Хистерија по оставки

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Се чини дека сите `не обзема некој психолошки, ковид синдром на нервоза, што се манифестира со потреба да се „истуриме“ на некого за постојната ситуација. При тоа веќе и не знаеме на кого и за што се сме лути, што е донекаде и разбирливо, ако се има предвид дека ова со короната предолго трае и носи се повеќе заболени и починати. Во состојба на таква фрустрација прва на удар е власта. Сите посакуваме Македонија да биде организирана држава како Германија, а министрите да сносат одговорност како во Јапонија. Оттаму и медиумите ги зафати хистерија по барање оставки и одговорност од сите и секого, за `се и сешто.
Одговорност од премиерот што се возел со хелихоптер, одговорност од министерот за здравство што не знае кога ќе стигнат вакцините, одговорност од Стојанче Ангелов што немаме “call 911”, одговорност од министерот за корупција што отишол на викенд во Дубаи, одговорност од Рашковски што се луксузира во Мексико!!!
`Се и да е така, но понекогаш нападите се стихијни, а барањата пак дури и контрадикторни. На пример вирусот „коси“ низ државата, а ние сакаме да правиме свадби. Статистиката вели има се повеќе заболени млади луѓе, а кафулињата преполни.
Брзата помош во Скопје интервенира по сто и педесет повици дневно, со само седум возила, а ние бараме одговорност што сме немале „Медихоптер“.
Спасот го бараме во вакцините, но само сто дваесет илјади граѓани се пријавени за имунизација. Тоа се само десет проценти од возрасното население. Се запињаме за набавка на милионски количини вакцини, а власта не успева да ги имунизира ниту сите здравствени работници.
Ако ги следите реакциите по медиумите и прес конференциите на опозицијата, нема да знаете за што точно јавноста се залага.
Едни бараат „шведска маса“ вакцини, други не сакаат ни да слушнат да се вакцинираат. Еден од притисоците кон здравствените власти беше зошто не се преземаат порестриктивни мерки со кои би се спречила погубната брзина со која се шири заразата, а кога конечно се воведе полициски час и кога се затворија кафеаните, безмалку ќе се расплачевме, уф како ќе преживееме. Протестираа свадбарите, погребарите, музичарите, кучкарите…

Сите сакаме `се да биде како што било, да си живееме како да нема пандемија, ама да не се разболуваме. Ако пак тоа `ни се случи, место во болница веднаш да има и веднаш лек да се најде. При тоа здравствените работници да „цркнат“ од работа лечејќи `не, грижејќи се за нашето здравје со волшебно стапче.
А ние ќе продолжиме да не носиме маски, да си организираме семејни собири, да се собираме за Бајрам и Велигден, да одбележуваме матурски…А одговорност!

Така, како нас се однесува и власта. Како да сакаат да прикажат дека не е „до толку“ здравствена и економска криза, дека не е крај на светот и дека животот си тече и покрај неа.
Секако дека не е така. Животот е замрен. Не постои ништо друго, освен болест на која се и е подредено. Затоа нека не се преправаат со ладни фаци дека тие направиле максимум и дека не може да биде подобро. `Не убедуваат дека места по болниците има, дека јавното здравство ги задоволува сите потреби на граѓаните, а граѓаните кои имале искуство со тоа информираат дека брзата помош лута од болница во болница барајќи слободно место, дека има случаи кога луѓе чекаат и со часови по ходниците за да бидат третирани. Некои и куќи продаваат само да стигнат до здрвствен третман, онаму каде е тој во нужен момент е достапен, во приватниот сектор. Дека за секој тест треба да се плати приватно и скапо, дека можеби медицинскиот персонал по болниците „гине“, но дека до матичните понекогаш ниту виртуелно не се доаѓа. Дека „лупаат“ антибиотици и кога треба и кога не треба.
Ние не сме заборавиле дека нашата држава не доби милионска помош од ЕУ затоа што не потроши доволно на ослободување на трошоците на сметка на граѓаните во борбата со короната.

Нивните ПР активности не оддаваат загриженост на нивните лица или сочуство за маките и жртвите со кои се соочуваат нивните сограѓани. Точно е дека не треба да си направат харакири, но не е упатно медиумската јавност да покажува поголема загриженост за состојбите од власта. Сликите од насмеани фаци како отвораат пазари и паркови нема да го подигне моралот кај граѓаните ниту кај она месно население каде тоа се случило.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот