 16 години моето барање од граѓанска иницијатива да прерасне во колективна меморија, која треба да поттикне политичка волја за негово исполнување. Но она што градската власт не го согледа до крај е зошто мостот кај Транспортниот центар би бил соодветен за овој предлог. Беше и сѐ уште е важно мост во централното јадро да ги носи имињата на овие две наши сограѓанки. Од исклучителна важност за нашиот град и општество е да изнаоѓаме и промовираме примери на соработка и соживот, да промовираме и поттикнуваме еднаква родова и етничка застапеност, и дека ниедна одлука за именување не е наивна како ни нивната местоположбата. Според мене не е доволно само да се направат промените, туку како граѓаните и следните генерации ќе се едуцираат околу историското значење на новоименуваните. Веднаш помислив и на потребата од дополнителна табла, која ќе ни раскаже зошто овие луѓе, настани, датуми или структури се важни за нас и зошто треба да се вреднува нивното значење и дело.

7.„Булевар Христина Иваноска Ѕверот“, 2002. Дело во колекција на Музејот на современата уметност, Фотографија: МСУ, Скопје.

Вашата уметничка практика вклучува „изнаоѓање начини на индивидуално дејствување против утврдените улоги и норми, дефинирани од конвенционалните социјални и политички системи“. Каков начин моментно изнаоѓате и против/за што?

– Се трудам постојано да останам ангажирана во мојата уметничка практика. Конкретно со овој проект во 2019 година по една лична средба и разговор со кубанската уменица, Тања Бругуера, се инспирирав да изработам табли за мостот кај Транспортиот центар со имињата на Роса Плавева и Накие Бајрам на македонски и албански јазик, каде што наведувам дека ова било предлог на граѓанка доставен до Градот за да ја истакнам важноста на таа неминовна соработка на властите со граѓаните. Минатата година на покана на „Тиииит! Инг.“ во рамки на проектот „Жени за жени“ одржав онлајн-работилница со група млади жени со кои разговаравме за мојот интерес, методологијата на работа, но и споделивме лични опсервации, истражувања и согледувања.

Но, преку мојата работа се осврнувам на други горливи и сензитивни културни, општествени, економски и политички прашања. Во моите последни дела проговорив за родовата и сексуална различност, за промените кои ги доживуваме во себе и околу себе, и за љубовта и прифаќањето на Другиот. Сакав да ја споделам комплексноста со која јас како уметник и граѓанин се соочувам секојдневно испровоцирана од бруталното окупирање на јавниот простор од страна на неолибералниот капитализам поддржан од владејачката елита, тековната приватизација и експлоатација на природните ресурси и континуираната деградација на условите и квалитетот на живот, кое бара да се биде постојано во состојба на готовност, да се реагира и учествува заради итноста на сегашниот момент, a која е во контрапункт со творечките и интимни процеси на создавање на кои им треба време, осаменост и изолација. Се обидов да проговорам и за обесправената и експлоатирана позиција на жените во текстилната индустрија во Македонија преку перформативното дело „Лесна акумулација на капитал“ зашто како „земја во транзиција“ ги искусуваме сите неповолности и суровости на неолибералниот капитализам вклучително и текстилната индустрија со најголем процент, дури 90%!, на ангажирани и вработени жени кои доживуваат континуирана и систематска манипулација и експлоатација од работодавачите, а која останува игнорирана, толерирана и неказнета од страна на државните институции.

6.„Интимни интроспекции: уметник и/или општество“, 2. Аутострада биенале, Призрен, 2019. Фотографија: Реџеп Керкези.

Со што сте моментно уметнички преокупирани?

– Во моментов работам на заокружување на мојата докторска работа на Академијата за ликовни уметности во Виена со наслов „Документот што недостига: Сложеното чувство кон вистинитото во оралните истории“, а се однесуваат на потиснатата и контролирана колективна меморија во однос на стратегиите и политиките на отпор на жените во Македонија. Мојата методологија на работа подразбира креирање на текст конструиран од најдени или позајмени сведоштва, во недостиг на архивски документи, зашто тие или не постојат, или се изгубени или никогаш не се вратени назад во институциите. Како единствен изведувач на перформансите јас станувам флексибилен и порозен ентитет, медиум преку кој различни гласови можат да бидат вратени во живот, да бидат слушнати. Во моите перформанси Роса Плавева е и останува мојот пандан преку кој можеме да ги препознаеме и вратиме за момент изгубените гласови на нашите хероини.

Насловна фотографија – „Именување на мостот: Роса Плавева и Накие Бајрам“, 2021. Копродукција: Тиииит! Инк. во рамки на проектот „Жени за жени“.Фотографија: Соња Ставрева.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот