Хиерархија на законски акти или башибозук правда?

Лиса Баута Шаќири / Фејсбук

Господинот Артан Груби изјави дека „за жал“ вработените според „Рамковен” не можело да се отпуштат од работа, па дури и ако тие одбијат да работат. Од правна гледна точка, почнувајќи од начелото за праведност, па до Уставот, тоа што го тврди вицепремиерот не е точно.

Лесно е да се изгуби човек во океанот од правни одредби, закони, подзаконски акти, договори и милион прописи кои навидум се привилегија на правниците.
Уште полесно се губиме во рекла-кажала муабети кои, за жал, деновиве ни се сервирани малку повисоко од нашиот дофат, завиткани во „наметката“ на закони или уредби.
За да ни биде појасно на сите, а и да се отворат прашањата на кои одамна требаше да се одговори и  да се затворат, ќе се потрудам да бидам кратка.

Од усвојување на Рамковниот договор, па до ден-денес, актуелна е темата за вработувањата според „Рамковен”. Честопати дури тоа служи како синоним на некомпетентност или за афирмативна акција не толку врз база на етникум, колку врз база на политичка припадност од една страна, и социјална и интелектуална инфериорност од друга.

Господинот вицепремиер Артан Груби изјави дека „за жал“ вработените според „Рамковен“ не можело да се отпуштат од работа, па дури и ако тие одбијат да работат. Тој објаснува дека имало случаи каде што работникот одбива да работи во одредена институција, а притоа не смеело да го отпуштат од работа…

Од правна гледна точка, почнувајќи од начелото за праведност, преку Законот за работни односи и Рамковниот договор, па до Уставот на Република Северна Македонија, тоа што го тврди господинот Груби не е точно. Член 82 од Законот за работни односи, недвосмислено гласи: Откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски без отказен рок. Член 82: Работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година.

Уставот гарантира еднаквост на сите граѓани пред законот, а во Рамковниот договор (член 4 став 1) се вели: „Целосно ќе се почитува принципот на недискриминација и рамноправен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и во јавните претпријатија“.

За жал, не успеав да најдам ниту еден Договор за вработување според „Рамковен“, затоа се надевам дека ќе најдеме одговор на следниве прашања:

Дали Законот и Уставот важат за сите еднакво? Дали Рамковниот договор спротивно на својата цел, ќе служи како алатка за нова дискриминација? Дали граѓаните на Северна Македонија ќе продолжат да се декларираат како припадници на различен етникум, според конкурсите, за полесно да добијат работно место? Дали некој води сметка за тие што не живеат во РСМ, а се водат како вработени тука и примаат плата од нашите даноци? И, дали некој ќе понесе одговорност за исплатување плата на вработен што не се појавува на работното место?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот