Грижата не значи пилата в раце!

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Дали овие луѓе се стручни и како ја утврдиле состојбата на дрвјата што ги означиле за сечење, не е познато. Од око ли им земале мера, во гравчиња ли гледале, така ли им се сонило?

Тажно изгледа улицата Орце Николов откако исекоа дел од старите и, како што велат надлежните, болни и шупливи дрвја од дрворедите. Гола, испустена и без душа. Од Општина Центар ветуваат дека ќе засадат нови дрвја на местото на исечените. Но, години и години ќе треба за да пораснат и да развијат крошни, за во топлите месеци да разладуваат со своите сенки и да ги пружаат сите други благодати што ги дава зеленилото за животот на еден град.

За жал, и дрвјата имаат свој животен век. Стареат, се разболуваат, им се сушат гранките, стеблата и, реално, дел од нив навистина претставуваат опасност за граѓаните при малку посилен ветар. Познато е дека по секое невреме во Скопје, најголем дел од пријавите од граѓаните се поради искршени и паднати гранки од дрвја и искорнати стебла.

Она што низ годините за граѓаните е загатка е кој точно се грижи и кој ја утврдува состојбата на дрвјата што се дел од јавниот зелен фонд на градот. Како се утврдува дали се болни или здрави, како се прави таа процена? Дали луѓето што го ставија својот потпис на записникот од увидот на дрвјата на Орце Николов се доволно стручни за тоа да го направат? Направена ли е фитопатолошка анализа? Се направи ли обид за лекување на заболените дрвја пред да стигнат во фаза во која единствено решение била – пилата.

Градот и општините постојано се повикуваат на транспарентност, на соработка со граѓаните, демек работат по принципот – нема што да се крие, сѐ е јавно. За жал, транспарентноста на локалните власти е многу „растеглив“ поим и се прилагодува по потреба. Односно, транспарентни се во својата работа онолку колку што тие сакаат да кажат, а не колку што граѓаните (кои, всушност, се нивни избирачи) сакаат и имаат право да знаат.

Во последниов случај со исечените дрвја на Орце Николов целосните одговори не стигнаа до скопјани. Најпрво жителите алармираа за тоа што се случува на улицата, па потоа реагираа разни здруженија и иницијативи што се грижат за здравиот живот во градот, медиумите почнаа да прашуваат, па дури и на протест се побара „пилите да стивнат“, за конечно Градот да реши да ги објави документите, односно издадените решенија за сечење.

Е таа „документација“ се состои од две барања од Општина Центар за сечење на сувите дрвја, две решенија со кои градоначалникот Шилегов одобрува да се исечат 16 дрвја и записник од извршен увид потпишан од двајца – еден од Секторот за комунални работи на Град Скопје и еден од „Паркови и зеленило“. Тие, всушност, им пресудиле на дрвјата, кои како што констатирале биле целосно суви и им била распукана кората.

Дали овие луѓе се стручни и како ја утврдиле состојбата на дрвјата кои ги означиле за сечење, не е познато. Од око ли им земале мерка, во гравчиња ли гледале, така ли им се сонило? Притоа, како што сите разбравме, не се консултирани ниту фитопатолозите од Шумарски факултет.

Недозволиво е со два потписа и со две реченици да се дозволи да се сечат дрвја стари со децении. Остареа ли тие и се „разболеа“ баш кога требаше да се изврши реконструкцијата на улицата? Или дури тогаш некој ја забележа нивната состојба?

Скопје има и Зелен катастар, во кој за секое дрво во градот треба да стојат податоци за видот, староста, болестите, но и податоци за тоа дали се интервенирало на дрвото, се лекувало ли, се кастрело, односно дали се презело сѐ што треба пред, во краен случај, да се донесе решение за негово сечење. Катастарот постои, но не се ажурира.

Надлежните мора да престанат со „лабавиот“ однос кон дрвјата кои се непроценливо богатство за Скопје. На голем дел од нив уште не им ги ослободија забетонираните корени и така ги оставаат да се уништат! Ги сечат при реконструкции, при изградба на згради, затоа што ете, двајца ќе „утврдат“ дека се стари и не ги бива.

Доста е веќе! Дајте малку посериозен однос кон зеленилото во градот. Оти Скопје нема да стане зелен град со празни зборови и ветувања, туку со грижа кон секое дрво. А грижата не значи – пилата в раце! Тоа мора да е крајно решение, откако се презело претходно сѐ друго што било неопходно за да се зачува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот