Груби: Опозицијата да не нè држи во заложништво, пратениците ќе добијат пет предлог-закони со европско знаменце

Фото: Влада на РСМ

Мора да биде јасно дека роковите апсолутно не нè газат, бидејќи Договорот е потпишан во согласност со постојното законодавство. Во него нема конкретен датум, а пеналите како збор не постојат. Но, ако сакаме побрза градба, ќе мора да пристапиме кон измена на законите, посочи вицепремиерот Артан Груби

Пет предлог-закони усвоила Владата и тие ќе им бидат доставени на пратениците со европско знаменце, соопшти првиот вицепремиер Артан Груби на прес-конференција, замолувајќи ги пратениците да не ја поскапуваат изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Тој повтори дека граѓаните не смеат да изгубат уште две години и 150 милиони евра средства од Буџетот, заради дневнополитичките поени на опозицијата. Според Груби, пратениците треба да решат дали ќе градиме побрзо или поевтино, или поскапо и побавно. Инаку, првиот вицепремиер им се извини на новинарите и на јавноста, ако како Влада не успеале во целост, доволно јасно да ги претстави одредбите од потпишаниот Договор со конзорциумот „Бехтел и Енка“.

– Опозицијата ги држи блокирани осумте закони што ги предложивме за да имаме побрза и поефикасна градба. Измените на законите не ги бараат „Бехтел и Енка“, туку државата, институциите и индустријата. Досега имавме неколку средби со координаторите на политичките партии и предлагавме законите да бидат ставени на дневен ред на собраниските комисии, но ВМРО-ДПМНЕ не сака да не слушне и ги блокира законите. Затоа Владата на седница усвои 5 предлог-закони кои ќе бидат доставени во Собранието со европско знаменце. Мора да биде јасно дека роковите апсолутно не нè газат, бидејќи Договорот е потпишан во согласност со постојното законодавство. Во него нема конкретен датум, а пенали – како збор не постојат. Но, ако сакаме побрза градба ќе мора да пристапиме кон измена на законите – посочи Груби.

Според министерот за транспорт Благој Бочварски, Македонија веќе нема време за калкулации за тоа какви автопатишта ни требаат. „Бехтел и Енка“ почнала со мобилизација, наскоро ќе стартува и проектирањето, а на 12 мај ќе почне и градбата на делницата Прилеп – Битола.

– Мора да решиме дали ќе останеме заобиколница во Европа или ќе бидеме крстосница за паневропските коридори. Соседите се далеку пред нас и лесно може да се случи дел од коридорите да се преместат на друга траса. Со измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање се уредува нов модел на планирање и градење, кој првпат ќе се користи кај нас и кој би ги дал најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа за реализација на Коридорот 8 и Коридорот 10-д. Градби од стратегиски интерес се само оние државни патишта и магистрални гасоводи, чија изградба како градби од јавен интерес е предвидена со урбанистички проект за градби од стратегиски интерес – појасни Бочварски.

За министерот за финансии Фатмир Бесими е важно дека ниедна компанија не е ослободена од данок на личен доход и персоналец, туку ќе бидат ослободени од давачките за промет, за поевтина и побрза градба. Според Енвер Хусејин, заменик-министер за труд и социјала, во измените на Законот за работни односи, се зборува за прекувремена работа, која отсекогаш постоела во градежништвото, а тоа не значи 60 часа неделно и не значи дека во текот на целата година ќе има толку работа за нив.

– Зборуваме за дополнителна, прекувремена работа во целата година. Но знаете дека во градежниот сектор сè зависи од временските услови, што значи дека ќе има и денови кога нема да се работи и ќе нема потреба од прекувремена работа. Секој работник ќе потпише договор и никој нема сосила да работи, а ќе има и слободен работен ден – рече Хусејин.

Ејуп Рустеми, директор на ЈПДП, рече дека имаат доволно капацитети и ќе се вработат нови 28 лица, поголем број инженери, архитекти, електроинженери и инженери еколози, кои ќе го сочинуваат посебниот тим што ќе ја следи реализацијата на проектот.

– Со формирањето на посебниот тим, ќе бидеме целосно екипирани и подготвени – оцени Рустеми.

Груби информира дека владината седница почнала со изразување едноминутно молчење за загинатите во двата немили настана во Србија, како и дека сите домашни ресорни министерства известиле за нивните тековни напори да не се случи такво нешто во земјава.

Од Делегацијата на ЕУ за „Слободен печат“ : Не е оправдано европското знаме на предлог-законите за коридорите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот