Харис и Трамп во финишот пред изборите, кои ќе се одржат за три дена

Камала Харис и Доналд Трамп со жестоко темпо ја продолжија изборната кампања, претставувајќи се како спасители на САД во последниот викенд пред изборите, чиј исход се уште е многу неизвесен и го загрижува светот, пишува агенцијата Франс прес.

Демократската  потпретседателка  која би можела да стане првата жена претседател во САД и републиканскиот милијардер кој сонува да се врати во Белата куќа се во полн ек.

Атмосферата е многу наелектризирана со дневно по  една политичка и медиумска полемика  и страв од избивање на насилство по 5 ноември, особено ако резултатот  биде многу  тесен како што предвидуваат сите анкети.

Овој викенд Камала Харис повторно е на турнеја низ клучните американски држави кои ќе бидат одлучувачки за изборите во вторник. Во јужната држава Џорџија, Северна Каролина на југоисток и Мичиген на север, таа се обидува да ги убеди последните неопределени гласачи дека таа е „лекот“ за поранешниот републикански претседател.

Камала Харис/ Фото EPA-EFE/RONALD WITTEK

Синоќа, за време на три последователни митинзи во Висконсин, уште една од седумте одлучувачки држави, таа повика на „ затварање на деценијата на политиката на Доналд Трамп“, за која рече дека ја нарушила американската демократија.

Од друга страна, Трамп со популистичка и се поавторитарна реторика, човек кој е осуден и обвинет во бројни кривични и граѓански постапки, денеска оди на митинзи во Вирџинија и Северна Каролина.
Во Гастонија, Северна Каролина, тој повторно ја потенцираше црната слика на САД, кои ќе бидат „окупирани“ од милиони илегални имигранти, „најлошите убијци“ кои излегле од „светските затвори“ и „психијатриските азили“.

Тој вети дека ќе ги протера, тврдејќи од друга страна дека ако победи неговиот ривал, земјата ќе биде претворена во „мрачен и опасен бегалски камп“.

Доналд Трамп / Фото EPA-EFE/WILL LANZONI / CNN

Тој повторно ја нападна Камала Харис нарекувајќи ја „неспособна“ и оцени дека „5. Ноември ќе биде најважниот ден во американската историја“.Демонстрации на жени беа организирани во неколку американски градови, додека одбраната на правата на абортусот беа во центарот на кампањата бидејќи демократите сметаат на овие гласови.

За време на гостувањето на Фокс њуз, Трамп критикуваше една изборна реклама на демократите на која се прикажани жени како гласаат за Камала Харис, без очигледно да им кажат на своите сопрузи.

„Можете ли да замислите жена да не му каже на својот сопруг за кого гласа? Тоа е смешно“, рече Трамп.

Тој ги нарече податоците за работните места полоши од очекуваното и оцени дека тие се „подарок“ за неговата кампања, иако експертите велат дека тоа е привремена флуктуација. Трамп предвиде дека ќе дојде до депресија како онаа во 1929 година доколку биде избран неговата претседателскса противничка.

Од друга страна актуелната потпретседателка дополнително ја забрза својата кампањ. Во последната реклама за кампањата, таа ги потсетува граѓаните на САД дека „имаат многу повеќе заедничко од она што ги дели“.

„Посветена сум да бидам претседател на сите Американци“, вети таа против нејзиниот противник, кого го опишува како „нестабилен и опседнат со одмазда“ на изборите во 2020 година, кои ги загуби од Џо Бајден, пораз кој никогаш не го призна.

„Ќе победиме затоа што знаете за што се залагате“, порача Камала Харис во Атланта и ги повика гласачите „конечно да ја затворат деценијата на Доналд Трамп“, која, како што потенцираше ги заморила американците.

Изборната кампања во 2024 година, која ја следи целиот свет, особено Европа и Блискиот Исток, беше посебна по многу нешта, за неколку недели ова лето, 81-годишниот претседател Џо Бајден се откажа од трката и ја препушти на својата Потпретседателката Камала Харис, додека пак републиканскиот кандидат Трамп беше мета на два обиди за атентат.

Доналд Трамп по атентатот/Фото: EPA-EFE/DAVID MAXWELL

Оттогаш, двајцата противници прават се што можат за да привлечат жени, млади луѓе и афроамерикански, арапско-муслимански и латино гласачи.

Изборите кои ќе се одржат во вторник би можеле да бидат толку оспорени во политички поделена земја што може да поминат неколку дена пред да бидат познати конечните резултати. Повеќе од 73 милиони Американци веќе гласале по пошта или предвремено гласање.

Од таборот на Доналд Трамп веќе почна да пуштаат наводи за наводни неправилности, за изборна измама при спроведувањето на гласањето, пишува France Presse.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот