Хамилтон и следната сезона во болидот на Мерцедес?!
Шефот на екипата на Мерцедес, Тото Волф, е убеден дека Луис Хамилтон и следната сезона ќе бози за германскиот тим.
Седумкратниот Формула 1 шампион кој оваа сезона има шанса да се запише во историјата како возач со највеќе титули, неодамна потпиша само едногодишен договор со тимот на Мерцедес.
За многумина овој потег значеше дека 36-годишниот Хамилтон се подготвува за пензија или планира да ја исполни големата желба, барем една сезона да вози за Ферари.
Но, првиот човек на Мерцедес, Тото Волф нема дилеми и тврди дека Британецот и следната сезона ќе вози за германскиот тим.
– Мислам дека сме во многу добра позиција и дека нашата врска расте од година во година. Прашање на време е кога ќе ги започнеме разговорите, а тоа е нешто со кое многу брзо ќе почнеме да се занимаваме – изјави Волф.
Хамилтон моментно е лидер во генералниот пласман со 69 бодови, тој победи на две од првите три трки сезонава. На второто место се наоѓа големиот конкурент Макс Ферстапен со 61 бод.