Грипот прво навали, па чудно го снема кога почна пандемијата

Грипот задоцни годинава и чудно го „снема“ со доаѓањето на пандемијата, иако според статистиката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажал висока заразност, со голем број пријавени случаи.

Епидемиолозите коментираат дека сезоната 2019-2020 се одликува со задоцнет почеток и задоцнет пик на заболувањето на грипот – во седмата и во осмата недела од 2020 година. Предвременото нагло намалување на пријавувањето случаи на грип, како и лабораториското тестирање, се поврзува со почетокот на пандемијата на ковид-19.

Повеќе од 33 илјади грипозни, само три смртни случаи

Вкупно 33.171 лице заболеле од грип или од болест слична на грип во сезоната 2019-2020. Во споредба со истиот период од минатата сезона, зголемен е бројот на пријавени случаи за 54,1 отсто. Најголем број заболени лица вкупно оваа сезона се пријавени во Скопје 6.048, потоа во Струмица 3.210, па Велес 2.822, Кавадарци 2.720, Куманово 2.550, Битола 2.432, Тетово 2.298… Ако се соберат, излегува дека во цела 2019 година имало 21.141 заболен од грип, а од јануари до денес дури 32.343!

Сезоната на грип била најинтензивна на територијата на Кавадарци, а со нешто помал интензитет во неколку центри за јавно здравје од Источна Македонија, како Струмица, Кратово и Свети Николе, но и во подрачната единица на Дебар, во западниот дел на Македонија.

Според возраста, најголем број заболени се пријавени во групата од 15 до 64 години, односно 17.060 случаи. Вкупно, во сезоната 2019-2020 се регистрирани 10.016 болни деца од грип или од заболувања слични на грип, на возраст од 5 до 14 години.

Интересно е тоа што за сезоната 2019-2020 година, дури 98 отсто од болните од грип се регистрирани во 2020 година, а само 2,5 проценти во 2019 година. Од вкупниот број заболени лица, во 2019 година се регистрирани 828 лица, а преостанатите 32.343 лица во 2020 година.

Највисокиот пораст, односно пикот на заразата, како што велат од ИЈЗ, е достигнат во седмата и во осмата недела од 2020 година, неколку недели подоцна од очекуваното. Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци укажува на постепен пораст на заболените во јануари и достигнување врв во февруари.

Во текот на сезоната 2019/20 се регистрирани вкупно три смртни случаи, поврзани со грип. Станува збор за лица на различна возраст, од 14 до 85 години, од Скопје, Кочани и од Пробиштип, кои биле хоспитализирани на различни клиники на Клиничкиот центар ,,Мајка Тереза“ во Скопје. Кај сите починати е утврдено присуство на коморбидитети и ниеден од нив не бил вакциниран со вакцина против сезонски грип. Кај трите лица лабораториски е потврдена инфлуенца.

Вакцината најдобра заштита

Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. ИЈЗ препорачува вакцинација на целото население, особено на лица што припаѓаат на ризичните групи, односно лицата повозрасни од 65 години, децата на возраст од 6 до 59 месеци, лицата постари од 6 месеци со хронични болести, бремените жени и здравствените работници.

За приоритетните групи Министерството за здравство набавило 28 илјади дози вакцина против грип, а дополнителни 20.800 вакцини набавиле центрите за јавно здравје во земјава. Вакцината ја примиле 28.664 лица, а во однос на комерцијалните вакцини, вакцинирани се дополнителни 14.975 лица.

ИЈЗ во својата споредбена анализа за тоа колку случаи со заболувања слични на грип се пријавени во 20-тата недела годинава во споредба со 20-тата недела лани, истакнува дека бројот е помал за 63 отсто. Имено, од 11 до 17 мај годинава пријавени се 11 случаи со заболувања слични на грип, а во ланската сезона во истата недела имало 30 случаи. Оваа недела во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ не се пристигнати материјали за тестирање на грип.

Најголем број од пријавените во оваа недела – седуммина – се од подрачјето на Центарот за јавно здравје Прилеп. Во 20. недела, најголем број од заболените, односно шест, се од возрасната група од 15 до 64 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот