Грипот ги изненади здравствените власти, мерки за заштита сè уште нема

Иако две до три недели интензивно расте бројот на заболени, училиштата се празни заради големиот број отсутни деца, засега нема никакви препораки за заштита и намалување на штетните последици.

Веќе две до три недели интензивно расте бројот на заболени од сезонски грип, регистрирани се и две жртви, а здравствените власти сè уште немаат преземено некакви мерки со кои би се намалиле штетни последици по здравјето од ова заболување. Како што информираат од Министерството за здравство, Комисијата за заразни заболувања утре ќе има состанок на кој ќе се разговара за тоа што ќе се преземе во врска со грипот. Затворање на училиштата не се очекува, но би требало барем да се забранат посети во здравствените установи.

Денеска од Клиниката за инфективни болести информираа дека во текот на вчерашниот ден се прегледани 24 пациенти со грип. Хоспитализирани се вкупно 36 пациенти со грип и компликации. На Одделот за интензивно лекување, сè уште се наоѓа 38-годишниот пациенти, чија состојба е подобрена, но сè уште животозагрозувачка состојба. Како последица на  грип до типот AH1, тој има масивна пневмонија и е на механичка вентилација.

На оваа клиниката викенд почина 86-годишен пациент со масивна бронхопневмонија како компликација од грип од типот AH1. Пациентот имал и деменција и претходно прележана туберкулоза.

Од Клиниката нема одговор на прашањето дали пациентите кои доаѓаат со компликации од грип навреме побарале лекарска помош или можеби предолго се обидувале сами да го излекуваат грипот па затоа дошло до компликации. Не јасно е и дали пациентите во потешка состојба се во ризична група или пак не, што исто така може да биде показател за тоа како здравствениот систем се справува со пациентите со инфлуенца.

Тоа е втор смртен случај од компликација од грип по минатонеделниот кога девојче почина на Универзитетската клиника за детски болести.

На Детската клиника сега има 13 пациенти со докажана инфлуенца, a 11  со симтоми на грип. Иако пациентите се со компликации засега немаат никој во животно загрозувачка состојба.

Како што велат упатените досега здравствените власти требаше поинтензивно со јавноста  да ги комуницираат општи препораки да ја подигнат свеста за опасностите од грип, да ги стават во алерт фаза здравствените установи и лекарите за поголема будност, за да не падне целиот терет на Клиниката за инфективни болести, а досега требаше да се забранат поети во болниците.

Кои мерки ќе се донесат утре засега не се открива, но затворање на училиштата како што неофицијално дознаваме засега не се планира.

Утре треба да биде готов и новиот извештај на Институтот за јавно здравје кој ќе ги даде најновите бројки за заболени од грип. Според последните бројки во сезоната 2019/2020, вкупниот број на случаи на грип/ заболувања слични на грип изнесува 10.757.

Годинава доцнеше и набавката на вакцини за сезонски грип. Така вакцинирањето почна кога веќе беа  регистирани и првите случаи на грип.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот